Според теориите за „мултиверзум“, кои добиваат сѐ повеќе следбеници дури и во научната заедница, ние живееме во само еден од многуте или бесконечно многуте универзуми и димензии кои постојат.
Овие теории се омилени кај креаторите на научна фантастика бидејќи добиваат едноставна „научна“ можност да нѐ пренесат во алтернативни реалности. Една од првите популаризации на „паралелните светови“ е и безвременскиот „Доктор Ху“ (Doctor Who) кој во раните 70-ти ја шокираше британската публика транспортирајќи ја во паралелен свет каде со В. Британија владее фашистичка влада и кралската фамилија е егзекутирана. Основната идеја им е веројатно инспирирана од „Човекот од високиот замок“ на Филип. К. Дик, култна дистописка СФ новела од 1962 која конечно добива своја екранизација.
Ако веруваме на оваа теорија, на пример, постои и паралелна реалност каде што спорот со името е решен од 2009 и веќе сме членка на ЕУ како Хрватска, наместо владеачката гарнитура да потроши милијарди евра народни пари во подигнување на гигантски среден прст кон Грција на плоштадот на Скопје и уште толку на прислушкување на 10% од сопственото население, замолчување на критички настроени медиуми, местење на избори, местење на тендери, местење на судии и сите други работи кои се ставаат во комбинираниот сендвич наречен „меѓународно изолиран режим“ и „заробена држава“. Можеби некако сме се нашле во погрешниот универзум, но поверојатно е дека сами сме го дозволиле.
Некои од нас израснаа со фамозните „Лизгачи“ (Sliders), а годиниве омилени се „Рик и Морти“ (Rick and Morty), кои само со две сезони се на добар пат да изградат глобален култ.
Супергенијалецот Рик измислува портал-пиштол (portal gun) и заедно со неговиот помалку мутав внук Морти тргнуваат во авантури во разни бизарни и гротескни паралелни светови и планети, како на пр. универзум каде што по грешка сите суштества изгледаат како од хорор филм на Дејвид Кроненберг, универзум каде што пиците нарачуваат луѓе или пак свет чија целосна географија се состои од задници.
Ние, за жал, не го поседуваме портал-пиштолот на Рик па мора да бидеме екстра внимателни што правиме или не правиме за нашата реалност да стане ваква или онаква, бидејќи немаме лесен начин да се транспортираме од една реалност во друга што повеќе ни се допаѓа. Ваквиот дефицит од портал-пиштол мора да го надокнадиме со „одговорност“ и „разум“.
На 30-ти септември нашата држава, се соочува со историски референдум и одлука, не само според владините гласноговорници, туку и според многу светски лидери кои и самите веројатно ќе станат дел од историјата. Со други зборови, тоа што ќе се случи оваа недела ќе определи во кој од неколку паралелни универзуми ќе живееме, па на некој начин референдумот може да го сметаме и како „портал-пиштол од Али Експрес“.
За да претпоставиме како ќе изгледаат овие универзуми, ќе мора да го консултираме „разумот“.
Јас лично го преферирам универзумот каде што референдумот ќе биде успешен и ќе победи мнозинство гласови ЗА. Разумот, а и самите лидери на ЕУ и НАТО нѐ уверуваат дека е невозможно да влеземе во нивните организации без да го прифатиме овој договор со Грција и дека подобар договор можеби можело да се постигне (во тој паралелен универзум од 2009), но од оваа точка натаму дури ни во паралелен универзум не е можен подобар договор. Искрено, не гледам ниедна причина зошто да не им веруваме дека се сериозни во нивните изјави и заклучоци.
Разумот ми вели дека со прифаќање на договорот ќе тргнеме на еден трнлив, но перспективен пат до полето за културен натпревар на народите, наречено Европска Унија. ЕУ во меѓувреме, освен што финансиски значително ќе ни помогне – ќе води строг мониторинг за реформите кои ќе мора да ги тераат сите идни влади.
Во врска со идентитетските дилеми – горчливата промена на уставното име на државата е добро балансирано (се вика компромис!) токму со признавањето на македонската националност и јазик. Многу луѓе здраво-за-готово го сфаќаат фактот дека светот нѐ нарекува Македонци, а не се свесни, на пример, дека нашиот идентитет не се брани на плоштадот во Скопје туку со сите македонски филмови, македонски книги, македонски спортски успеси, македонски успешни луѓе итн.*
Од разумот, следи и одговорноста – а тоа е дека на 30 септември ќе излезам и ќе гласам ЗА.
Противниците на договорот (оние кои ќе гласаат ПРОТИВ) и противниците на референдумот (оние кои ќе бојкотираат) и не понудија баш некои привлечни или пак веројатни алтернативни универзуми. На пр. во еден од нив јадеме корења, во друг од нив некако магично истите луѓе кои ја доведоа земјата до меѓународна изолација сега суперхеројски извлекуваат подобар договор, во трет цела меѓународна заедница колективно се засрамува итн. Најзанимлив ми е бојкотирачкиот паралелен универзум, каде што некако неискажувањето било каков став сите колективно треба да го сфатиме како гласање против. Ова бара бујна имагинација.
Јас сум склон да верувам дека доколку не го искористиме овој историски момент и конечно го затвориме ова поглавје од нашата историја – ќе се најдеме во (би)националистичкиот режимски вртлог кој ги одбележа изминатите 11 години, но значително акцелериран. Со други зборови, нашата држава сѐ повеќе ќе наликува на светот на задници од Рик и Морти.
Затоа, ве повикувам да го следите разумот, и да ја следите одговорноста на претстојниот референдум. Или итно да се нафатите во изработка на портал-пиштол.
* Мнозинството не се свесни дека во еден нетолку неверојатен паралелен универзум, белосветската мрежа досега ќе нѐ викаше „Македонски Словени“ – доколку во 2005 авторот на текстов со уште неколкумина не истераа неколкумесечен спор на англиската Википедија за називот на нашиот народ, каде недвосмислено „се одбрани идентитетот“. Бранењето на идентитетот изгледа дека е макотрпна работа, а не терање инает.
Слободан Јаќоски
* Колумната е објавена како дел од акцијата „Мисли на глас“ на Младински образовен форум во рамки на граѓанската иницијатива „Зачекори напред! Изборот е твој“. Објавените содржини не секогаш ги одразуваат ставовите на Радио МОФ и Младински образовен форум.