[Став] Постигнување на „реална нула“ емисија на јаглерод

Џеј Ди Фаруџиа

Ова е последниот дел од три-делниот напис базиран на последниот извештај на Friends of the Earth International: Бркање на јаглеродни еднорози: Измамите на јаглеродните пазари и концептот „нето нула“. Прочитајте ги првиот и вториот дел.

Многу корпорации и влади се залагаат за справување со климатската криза преку „неутрализирање на јаглеродните емисии“ и „нето нула“ концептот, пазарни пристапи кои  се многу проблематични и не се научно издржани. Некои од предложените „решенија базирани на природата“ што ги предлагаат најголемите емитери на стакленички гасови, ја ставаат природата ‘во голема побарувачка’. Наместо да ги обновуваат и зачувуваат постоечките екосистеми, многу од овие проекти вклучуваат масовно пошумување кое предизвикува раселување на многу локални и домородни заедници, како и уништување на постоечки екосистеми, за да се отвори место за „зелените пустини“ на големите емитери.

Извештајот на Friends of the Earth International ја нагласува потребата за емисии на „вистинска нула“ преку:

  • Намалување на емисиите што е можно поблиску до нула и
  • Користење на еколошки пристапи за отстранување на преостанатите емисии

Претставени се девет барања за вистинска нула:

  1. Владите треба да ги укинат фосилните горива што е можно поскоро. Ова мора да се направи на начин кој се фокусира на рамноправност и праведност во основата на овој процес и тоа да се направи на глобален, координиран начин
  2. Треба да се движиме кон климатски праведен свет преку трансформација на нашите енергетски системи засновани врз принципите на енергетски пристап и доволност за сите, енергетски суверенитет, енергетска демократија, енергија како општо добро, 100% обновлива енергија за сите и во сопственост на заедницата и обновлива енергија со ниско влијание на климата
  3. Потребно е заедничко управување со шумите (Community Forest Management – CFM) за справување со климатската и биодиверзитетната криза. Ова може да се постигне само благодарение на знаењето на домородните народи, селаните и локалните заедници чии права мора да бидат доделени и почитувани
  4. Потребна е поддршка за агроеколошки проекти на селаните и малите земјоделци кои сè уште се одговорни за исхрана на 70% од глобалното население
  5. Потребен е нов економски систем кој е центриран околу луѓето и планетата. Тој мора да се фокусира на грижа и заедница и мора да ги реобмисли домашната работа и грижата за најмалите и највозрасните, улоги традиционално преземени од жените. Овој нов систем мора да ја споделува одговорноста за ова помеѓу мажите, жените и државата. Ова е од витално значење во градењето на нашата отпорност кон здравствените и еколошките кризи
  6. Политичките системи треба да бидат обновени на начин на кој ќе ја носат економската, социјалната и родовата праведност во срцето. Јавните услуги мора да се користат за да се гарантира пристап до вода, здравје, енергија, образование, комуникација, транспорт и храна. Ова може да се направи само преку фер, транспарентни и редистрибутивни даночни системи
  7. Транснационалните корпорации во моментов се премногу моќни и затоа мора да се регулираат со многу построги правила и регулативи. Жртвите на нивните злосторства мора да имаат пристап до правда, надомест на штетите нанесени од овие корпорации и враќање на нивните средства за живот
  8. Владите мора да изградат праведно закрепнување и транзиција заснована врз здравјето и благосостојбата на луѓето и животната средина, како и врз социјална, родова, расна и економска правда
  9. Конечно, извештајот повикува на „климатски праведен свет, ослободен од патријархат и сите системи на угнетување, доминација и нееднаквост“.

– – – – – – – – – –

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.