[Став] Рециклирањето не е решение за пластиката, треба да запре нејзиното производство

Одете во кујната, отворете го фрижидерот и шкафовите и извадете се што е направено од пластика. Спакуваните тестенини, оризот (или киноата, ако тоа ви е филмот), шишињата со маслиново масло или соја сосот, сирењето, тетрапак млекото и сокот, спакуваното месо и риба, кесичките со спанаќ, спакуваните авокадо, чери домати, билки и зачини, детергентот за миење садови, сунѓерот… Листата продолжува – и тоа е само во едната соба.

Но, тоа е во ред, нели? Затоа што рециклирате? Или барем така оди приказната со која ни го перат мозокот за да прифатиме дека ако добиеме повеќе корпи за отпадоци и го селектираме нашето ѓубре, тоа ќе биде однесено од фини луѓе кои магично ќе направат да исчезне без никакви негативни последици. Рециклирањето е напредната верзија од нашето затворање на очите и со прстите во уши извикуваме „лалалала!“. Во меѓувреме нашиот морски свет забрзано станува загрозен, нашиот воздух е толку загаден што границите стануваат смешни, природните катастрофи се повеќе уништуваат и се разбира, планетата се доближува до „катастрофални“ нивоа на глобалното затоплување.

Денес, сепак, некои од нас се разбудија. Веста дека владата размислува да го смени начинот на кој пластиката се рециклира во Англија поттикна прашање за тоа како точно се рециклира – чиј одговор е дека воопшто не е ефективно.

Од целата пластика што ја најдовте во кујната, две третини не можат да бидат рециклирани (ако внимателно ги погледнете пакувањата, ќе видите колку од нив велат „моментално не може да се рециклира“, некаде напишано со микроскопски текст.) Дури и термичката хартија на која обично се печатат вашите сметки при купување не можe да се рециклира.

Мора да ги отвориме нашите очи кон реалноста за тоа колку пластика завршува на депониите, но можеби уште поважно, мора да се разгледа идејата за рециклирање. Кога станува збор за пластика, тоа не е решение – тоа е последно средство.

Рециклирањето не е нешто што владите или хуманитарните организации го прават поради нивната добрина – тоа е индустрија вредна милијарди долари глобално.

Падот на цените на нафтата или промената во политиката за заштита на животната средина во Кина има моќ да го направи рециклирањето на пластика многу помалку профитабилно за компаниите што го прават тоа, честопати правејќи да не е вредно за нивното време. Како резултат на тоа, 70 проценти од потенцијалнaта рециклирана пластика во Европа завршува на депонија, во океани или се согорува, што доведува до ослободување на штетни отрови во животната средина.

Пластиката – за разлика од стаклото или металот – не може да се рециклира бесконечно, и по неколкупати ќе биде отфрлена, а разградувањето трае со векови. Едно пластично шише за вода ќе остане на планетата во некоја форма најмалку 450 години.

Дури и ако пластиката е лесна за рециклирање и може да се преработува бесконечно, таа сè уште се произведува од сурова нафта која често се добива со „fracking“, еден од процесите кои се најштетни за околината и што произведуваат емисии на јаглерод и ги загадуваат околните површини.

Јасно е дека нешто треба да се промени, а тоа не е рециклирањето. Ако сакаме навистина да го решиме штетното влијание на пластиката за еднократна употреба, одговорот е едноставен: владите мора да се фокусираат на целосно запирање на нејзиното производство.

Пластиката за еднократна употреба треба веднаш да биде забранета или во најмала рака да биде оданочена. Ова не е радикално: британската влада постојано се залага против самонанесената опасност. Продолжената незаконитост на канабисот е базирана на можноста од здравствени проблеми кај одреден процент на луѓе како резултат на употребата, додека тутунот, алкохолот и шеќерот се предмет на казнено оданочување врз основа на идејата дека тие не се многу добри за нас, па треба да платиме што е можно повеќе за задоволството од труење.

Сепак, пластиката ја труе планетата и не покажува знаци за запирање. Влијанието на климатските промени во голема мера е неповратно, но не е незапирливо – сè што е потребно е да се постави иднината на човечката раса над комфорот. Пластичните кеси, сламките и чашките за кафе се почеток, но сè додека изработката на пластика за еднократна употреба не е навистина казнива, нема да можеме да ја завршиме нејзината сеприсутност.

Постојат мал број на ситуации во кои еднократната употреба на пластика е неизбежна, но мнозинството од нив се непредвидливи и непотребни. Ако добивката на корпорациите е зголемена со користење на други видови на пакување – или воопшто нема – ќе видиме вистинска промена во влијанието на нашиот отпад врз животната средина. Потрошувачите веќе можат да изберат да се откажат од пластика, но тоа не е лесно. Работите како храна, производите за домаќинство и хигиена, како и електрониката без пластично пакување одземаат многу време и може да бидат скапи. Живеењето на одржлив живот не треба да биде избор на  елитата, тоа треба да биде норма за сите нас. Обврска е на политичките лидери да го направат невозможно профитирањето од производството на пластика за еднократна употреба.

Рециклирањето не е решение за нашиот пластичен проблем: тоа е само лесно алиби зад кое се кријат кукавичките влади, алчните корпорации и мрзливите потрошувачи. Мораме да ја признаеме вистинската големина на овој хаос во кој се втурнавме, ако сакаме да видиме промени во животната средина – и ние треба да го сториме тоа пред да биде предоцна.

Пишува Сирена Бергман за „Индепендент