[Став] Секој човек е новинар

[Став] Секој човек е новинарСекој пат кога некој ќе ми спомне за нешто што гледале на телевизија, одма ми текнува на песната „Nobody Home“ од Pink Floyd, поточно на стихот: „Got thirteen channels of shit on the TV to choose from“. Добро, работите се променија малку од 79та година. Не се повеќе 13 канали, повеќе од 30 се (зборувам за телевизијата во нашава мила држава).

Е сега, запрашајте се колку од тие се различни едни од други и дали ви сметаат?!

Телевизијата во Македонија е дојдена на такво ниско ниво што нема потреба од различни ТВ канали. Сите истото го емитуваат, никој повеќе не се труди (а и прашање е на колку кој е способен и сака) да каже, пренесе и да ја информира јавноста за реалноста. Добро добро, знам, ако не ти чини не гледај телевизија, слушај радио или седи на интернет. И? Зарем некој има аргументи да ме убеди дека е поразлична ситуацијата? ФМ радио фреквенциите или се пренатрупани со небитни информации (која каде се соблекла и што направила) или реклами слушаме 80% од времето за работи кои не ни се ни потребни. Интернетот од друга страна пак, има премногу голем избор на податоци што веќе човек да не знае кој е објективен, а кој не е…

Поентата на целиот овој мал бекграунд што го давам е следната: Колку од вас имате смартфони, таблети, лап-топи, компјутери? Колку од вас имате твитер, фејсбук, инстаграм, гугл плус, фликер? Колку време во денот сте активни на социјалните мрежи и споделувате слики од слатки мачиња, кучиња, зајачиња или разговарате од комшијата па се до другарката која е на ворк енд травел?

Во светов постои нешто што се нарекува „граѓанско новинарство“. Познатиот професор Џеј Розен (кој е професор по новинарство во Универзитетот на Њу Јорк) ја даде наједноставната дефиниција: „Кога луѓето што беа порано публика почнуваат да ги користат новинарските алатки во нивна сопственост да се информираат едни со други“. Еве ви само неколку примери за тоа: Арапската пролет, движењето „Occupy Wall Street“, Gezi Park протестите во Турција и во најскоро време протестите во Украина. Сите овие го имаат заедничко тоа што цел свет се информираше за ситуацијата најмногу преку социјалните мрежи, додека меинстрим медиумите во тие држави не прикажуваа ништо од проблемите. Народот се обедини поради тоа и се повеќе и повеќе ја прикажуваа ситуацијата со по една-две фотографии направени на самиот настан.

Тоа е тоа што и недостига на Македонија. Една слика, твит или пост не менуваат ништо, ама 100 слики, твитови и постови можат да ја започнат промената. Таа моќ е во нашите раце, одвоете време помеѓу споделувањето мачиња, кучиња на фејсбук да се обратите за реалните проблеми. Додека пешачите и видите нешто дека се случува, сликајте, твитнете, пренесете… Мислите дека ви е потребно сериозна и скапа опрема за телевизија или радио да направите? Апсолутно не. За радио ви е доволно компјутер и микрофон и ете ви интернет радио. Зборете на која тема сакате, пуштајте каква музика сакате. И за телевизијата не е поразлично, снимајте се со камерата на вашиот смартфон и правете видео подкасти на која тема сакате и споделувајте ги.

Дали сега почна да ви пречи тринаесет каналното с**** на медиумите…???

Дали сфаќате колкава моќ е во вашите раце…???

Автор: Николај Митрески