Ветрот се менува и тоа се чувствува на улиците на главните градови низ светот. Минатата
недела стотина мирни демонстранти беа уапсени во Москва и Сент Петерсбург, откако илјадници луѓе се собраа на мирни протести против корупцијата.
Слични сцени се одвиваа и во Минск, каде данокот за невработените ги изнесе луѓето на улица. Во февруари пола милион романски граѓани излегоа на улица и ја натераа својата влада да се откаже од уредбата со која корумпираните политичари се ослободуваат од кривичен прогон.
Во март британските граѓани излегоа на три големи протести: демонстрациите за спас на Националната здравствена служба (NHS) обединија 250 илјади луѓе, маршот против расизмот 30 илјади, а протестот за останување во ЕУ пред две недели недела собра 100 илјади луѓе.
Кога во Конгресот не помина обидот на Доналд Трамп да го укине „Обамакер“, иако директниот удар му го зададоа бунтовните републикански законодавци, зад таа одлука стоеше силата на илјадниците луѓе кои излегоа на митинзи за да испратат порака до своите претставници пред гласањето.
Поентата не е во тоа дека „масовната акција успева“ – таа всушност ретко успева сама по себе. Поентата е во тоа дека таа секогаш има смисла. Поставувањето на сопственото тело на улица, на митинг или негово туркање во полициско комбе – што овој викенд се случи на стотици луѓе во Русија и Белорусија – произведува моќ која професионалните политичари ја презираат.
Пример за тоа колку политичката класа е вознемирена кога луѓето го користат своето право на протест е твитот на пратеникот Овен Смит. Некогашниот кандидат за предводник на лабуристите не се придружи на протестот за NHS, но најде време – во моментот додека половина милион луѓе беа на улица – да ги омаловажи со зборовите: „Така значи ќе го спасиме NHS – со марш? Секогаш мислев дека треба да се победи на избори и тогаш пристојно да се финансира“.
Зад овој твит стои цела политичка филозофија. Луѓето кои го игнорираа неговиот совет и се придружија на маршот за NHS, го сфатиле она што овој изолиран технократ не успеал. Масовна акција создава сопствена динамика. Протестите можат да бидат масовни и далекусежни – иако телевизијата и останатите медиуми им посветуваат мало внимание.
Прво, собирање во голема група ви покажува дека не сте сами. И ви покажува какви се луѓето со кои делите слични идеи. На протестот за NHS, тоа во најголем број беа работници во здравствениот систем и неговите корисници. Во приватизираното и корпорациското NHS, на персоналот практично им е оневозможено собирање. Заедничкиот протест на сестрите, лекарите и пациентите ги сруши невидливите ѕидови кои ги раздвојуваа.
Во саботата се доигра масовниот „Марш за Европа“. Левите лабуристи и десните медиуми, нормално, се натпреваруваа во саркастични примедби, но, поентата на протестот пред се беше во тоа луѓето да се пронајдат едни со други, да ја испробаат својата аргументација и да создадат и да ги променат пораките кои ги испраќаат.
Ако на сето тоа го додадете искуството на отпорот кон Трамп во САД, глобалната слика станува интересна. На 21 јануари САД доживеаја можеби најголема масовна мобилизација во својата историја – околу 4,2 милиони луѓе протестираа против инаугурацијата на Трамп во градовите низ Америка.
Социјалните медиуми ја засилуваат видливоста на мобилизацијата, но не само тоа: тие интензивираат заедничко искуство. Секоја група од илјада демонстранти на било кој протест во развиениот свет всушност значи илјада јазли на мрежата која содржи десетици илјади други јазли. Тоа е движечка машина за делење информации која работи без прекин.
Затоа ограничувањето на правото на протест е првиот потег на секоја влада која сака да ја поткопа демократијата. Путин ги забрани мнозинството планирани демонстрации минатиот викенд, но, протестите се одржаа без обзир на тоа. Во полициските комбиња не се туркани некои храбри поединци без име и без лице, туку луѓе кои имаат следбеници на Фејсбук и Твитер ширум планетата. Затоа протестите се важни и затоа треба да ги продолжиме – во името на отпорот кон растечката клептократија, расизмот и авторитаризмот на политичките елити.
Триесет илјади луѓе на улиците во медиумите добиваат живописна фотографија и краток опис на случувањата. Затоа бунтовите и револуциите секогаш ги изненадуваат елитите и нивните медиуми. „Кога луѓето одлучуваат да живеат, синџирите ќе се скршат“, напишал турскиот поет Абу ал-Касим ал- Шаби. Овој стих често беше споделуван за време на „Арапската пролет“.
Бунтовите се случуваат кога елитите толку го зголемуваат притисокот што голем број луѓе заклучува дека отпорот е единствена опција. Нешто може да се направи и преку излегување на гласање: поразот на Герт Вилдерс во Холандија, понижувањето на Пол Нутал во Стоук на Трент и – да се надеваме – поразот на Марин Ле Пен во Франција на 7-ми мај.
Но, некои предизвици бараат од нас да ставиме розева капа или – како што тоа го направија луѓето во Русија – да обесиме брендирани патики околу вратот, насликаме забавен знак и потоа се тоа да го фотографираме и да го твитнеме на пријателите. Кога луѓето одлучуваат да живеат, тогаш протестираат. А многу од нив тоа го прави оваа пролет.
Пол Мејсон