[Став] Предизвиците во борбата против насилство врз жените и семејното насилство

Пишува: Наташа Бошкова

Вклучувањето на должното внимание во постапувањето со жртвите и можност за судска заштита во случај на непочитување на овој принцип е сигнал дека државата има тенденција да обезбеди заштита од родово-базирано насилство од државни и недржавни актери.

Во Северна Македонија 60% од жените сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет жени сметаат дека тоа е многу честа појава. Семејното насилство врз жените е образец на однесување преку кое се контролира интимниот или поранешниот партнер, а вклучува (но не е ограничено) и физичко и сексуално насилство, емоционална злоупотреба, изолација и економска злоупотреба, закана, заплашување и демнење.

Во Северна Македонија три пати повеќе жени, споредено со просекот во земјите на ЕУ, сметаат дека семејното насилство е приватна работа што треба да остане во семејството. Ваквиот став во комбинација со отсуството на знаење за постоечките специјализирани услуги за заштита на жртви на семејно насилство, резултира со сериозни повреди на човековите права на жените.

Според анализата на УНДП во 2021 година, во повеќе од 80% од случаите, иако постоело насилство за кое подоцна во постапката сведочеле и блиски роднини на жртвата, ниедна од 14 убиени жени не го пријавила насилството што го преживувала во надлежните институции.

Овој текст дава кратка анализа на обврската на државата да постапува со должно внимание кон жртвите на родово-базирано насилство како една од клучните придобивки од донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (во понатамошниот текст: Законот).

До неодамна, заложбата на Северна Македонија беше во насока на справување со проблемот на семејното насилство. Документите усвоени на меѓународно и на регионално ниво, особено Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, т.н. Истанбулска конвенција, несомнено извршија влијание на националниот систем за заштита на човековите права на жените и на маргинализираните заедници и ја проширија заштитата на жените од повеќе форми на родово-базирано насилство во чии рамки спаѓа и семејното насилство.

Покрај другите новини во законот, Законот воведува обврска за институциите да постапуваат со должно внимание при преземањето на мерки за превенцијата од родово-базирано насилство и семејното насилство; постапување на институциите за заштита на жените од родово-базирано насилство и семејно насилство и меѓусебна координација на институциите и организациите во обезбедувањето на помош и поддршка на жртвите.

Постапување со должно внимание – одговорност на државата

Должното внимание подразбира дека државата презема одговорност за прекршувањето на обврските од Законот извршени од државните органи, службениците кои работат во нив и сите други актери кои вршат јавна служба. Обврската се проширува не само врз злоупотреби на човековите права од државата и нејзините посредници, туку и на спречување на повредите од приватниот сектор или, што е особено важно за жените, од физичките лица.

Иако не постојат јасни правила како ќе се проценува и како ќе се применуваат стандардите за должното внимание, сепак, според последниот развој на правните стандарди, несомнено државите го користат стандардот за должно внимание за да ги зајакнат позитивните обврски за исполнување, заштита и почитување на човековите права.

Должното внимание се однесува на постапувањето, а не на резултатот. Фокусот е на мерките што се во сила пред да настапи исходот, однесувањето за време на преземањето на дејствијата и однесувањето потоа.

На државите им е овозможена флексибилност во однос на тоа како тие го исполнуваат стандардот кога дејствуваат во согласност со основната обврска за која станува збор – да го спречат насилството врз жените.

Соодветно, државата треба да усвои законска рамка и да воспостави институции и систем што функционира за да се справи со насилството. На законодавно ниво, Северна Македонија делумно ја исполни обврската со усвојување на Законот и забраната на сите форми на насилство врз жените. Законот ја препознава жената која преживеала насилство како носителка на права која има механизам да бара заштита и преку кој може да го оствари правото на надомест на штета причинета со насилството.

Сепак, постапувањето со должно внимание во духот на Законот и на меѓународните стандарди подразбира преземање на мерки и активности воопшто да не дојде до насилството и пред да настапат последиците од насилството. Онаму каде што постои одговорност на државата, ќе се анализираат сите превентивни дејствија преземени пред самиот инцидент.

