[Став] Рамадан Рамадани: Заслужуваме чист воздух

Уште во почетокот кога дознав за граѓанскава акција „Заслужуваме подобро“ имав намера да допринесам во неа кажувајќи нешто лично. Едно лошо искуство од тие кои секој пат се повторуваат и тоа само заради лошо владеење. Но, следејќи ги секојдневните вести од земјата луѓето и нивните загуби како да посрамотив да ја кажам маката која споредено со сите умирања кои секојдневно се случуваат во земјата изгледаше далечно и мал проблем.

Во меѓувреме, дури читав вести од земјата издвојував дека ние иако мислиме дека сме во мир секој ден се повеќе принесуваме жртви и тоа во два најнеочекувани аспекти. Од загаденоста на воздухот и умирање во болници на новороденчиња. Умирањето на новороденчиња, во кои земјата ни е европски првак, е повеќе од обично умирање. Тоа е еден вид умирање на перспектива. Иако секој ден имаме и други загуби како заминувањето на веќе одраснатите живи деца, сепак умирањето на новороденчињата остануваше како најголема загуба.

Разликата во тие две загуби за нас и земјата е како разликата која ја наведува данскиот филозоф Киеркегард помеѓу развод на брак и раскинување веридба. Тој вели дека ова последното, раскинувањето на веридбата е поголема и потажна загуба зошто е прекинување на потенцијалното. Веќе одраснатите, одгоените, образованите, најчесто нашите најдобри, најубави и најспретни, живи деца кога ги испраќаме некако се тешиме со нивниот спас. Но, при умирање на некое новороденче ние можеме да тагуваме дека токму некој од тие новороденчиња би можел да биде еден од тие кои ќе останеше и ќе ја средеше земјата без да има потреба веќе да истата да ја напуштат млади и стари луѓе.

Другиот вистински воен биланс во кој годишно имаме и по стотици директни загубени човечки животи е загадувањето. Велам директни жртви оти индиректните не може ни да се избројат во држава во која званични институции ни укажуваат дека пола од вкупното население има здравствени проблеми со респиративните органи. Не за џабе градовите ни се европски и светски шампиони по загаденост. Да добро прочитавте светски. Тетово деновиве пак се искачи на таа листа. А Скопје неколку пати е европски шампион по загаденост во листата на главни градови. Знаете и ова е една од најподмолните умирачки, особено во мирнодобие: Да умреш од тоа што требаше живот да ти вдахне! Вдишувајќи загаден воздух!

Тука кај воздухот се враќам на мојата мака која при толку лоши вести од земјата не знам ни дали да ја кажам. Јас имам болна мајка со респиративни проблеми. Според званични податоци тоа е исто како и половината од вкупното население во земјата. Ние имаме една среќа во несреќа кога, исто како многу семејства во земјата, сме фамилија преполовена од туѓина и печалбарство. Така мојот единствен брат живее и работи во Швајцарија. Мајка ми живее со нас двајцата, преполовена и често во патувања несвојствени за нејзини стари години. Она што нејзе и нам ни се случува е мака, секако полесна од сите губитоци за кои читаме, е дека таа не може сама да одреди кога да патува. Не можеме ни ние да и одредиме. Тоа нејзе и го доредува загадениот воздух. Кој едноставно ја приморува во одредени периоди на неподнослива загаденост на воздухот во нашата земја таа да отиде кај брат ми. Не само за посета туку и чисто заради спас на животот! Нормално ќе беше и таа и ние да имаме распоред за свадби, пригоди и одмори кога таа или ние ќе патувавме но нам, а и на многу граѓани тука, тоа право ни е ускратено. Едноставно, со реченицата: „излези земи чист воздух“,веќе во Македонија не отеруваш некој од себе туку и од целата земја, зошто вдишувањето тука веќе стана невозможна мисија. Заслужуваме живот. Заслужуваме воздух. Заслужуваме мајки и деца. Заслужуваме подобро!

*написот е објавен во рамките на граѓанската акција „Заслужуваме подобро