[Став] Пристап до образование

Клучните актери треба да водат сметка да нема дискриминација во образовниот систем, да не се делат децата по нивниот социјален статус, да се овозможат дополнителни мерки кои ќе ги поддржат овие деца да се стекнат со образование, да се помогнат нивните семејства да не бидат принудени да им го рушат сонот на своите деца, пишува Сашко Јованов, Македонска платформа против сиромаштија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа, објавена вчера:

Ја пишувам оваа колумна на Светскиот ден на демократијата, но и во пресрет на денешната отворена дискусија под мотото „Пристап до образование“, каде што ќе се видат различните гледишта на клучните актери во овој дел. Исто така оваа тема на европско ниво ќе биде актуелна и во ноември во Брисел, каде што секоја земјите членка на ЕУ вклучувајќи ја и Македонија, ќе пренесат клучни пораки и проблеми кон оваа прашање.

Пред да започнам од аспект на прикажување на реалната слика во нашата земја на оваа тема, би сакал да дадам осврт на тоа што сè е загарантирано според Устав, закон, конвенции во нашата земја. согласно Уставот на Република Македонија, секој има право на образование и образованието е достапно секому под еднакви услови.

Предучилишното образование не е задолжително во Република Македонија, но има исклучително значење за детскиот развој и социјализацијата. Во Република Македонија основното образование е задолжително и гарантирано на сите деца согласно Уставот и Конвенцијата за правата на детето од 1989 година. Државите членки со ратификација на конвенцијата го признаваат правото на образование на детето, го прогласуваат основното образование за задолжително и бесплатно за сите, со цел за остварување на ова право врз основа на еднакви можности. Одејќи чекор понатаму, Конвенцијата пропишува дека образованието на детето, треба да биде насочено кон развој на почитувањето на правата на човекот и основните слободи, културниот идентитет на детето, различностите, како и кон подготовка на детето за одговорен живот во слободно општество во дух на разбирање, мир, толеранција и еднаквост. Во основата на Конвенцијата лежи обврската на државите членки да ги почитуваат и обезбедуваат правата на секое дете, вклучително и правото на образование, без каква било дискриминација и без оглед на раса, боја на кожа, пол, јазик, вероисповед, политичко или друго убедување, национално, етничко или социјално потекло, имотна состојба, попреченост, раѓање или друг статус на детето или на неговиот родител односно законски старател, како и обврската да го заштитат детето од сите форми на дискриминација.

Согласно Законот за средно образование, тоа е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови и во јавните средни училишта е бесплатно. Дискриминацијата не е дозволена врз основа на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествената положба. Исто така во Република Македонија постои и Закон за заштита на децата, го штити најдобриот интерес на детето и обезбедување минимум стандард за секое дете под еднакви услови, исклучување на било каква форма на дискриминација, почитување на правото на детето на слобода и безбедност на личноста, на сопствено мислење и слободно изразување, здружување и образование, услови за здрав живот и остварување на други социјални права и слободи на детето.

Сè убаво скоцкано, напишано, но истото треба да се спроведе во пракса. Пред две недели започна и учебната година, но со тоа и проблемите не само на учениците туку и на нивните семејства. Неодамна имаше исповед на една мајка која ми го привлече вниманието да го прочитам, каде што вели цитирам „Мамо зошто јас немам „наик” патики како Никола, кои светкаат кога ќе одиш. Знаеш и Марко има такви, а Дарио исто има едни други многу убави, велат дека се многу скапи. Јас ги носам оние од бато. Знаеш ли дека моите не се никаква позната марка? Така ми кажаа другарите од училиште. Ќе ми купиш ли и на мене такви, со такво знакче?“ … да се согласувам со нејзе, денес младите имаат изместен систем на вредности, се согласувам дека училиштата каде треба да се даде пример и знаење, личат на модни писти, секој секого загледува и треба да е подобар во сè од другиот, дали во мобилен, облека, марка.

