[Став] Разбивање на митот за пазарите на јаглерод

Џеј Ди Фаруџиа

Ова е втор дел од три-делниот напис базиран на последниот извештај на Friends of the Earth International: Бркање на јаглеродни еднорози: Измамите на јаглеродните пазари и концептот „нето нула“. Прочитајте го првиот дел овде.

Популарно „решение“ за климатската криза што редовно се појавува е идејата за пазари на јаглерод – купување, продажба и трговија на емисии на јаглерод меѓу емитери, со идеја да се остане во однапред поставената количина на емисии со што се ограничуваат стаклените гасови во атмосферата. Како и секое друго „пазарно решение“, пазарите на јаглерод се покажуваат корисни само за големите бизниси и корпорации, а на штета на луѓето и планетата.

На пазарот на јаглерод, вредноста се става на избегнатите емисии на стакленички гасови, како на пример, ако компанијата успее да испушти помалку од нивната „квота“, префрлајќи се на обновливи извори на енергија или деактивирајќи на централа за производство на (фосилна) енергија. Алтернативно, тоа може да биде преку отстранување на јаглерод, како што е обновување на екосистем или преку садење на дрвја.

Кога се зборува за пазари на јаглерод, се мисли на шеми за ограничување и трговија со јаглерод (cap-and-trade) или за неутрализирање (offsetting). Исто така е важно да се разбере разликата помеѓу ‘усогласеност’ и ‘доброволни пазари’. Пазарите за усогласеност се регулираат со закон, додека доброволните пазари значат намалувања на емисиите што се прави доброволно.

Мерките за ограничување и трговија обично се наоѓаат во правилата на пазарот за усогласеност, каде што компаниите треба да ги задржат своите емисии под ограничувањето (или границата) на емисии. Ако останат под границата, можат да ги продадат своите преостанати емисии на друг субјект што не успеал да ги задржи своите емисии во предвидениот лимит.

Сите доброволни пазари и некои од пазарите за усогласеност вклучуваат купување и продажба на ‘неутрализирање’ на јаглеродот. Со неутрализирање, се враќаме на „нето нула“ концептот каде еден субјект може да продолжи да емитува сè додека друга компанија ги намалува своите емисии или пак сè додека емитерот инвестира во решенија за зафаќање јаглерод како што се на пример, проектите за пошумување. Технички гледано, емисиите треба да бидат еднакви на количината на избегнати емисии на  јаглерод или пак зафатени (неутрализирани) во овој случај. Со неутрализирање, вкупните емисии не се намалуваат, но наводно се „сведени на нула“.

Во овие пазарни ситуации, многу големи загадувачи ги бараат најдобрите (читај: најевтините) решенија за трговија со јаглеродни емисии или пак ги неутрализираат своите емисии додека продолжуваат да испуштаат стакленички гасови во атмосферата. Со ова ја влошуваат климатската криза, ги загрозуваат екосистемите и заедниците во близина на овие операции, но продолжуваат со остварување профит наместо да престанат да согоруваат фосилни горива.

Адаптирано од Friends of the Earth International од Меѓувладиниот панел за климатски промени – Intergovernmental Panel on Climate Change (IPCC). „Графикот користи када за да го разликува активниот јаглерод во, како што го нарекуваат, „природен јаглероден циклус“, од фосилниот јаглерод во неговиот еднонасочен (не) циклус. Исто така, точно покажува дека не постои сигурен „инженерски и природен одвод на „негативни емисии.“

Графичката када, исто така, покажува како неутрализирањето на јаглеродот не е решение за опасно високите нивоа на емисии на јаглерод што ја „исполнуваат кадата“. Но, компаниите и владите постојано се свртуваат кон неутрализирање на јаглеродот како нивна главна стратегија за постигнување на „нето нула“. Ова е особено точно за лажните „решенија базирани на природата“ – nature-based solutions.

Големи мултинационални компании за фосилни горива како Шел го промовираат наративот за решенија засновани на природата „инвестирајќи“ во програми како што се на пример: неутрализирање на јаглеродот преку шумите за секој литар бензин што го продаваат. Нивните проекти за зачувување  тука се за да и помогнат на компанијата да постигне „нето нула“ што во суштина значи дека може да продолжи да согорува фосилни горива во атмосферата.

Проблемот е во тоа што со се’ повеќе компании кои бараат неутрализирање на нивните емисии со „решенија базирани на природата“, ќе ни требаат повеќе области на земјиште и шуми за да бидат понори на емисиите. Ова најповеќе ги става под ризик домородните и локалните заедници, земјоделците и нивните живеалишта.

Научници од Оксфорд неодамна се обидоа да ја измерат количината на земјиште што е потребно за овој вид на климатски ‘решенија базирани на природата’ што ги предлагаат корпорациите и владите со цел да се постигне „нето нула“. Тие пресметаа дека за да се отстранат 2 гигатони СО2 со употреба на природни понори, ќе ни требаат приближно 678 милиони хектари земја што е големина на земјиште кое е речиси двапати поголемо од површината на Индија.

– – – – – – – – – –

Во третиот и последен напис од оваа три-делна серија, ги разгледуваме барањата потребни за да се постигне „вистинска нула“.

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.