Ова е значајно, но и охрабрувачко за заштитата на жените: ја проширува контролата на одговорот на државата за да го вклучи периодот пред обврската за истрага. Исто така, превенцијата вклучува дејствија преземени за да се спречи понатамошно насилство врз жртвите, како што се привремените мерки за заштита.

Комуникација и координација на сите нивоа на власт

Обврската за воспоставување на мерките и активностите, неопходно подразбира алокација на доволно финансиски средства за нивно спроведување преку заемна комуникација и координација на сите нивоа на власт. Во процесот на усвојување на Законот не е претставена финансиската рамка за спроведување на законот, иако законскиот текст содржи обврска за институциите да алоцираат доволно финансиски средства за спроведување на обврските за превенција и заштита од насилство врз жените.

Во таа насока, потребно е воспоставување на сервиси што ќе бидат достапни, пристапни и соодветни за да ги заштитат жените кои преживеале насилство, ќе спречат повторување на насилството и ќе обезбедат доволно средства за компензација на сите жртви на родово-базирано насилство и семејно насилство.

Тука влегува и обврската за елиминирање на негативните практики во институциите и поединците во институциите со кое се врши или пак, се поддржува и оправдува родово-базираното насилството врз жените и семејното насилство. Недоволно зајакнатите капацитети на институциите да се справат со овој проблем, несоодветната законска рамка и нискиот степен на имплементација на стратешките документи кои треба да го превенираат насилството и да ја унапредат родовата еднаквост, сами по себе претставуваат структурно насилство кон жените на национално ниво.

Затоа, државата има обврска да ги отстрани институционалните практики и индивидуалното однесување на јавните службеници кои претставуваат родово засновано насилство врз жените или толерираат такво насилство и кои придонесуваат кон создавање на контекст во кој нема несовесен одговор на насилството. Ова вклучува брза и ефикасна истрага и санкции за неефикасност, соучесништво и небрежност од страна на јавните органи одговорни за прием на пријави на случаите, за спречување на истрагата за такво насилство или на давање услуги на жртви/преживеани.

На крај, судовите имаат обврска да се воздржат од било каков акт на дискриминација и единствено да се држат до спроведување на одредбите со кои ќе се санкционира насилството, обезбедувајќи непристрасна и фер постапка, ослободена од родови стереотипи и дискриминаторско толкување на законските одредби.

Новелата во Законот дава можност за поведување на граѓанска постапка за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на институциите да превенираат насилство или навремено и ефикасно да ја заштитат жртвата откако насилство се случило. Жртвите на родово-базирано насилство имаат право на надоместок на материјална и нематеријална штета од сторителот на насилството, а доколку тоа не е можно, имаат право на компензација од државен фонд.

Неодамна Собранието го усвои Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, а допрва ќе треба да ги видиме ефектите од спроведувањето на ова право на жртвите на насилство.

Вклучувањето на должното внимание во постапувањето со жртвите и можност за судска заштита во случај на непочитување на овој принцип е сигнал дека државата има тенденција да ја зајакне примената за Законот и да обезбеди заштита од родово-базирано насилство од државни и недржавни актери и да создаде побезбедна средина за жртвите на родово базирано насилство.

Отсуството на соодветни и ефикасни мерки, особено алокација на доволно финансиски средства, ја спречуваат државата во постигнувањето на стандардот – постапување со должно внимание кон жртвите на родово-базирано насилство.

Затоа, Северна Македонија треба да ги преиспита своите политики и практики, имајќи ги предвид своите обврски, со цел ефикасно да се спречи насилството врз жените, како и да се казнат оние кои го вршат насилството.

*Наташа Бошкова е адвокатка која има магистрирано родови студии на Универзитетот во Сараево. Приближно две децении е активна во граѓански организации и обезбедува бесплатна правна помош и поддршка на жртвите на родово-базирано насилство, луѓето кои употребуваат дроги, сексуални работници, луѓе кои живеат со ХИВ и ЛГБТИ луѓето. Застапува за подобрување на состојбата со човековите права на маргинализираните заедници преку судско застапување на случаи на повреда на права, учество во процесите за измена на законите, политиките и практиките на институциите и создавање на подржувачка средина за нивно значајно вклучување во процесите на донесување на одлуки.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.