[Став] Популарната култура – поглед од страна

Mинатата недела во Скопје во Македонската академија за науки и уметности (МАНУ) беше одржана меѓународна научна конференција под наслов „Популарната култура – поглед одоздола“. Во фокусот на конференцијата беше популарната култура (читај масовните медиуми) и нејзиното влијание врз јазикот, културата и општеството. На настанот учествуваа лингвисти, културолози, професори од различни области и редица други научно-образовни работници.

На настанот бев неформално поканет да присуствувам, но за жал успеав да отслушам помал дел од настапите на учесниците. Сепак, и толку колку што видов и чув, беше доволно да се разочарам од нивото на кое се третираат овие важни проблеми. Иако е непорекливо искуството, знаењата, дури би рекол и страдалништвото, кај оние кои работат во образованието и се занимаваат со темите кои ги допираат медиумите, сè уште опстојуваат недозволиво голем број „научно-популарни митови“ кои главно служат како средство за рационализација на немоќта да се решат проблемите,  особено оние за користењето на стандардниот јазик.

Кои се тие митови? Од спомнатите само неколку:

Негативното влијание на „К-15“ врз јазикот на младите

[Став] Популарната култура – поглед од страна

Додека студирав ова беше популарна мантра кај професорите од јазичните факултети, и не ми се верува дека уште е тема за сериозни лингвисти и научни конференции. Очигледно, кога нешто криво ќе се насади, тогаш проблемот продолжува да расте накриво и добива гротескни размери. И додека на малите, рамните и големите екрани владеат ликови како Зорица Брунцлик, Драган Којиќ-Кеба, Сила и Саша Поповиќ, да се обвинува К-15 за лошата состојба на стандарниот македонски јазик е навистина смешно (на незасмејувачки начин).

Јазикот на ликовите на К-15 е рефлексија на разговорниот македонски јазик и на различни локални и регионални дијалекти, социолекти, жаргони и редица други говори, за забава на гледачите (од таму и „хумористична програма“ на нејзиниот опис). Не само што не е проблем тоа што ваквите говори имале (акцент на „имале“) место во медиумите, туку е и прилог кон електронско и дигитално зачувување на богаството на различните говори, дијалекти и жаргони на македонскиот јазик. Каде, освен на Јутјуб и по некој блог, вака автентично ќе останат запишани овие говори? Сигурно не во МАНУ и во универзитетската библиотека.

Аргументот дека гледањето на К-15 влијае младите да не го владеат стандардниот (или-ти литературниот) јазик e како некој кој да ви каже дека не знаете да возите автомобил затоа што имате научено да возите велосипед. Нема „везе“ едно со друго.

Проблемот е од друга природа и далеку покомплексен, а најлесно е да се покаже со прст кон некој Миле Паника. Стандардниот јазик се учи во и низ образованието. Ако младите не го знаат доволно, значи дека потфрлиле учителите, наставниците, професорите и другите кои пишувале четворки и петки наместо да праќаат повеќе ученици и студенти на дополнителна настава, поправни испити и следни сесии. Значи, прво образованието нека си го реши ова.

Потем, секако одговорна е идејата дека далеку поважно е да се знаат темата и идејата на „Чичко Горио“ од тоа како се пишува сè уште. Образованието нека си го реши и ова.

Што потоа? Македонија го доби својот комплетиран толковен речник по 23 години од независноста и 68 години од државноста. Стручни речници нема доволно. Стручна литература нема доволно. Не се објавуваат доволно книги, студии, истражувања, затоа што читателите го купуваат само Куелјо. И тоа што се објавува од стручна литература и учебници, доволно е само да го купите, не мора да го прочитате, за да положите испит.

[Став] Популарната култура – поглед од страна

Одговорни се новинарите и медиумите (види илустрации) на кои им е РАБОТА (значи платени се) да користат стандарден јазик. Но, правилното пишување и говор се далеку поневажни од тоа дали познавате членови на главните партии, колку сте политички подобни или пак подготвени да ја игнорирате совеста барајќи и објавувајќи секакви информации.

И да не редам понатаму, ќе се вратам на метафората со возењето. Ако младите не знаат да возат, проблемот е во авто-школите кои им издаваат дозволи, а не тоа што многу гледаат „Top Gear“ на телевизија. На образовците секако им треба широка јавна поддршка, но мора да се расчисти дека тие се првите и најодговорните и редно е да почнат да се однесуваат во склад со таа реалност.

Апели до субјекти и институции во земјата да се вложат поголеми средства и напори (за подобрување на состојбите со јазикот)

Средствата се секогаш добродојдени, и никогаш доволни, но проблем е што во институциите има далеку „понеписмени“ кадри од медиумите (да, можно е и тоа). Решенијата треба да бидат осмислени и зацртани од најодговорните (образовците) а потоа може (и треба) да се побара поширока поддршка. Тоа што по конференции уште се покажува со прст кон Миле Паника не е баш охрабрувачки знак.

Митот за Државата како магично решение за сите проблеми, за жал е длабоко всаден во локалниот менталитет, но и во свеста на образовците. А сè што државата може да испорача е евентуално некоја кампања, што е далеку од доволно. Треба многу работа, и тоа не секаква, туку стручна, долготрајна и макотрпна работа.

Со турските серии се враќаат и турцизмите во македонскиот јазик

Јала јала! Проблемот со турските серии е покомплексен, но најмал проблем, ако воопшто е тоа проблем, е враќањето на турцизмите во македонскиот јазик (ако воопшто се враќаат? Сериите се „махом“ синхронизирани, еве од Сила немам чуено ниту еден турцизам, а посветено ги следам нејзините потресни страданија). Влијанието на турскиот јазик е главно преку усвојување на зборови,  кои се веќе усвоени во граматичкиот систем, така што какво било јазично влијание на турските серии е толку небитно што тоа е смешно (на незасмејувачки начин). Проблемот со турските серии е повеќе социолошки и психолошки, па и идеолошки, додека некаков проблем со јазикот е речиси минорен.

Интернетот е причина за падот на јазичната култура

Интернетот е само платформа за комуникација. Тоа што на него нема доволно јазична култура е одраз на тоа што во реалноста исто така ја нема доволно таа култура. На интернет тоа секако е само повидливо за сите.

Ако има повеќе речници, јазични помагала и литература, ќе се подобрат и состојбите, но вистинското клучно поле за оваа битка пак е образованието. Интернет-едукацијата може да биде само дел од неа, не може да функционира одделно.

Sead93

Целиот текст прочитајте го на Sead93.wordpress.com.