[Став] Потребна е Универзитетска комисија за заштита од дискриминација

Во 21-от век сè  уште се мачиме со дискриминацијата во секојдневниот живот, без разлика дали таа е на работното место, на факултетите или во забавниот свет. Сепак ќе пишувам за академската заедница, бидејќи таму го поминувам најголемиот дел од времето. Честопати се наслушнува низ ходниците на фаултетите:

„Еј види ја оваа носи марама ахахах!”

„Не можам да се објаснувам ниту со шиптари/турци/цигани ниту со жени/мажи. Тие ништо не знаат.”

„ Да бе како него ќе бидам, иде да лепи плакати по штабови!”

„Он е од една партија, а јас од друга затоа не можам кај него да положам..”

Овие зборови ги користат студенти и професори, кон свои колеги и идни потенцијални соработници само затоа што се различен пол,  партиска определба, етничка припадност и јазик. Практиката покажува дека во високото образование биле поднесени две пријави до Комисијата за заштита и спречување на дискриминација.  Тоа е само индикатор дека студентите и професорите не се чуствуваат доволно храбри да потегнат иницијатива за еден горлив проблем кој се појавува во академската заедница.

Дискриминацијата во Македонија е регулирана со повеќе правни акти и одредби. Уставот на Република Македонија како највисок правен акт ја има најдобро регулирана дискриминацијата. Во него се вели дека сите граѓани се еднакви пред законот без разлика на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Освен Уставот на РМ, има посебен Закон за заштита и спречување на дискриминација и Закон за работни односи во кои детално се дефинира директната дискриминација.

Но, бидејќи ќе пишувам за академската заедница, ќе обрнам внимание на Законот за високо образование. Во него има мерки за ослободување од плаќање партиципација за студирање за децата без родители, лицата со прв и втор степен на инвалидност, воените инвалиди и лицата растени во домови за напуштени деца. Но, проблемот е следен, државата треба да обезбеди настава во високообразовната институција на јазикот на кој зборува најмалку 20 проценти од населението, што во пракса се покажува дека на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ не е така според предметните програми. Понатаму, уште еден проблем е процентуалната застапеност на одредена националност на Универзитетите. Наместо да има можност студентите да изучуваат предмети на повеќе јазици на еден Универзитет, има поделба на Универзитетите и како пример ќе го земам Универзитетот во Тетово. Со ова им се крати правото на студирање на студентите што можеби би сакале да студираат на одредена насока што ја има само на УКИМ или обратно.

Кога станува збор за партиска определеност, мислам дека моментално таа е најакутелна тема во општеството. Интерно веќе секој знае кој професор према која партија има симпатии или членува во истата, но и за самите студенти. Според истражување од Младински образовен форум и Коалиција „Сексуални и здравствениправа на маргинализирани групи“ дури 51,5% од студентите на УКИМ забележале дискриминација врз основа на партиска определба кога бил вршен избор за звање професор или асистент. Оваа бројка само укажува на тоа дека ова е сериозен проблем кој моментално нема механизми со цел да се намали овој проблем, дури и да исчезне овој партиски притисок.

На УКИМ најмногу се забележува дискриминација во однос на полот. Според Државен завод за статисика во 2015/106 година бројот на вработени професори е еднаков на мажи и жени. Но ако се земе во предвид функцијата, 23 декани на факултетите при УКИМ, во моментов само 4 се жени, од кои две се В.Д. деканки. Од вкупно 54 продекани на факултетите, само 17 се жени. (податок изваден од истражување на Младински образовен форум од 2016 година)

Освен Комисијата за заштита од дискриминација, на Универзитетите, постојат и Студенстски правобранители. За жал, повеќе од година дена, нема студентски правобранител на УКИМ и на останатите четири државни универзитети. Немаат податоци за нивната претходно работа, дури и да постојат, не се достапни за јавноста.

Дали има начин да се намали нивото на дискрминација во високообразовните институции? Има, секогаш има. Меѓутоа проблемот е волјата и желбата. Идејата е да се формира Универзитетска комисија за заштита од дискриминација. Оваа комисија ќе работи на унапредување на знаењето и свесноста на тема дискриминација, ќе води статистика на случаите, ќе работи на ефективно решавање и ќе создава континуитет и пракса. Освен тоа, потребна е постојана едукација за дискриминација, бидејќи таа сè уште постои во секојдневниот живот и не треба да се земе здраво за готово.

Пишува Деа Здравковска за Радио МОФ