[Став] Што бараат младите за да останат во Македонија?

Секој млад човек сака да остане во својот роден крај, без да го бара спасот надвор во странство. Во последните три децении се има појавено поголемо незадоволство од страна на младите, и во последните неколку години истата се уште не е намалена.

За да ставиме крај на ова, треба да дефинираме што сакаат младите ( и јас како млад човек) со цел да не ја напуштат Македонија и да заминат во друга земја.

1. Квалитетен и бесплатен образовен систем

Младите бараат реформиран, квалитетен и бесплатен образовен систем. Потребен е начин на функционирање кој ќе ги понуди потребните вештини на сите млади луѓе со цел да се создадат способни граѓани и да бидат целосно интегрирани во општеството, без разлика дали тоа ќе е работа со одлични услови или пак да започнат свој бизнис. Во систем каде наставниците и професорите се ограничени со ресурси и можности, истите немаат можност правилно да го пренесат своето знаење и искуство врз учениците и студентите. Исто така важно е државата да ги ослободи сите ученици од партиципација, од градинка до докторат. Дигитализација, пракса, можности за стекнување и развивање на круцијални вештини кои ќе им служат на младите се најважни за еден современ и егалитарен образовен систем.

2. Учество во локално и национално ниво – креирање на политики

За да им се помогне на младите или на целото општество како целина, потребно е вклучување на сите возрасни групи, од најмлади до најстари, за да се видат сите перспективи и решенија за многу проблеми. Ако оставиме постари луѓе да донесуваат одлуки што ќе влијаат врз младите, без никакво консултирање со младите или пак немаат никакво познавање на темите кои ги засега младите, тогаш може да се каже дека истите „реформи“ ќе бидат безуспешни. Добар чекор кон ова е отварање на младински центри во сите градови и вклучување на кадарни млади луѓе во советничките листи на локални избори.

3. Перспектива во Македонија (пристојна работа, просперитет, услови за живот)

Во сите истражувања направени на тема млади и дали тие гледаат иднина во Македонија, бројќите секогаш разочаруваат. Огромен дел од младите луѓе веруваат во тоа дека нема иднина или перспектива во нашата држава. Време е тоа да се промени. Младите бараат пристојна работа – шанса за напредок во својата кариера, вработување да биде преку мерит-систем наместо партиски, и секако добри работни услови.

За да може млад човек да гледа просперитет во својата држава, потребни се следните: квалитетен образовен систем, економски услови каде може да се вработи без партиска книшка, да отвори свој бизнис со соодветна поддршка од страна на институциите и со поттикнување на критичко и иновативно размислување. Само на овој начин ќе се појави волја кај младите да останат во Македонија, со огромни амбиции и надеж за подобро утре.

Пишува: Јовица Јанковиќ, колумнист и младински политички аналитичар