[Став] Регионалната младинска соработка – тајна за младите од Македонија

Низ учење на полугодија или семестри во странство, волонтерски, културни и спортски размени, обуки и конференции и многу други активности, илјадници млади од Македонија и соседните земји ќе може да се запознаат, да ги искусат туѓите култури и соработуваат. Оваа политика е веќе реална, но проблемот е што многумина не знаат за неа, пишува Дона Костуранова, извршен директор на Младинскиот Образовен Форум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Малкумина знаат дека претстои нешто многу значајно за младите од Македонија и регионот во следниве години, што ќе биде сосем нова можност за многу млади. Мислам на Регионалната канцеларија за младинска соработка за западен Балкан (накусо – РИКО). Иако името звучи навидум административно, практично ова е една од најзначајните активности која ќе овозможува мобилност за млади преку границите на земјите од регионот.

Единствено од Македонија нема официјални учесници, затоа што институциите не се одзвале на поканите. Дали немало интерес, време или волја да се работи на ова не знаеме, но јасно е дека политички Македонија покажала незаинтересираност за ова прашање и што тоа значи за нејзините млади.
Оваа канцеларија е всушност процес чиј развој е веќе почнат и треба да им овозможи на илјадници млади од регионот да патуваат во другите земји. Низ учење на полугодија или семестри во странство, волонтерски, културни и спортски размени, обуки и конференции и многу други активности, илјадници млади од Македонија и соседните земји ќе може да се запознаат, да ги искусат туѓите култури и соработуваат. Оваа политика е веќе реална, но проблемот е што многумина не знаат за неа.

Поради генералното отсуство на инфомрации на едно место за овој процес, ќе споделам хронолошки дел од клучните степени на развој на настаните поврзани со РИКО.

Почетокот

РИКО е една од политиките кои влечат почеток од Берлинскиот процес. Концептот за РИКО го осмислува неформална група на претставници на институции и младински невладини организации од земјите од западен Балкан. Единствено од Македонија нема официјални учесници, затоа што институциите не се одзвале на поканите. Дали немало интерес, време или волја да се работи на ова не знаеме, но јасно е дека политички Македонија покажала незаинтересираност за ова прашање и што тоа значи за нејзините млади.

Потпишувањето

На Самитот за Западен Балкан кој се одржа во Виена ова лето со политичките лидери од регионот, еден од документите кои се потпишаа од лидерите е декларацијата за младинска соработка или основачкиот документ за РИКО. Од тогаш досега, иако стои и македонската поддршка на документот, никој од институциите ја нема известено македонската јавност и младина за оваа можност која се отвора. Додека во Србија, Албанија, па и другите земји има интензивна дебата – дури и на најависоко ниво премиерите зборуваат за ова, кај нас има информациски мрак.

Номинациите

Она што било следен чекор по потпишувањето на декларацијата за сите земји е да номинираат двајца свои претставници – еден кој ги претставува институциите и еден кој ги претставува младинските и граѓанските организации. Овие лица ја имаат обвската и мандатот да осмислат што ќе работи РИКО, каде ќе фунционира, како ќе се финансира – да ги постават темелите. Спротивно на искуството со досегашното неприсуство на настаните за РИКО, Македонија веднаш ги дава своите номинации. Она што ја издвојува нашта земја е што е единствена која нема никаков процес пред номинација на претстаникот на младинските организации. Додека другите земји отвораат повик со критериуми или, пак, како во Србија делегираат обврски на тамошниот национален младински совет – КОМС да го направи изборот, Македонија го номинира претставникот на граѓанските организации избран зад затворени врати, а граѓанските младински организации ниту беа информирани, ниту прашани што мислат.

Реакциите

Додека младинските организации запознаени со ова прашање диускутираа како да го направат прашањето јавно и да ги консултираат другите, станавме свесни дека претставник во наше име е веќе избран. Повеќе организации пристапија до Националниот младински совет на Македонија да побара објаснувања од институциите. Објаснувања беа побарани од надлежните институции, но одговорите беа слични – не сме надлежни.

Консултациите

Во отсуство на каква било информација од институциите – што е РИКО, што сакаме, како да се вклучиме, Националниот младински совет ја организираше првата јавна консултација на оваа тема, на која им даде збор и на институциите. Наместо самите институции да го направат настанот и да ги поканат младите, работите беа обратни. На овој настан фасилитаторите на процесот и претставниците од КОМС споделија сè што би требало да знаеме, а никој не ни кажал. Претставничката на институциите и претставникот на невладините организации уверуваа дека се тука за процесот, иако досега надлежните институции не покажаа транспарентност или посветеност.

Иднината

Додека го читате ова делегираните претставници од сите земји веќе ја имаа втората средба каде го осмислуваат концептот за РИКО. До март треба да ја завршат својата работа и да го постават костурот на оваа канцеларија.

Со сите информации на ум, тешко е да претпоставиме што ќе обезбеди Македонија за своите млади и за што ќе се застапуваат претстаниците назначени од институциите.

Она што останува на јавноста, граѓанските организации, формите на младинско здружување и самите млади е да не дозволуваат некој да го одземе процесот и можностите од нивни раце. Треба да се информираме за РИКО. Треба да бараме транспареност во сите инстанци. Да не дозволиме да бидеме исклучени. Да не дозволиме да бидат запоставени нашите интереси.

Многу од можностите зависат од политичката волја на институциите, да направиме да зависат и од нас.