Сигурно ќе се прашаме кој е за тоа крив? Криви се родителите кои тие што имаат пари поставуваат нови системи на вредности, но тие што немаат пари иако е сурова реалност, не можејќи да сврзат крај со крај или се позајмуваат или подигнуваат кредити или едноставно и покрај законските обврски, не ги пуштаат своите деца во училиште.

Исто се случува и во средното и високото образование, го започнуваш процесот на едукација и поради финансиски проблеми на семејството и желбата да се дообразуваш се руши, младите се принудени да стават крај на своите соништа и цели и ако голем дел од нив се запишани во државните училишта и факултети, сепак плаќаат партиципација, сместување, превоз кој е товар и на така сиромашните и истрошени родители и семејства..

Работејќи на терен со целните групи за кои се застапуваме пред клучните актери во нашето општество, видовме и слушнавме доста сурови приказни на многу семејства, семејства кои се во сиромаштија или во ризик од сиромаштија. Споделувајќи ги маките и проблемите со нас, кои и те како се гледаат на нивното лице, не можејќи да се помират со тоа дека немаат ниту 20 денари да им дадат на своите деца за да си купат каква било ужинка во училиштето, не можејќи да им купат нова облека, тие се решаваат на чинот подобро да моето дете не оди на училиште, отколку да го гледам тажно, да гледаме како неговите другарчиња јадат, а тоа нема. Да ова е суровата реалност, децата пешачат за да стигнат до училиштата, родителите плаќаат за варосување, завеси, озвучување во основните училишта, со изговор да знаете ние се правиме да на нашите деца им биде убаво. Сиромашните родители плачат во молк затоа што немаат пари за екскурзии за своите деца. Да сето тоа е добро, но погоре самите закони, устав и конвенции укажуваат на сосема нешто друго дека секој има право на образование и образованието е достапно секому под еднакви услови и во краен случај бесплатно образование. Во контекст на сиромаштијата не е потребно само да им се даде поддршка само на сиромашните деца, туку исто така треба да им се даде и поддршка и на нивните семејства, сиромаштијата само по себе не таргетира само една група во семејството, таа е горчлив проблем на целото семејство, па оттука сметам дека клучните актери (надлежните министерства и општините) во нашето ни општество треба да водат сметка да нема дискриминација во образовниот систем, да не се делат децата по нивниот социјален статус, да се овозможат дополнителни мерки кои ќе ги поддржат овие деца да се стекнат со образование, да се помогнат нивните семејства да не бидат принудени да им го рушат сонот на своите деца.

Вториот проблем е и дополнителното образовани односно доживотното не ги опфаќа лицата кои немаат завршено основно образование, имаме одреден гап бидејќи секако ако сме испуштиле некого во образовниот процес, наместо да го вклучиме ние сепак повторно играме игра на можеш и не можеш. Многу провајдери на посебни верифицирани обуки мака мачат со низа на правилници, барања од страна на државата и за да на крај своите програми ги понудат на лица кои треба да се стекнат со одредени компетенции или вештини за да бидат вклучени на пазарот на трудот. Сепак не треба да се направи селекција на можеш или не можеш да бидеш дел од овие обуки. Исто така доста здруженија на граѓани вршат описменување на лицата кои недовршиле основно образование или воопшто не пристапиле на образовниот процес, тие сепак не се во можност да издадат валиден документ за нивниот напредок. Затоа ќе кажам дека сè се врти во круг, и онаа изрека на старите округло па на ќоше. Од една страна сакаме образована младина или низок процент на неписмено населени ама воедно и бараме невозможни работи, ограничуваме, дискриминираме по секој основ. Затоа драги мои потребна ние е реформа во образовниот систем, потребно ни е реформа во дополнителното образование, доживотното образование, образованието на возрасните за да не се соочуваат сите со огромни главоболки во креирање на програми, но недоволно искористување на истите. Потребни се системски мерки кои ќе ги поддржат лицата во социјален ризик за да можеме да кажеме дека се горе споменато од устав, закон и конвенции се исполнува во целост.