Агенцијата за млади и спорт повеќе е Агенција за спорт, додека младите се во втор план. Затоа треба да се направи ревизија, евалуација и мониторинг на работата на Агенцијата, за да се увиди што е она што го прави ова владино тело нефункционално и сконцентрирано само на спорт и спортски активности, пишува Александра Филипова од Националниот младински совет на Македонија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Кога ќе ја отворите веб страната на Агенцијата за млади и спорт и кога во пребарувачот ќе напишете „млади“ се појавуваат само 53 резултати, од основањето на Агенцијата па до денес. Овие објави и вести во кои се содржи зборот млади не се однесуваат на акции за млади, младинска невработеност, младинско учество, успешни младински приказни и иницијативи кои Агенцијата за млади и спорт ги поддржала. Станува збор за јавни повици, претежно од други држави, наменети за млади или пак вест во која е напишано целото име на Агенцијата, што само по себе зборува колку внимание се обрнува на младите од страна на ова владино тело. Дополнително, несоработката што оваа Агенција ја има со младинските организации и Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на млади, е загрижувачка. Прифатените барања за средби на Агенцијата за млади и спорт со НМСМ во изминатиов период се бројат на една рака, а вклучувањето на младите во процесите на креирање на Стратегија за млади само дополнително укажува на фактот дека соработката помеѓу АМС и младите е на ниво на декор.
Понатаму, во отчетот на Агенцијата за млади и спорт за 2015 година, можете да прочитате за ватерполо, спортски и културни манифестации, физичко и здравствено образование, стручно усовршување на спортски работници. За млади, може да прочитате за поетски конкурси во време кога младите масовно се иселуваат од земјава, студентскиот и ученичкиот стандард се сметаат за домување во домови и стипендии, а младинската невработеност варира околу 50 проценти.
Уште еден интересен податок е претставувањето на Агенцијата за млади и спорт во Буџетот за 2017 година на Република Македонија. Таму е наведено дека Агенцијата за млади и спорт своите програмски определби ги темели врз програмата за Развој на спорт во Република Македонија и е насочена кон поттикнување на спортските активности на децата и младите. Единствено нешто што не е поврзано со спорт е „помагање на различните облици на организирање на младите“ во што всушност Агенцијата не само што потфрли, туку и го злоупотреби и искористи за сопствени цели, преку изборот за младински претставник на Македонија во Регионалната канцеларија за млади на Западен Балкан. Во овој буџет, како аутпут индикатори за Агенцијата на млади и спорт се наведени 1400 спортски учесници во меѓународниот систем на натпревари. Дури ни кај нив нема ограничување да мора да бидат млади, туку едноставно се дефинирани како спортски учесници, без разлика на години. Она што е интересно е што и Министерството за образование и наука гради игралишта, спортски сали и покрива спортски стипендии, исто како и Агенцијата за млади и спорт.
Според Центар за економски истражувања, од 2004 до 2013 година, Агенцијата за млади и спорт во просек троши околу 120 – 150 денари по жител, што е поразително, со оглед на големиот број на предизвици со кои се соочуваат младите. Уште позагрижувачки е што овој жител најчесто е спортист, а не млад човек, а овие пари најчесто се трошат на спортски активности, а не за реалните потреби и горливи прашања со кои се соочуваат младите.
Поради овие клучни наведени работи, од особено значење е да се направи ревизија, евалуација и мониторинг на работата на Агенцијата за млади и спорт, како би можело да се увиди што е она што го прави ова владино тело нефункционално, сконцентрирано само на спорт и спортски активности, едукација за спорт и стипендирање за спортисти. Исто така, преку ова, би се увидел начинот на трошење на годишниот буџет на Агенцијата, како и буџетот наменет за граѓански организации. Со ова би се зголемила и транспарентноста на самото тело, бидејќи засега не е познато каде завршува буџетот наменет за граѓански организации што работат со млади и спорт. Овој буџет за 2017 година изнесува отприлика 1,5 милиони денари. Ревизијата и мониторингот подразбира и отварање на важни процеси кои Агенцијата ги спроведувала, како изборот за младински претставник во Регионалната канцеларија за млади на Западен Балкан, процес кој ова владино тело го легитимираше, но Националниот младински совет на Македонија го оспори.
Понатаму, поради тоа што имаме Агенција за спорт, наместо Агенција за млади и спорт, важно е да се реши овој проблем и да се направи баланс. Поради неинклузивно одредените младински приоритети кои Агенцијата за млади и спорт ги поставува како цели, како и поради приоретизирањето на важните младински прашања, од особено значење е да се создаде коменаџмент тело. Ова тело, по пример на воспоставените пракси во развиените земји би го сочинувале претставници на Агенцијата за млади и спорт, Националниот младински совет на Македонија како најголемо младинско претставничко тело и други младински претставници кои заедно би одлучувале за предизвиците на кои Агенцијата треба да се фокусира и начините и акциите со кои може да се унапреди положбата на младите. На овој начин, преку инклузивно, транспарентно работење и соработка со младинските организации може да се подобри состојбата со АМС. Подобрување би значело вистински избори за реален младински претставник кога е потребно, еднакво фокусирање и на млади и на спорт, заедничко лобирање на АМС и младинските организации преку коменаџмент телото за буџет за млади, односно отвореност за Агенцијата за млади за НМСМ, младинските организации и генерално младите, наместо игнорирање.
Александра Филипова