[Став] Поплавата низ призмата на еден тетовец

Некаде после полноќ, ме разбуди остро ѕвонење на вратата. Татко ми веќе беше спремен, облечен во униформата на територијалната одбрана и замина во ноќта…

Илјадници други „територијалци“, илјадници граѓани распоредени во цивилната заштита и илјадници војници беа мобилизирани таа ноќ. Да бидат бедем за одбрана пред надојдената река Пена.

Гимназијата не работеше неколку дена, зашто сите професори беа исто така повикани. Јас од балконот на петиот кат, зачудено гледав една огромна непозната река, далеку од коритото на Пена, како безмилосно носи скршени гранки по мојата улица.

После 37 години, татко ми го нема. Замина засекогаш една ноќ, во пресрет на сите стари Турски мостови што ги уриваше со динамит, за да го ослободи градот од бесот на Пена. Во спомен ми остана само гордоста на мајка ми додека му ја переше на раце, калливата униформа…

Го нема и системот кој можеше да мобилизира илјадници лица во еден миг. Без ниеден мобилен. Без куп независни телевизии, експерти и толпа бранители на државата. Ниеден од нив, вчера не беше на бедемите на Пена.

Го нема и комшијата чичко Јошко со кого пред поплавата редовно одевме на капење на река Пена. Заедно со многу други семејства, по чатмите кај хидроцентралата, водопадот, на Бањиче, на каналите… Со малку леб, сирење, домати и младо кромидче во плетената торба…

По тие чатми, многу Тетовци научија да пливаат. А чичко Јошко при секое влегување во вода имаше обичај да се развика:„Бањњааа, бањњњааа“. Но ете потона и неговиот вик во длабокиот вир на реката која беше и топла бања и рај на земјата…

23 години независна Пена чекаше некој да почне да го одржува системот против поплави стар 37 години, во чие градење и чување учествуваа, татко ми, чичко Јошко и уште многу други татковци. Молчеше Пена и ги трпеше сите гнасотии нафрлани во неа…

После 37 години на молчење, трпење на сета сеча на нејзините шуми и сето плукање по нејзиното достоинство, бесно проговори.

Вчера Пена почна да фрла по градот р`ѓосани шпорети, фрижидери, машини, пцовисани коњи, градежен шут, ѓубре од преполните контејнери, кондоми, влошки, тоалетна хартија, измет, шприцеви од наркоманите и од клиничкиот центар, заедно со сиот медицински отпад.

Им ги подели истите гнасотилаци праведно и на Албанските газди на кафулињата покрај Пена и на Македонските надуени патриоти од Ајдучко маало и на Ромите што живееат под мостот на Индустријска.

На жалост вчера Пена однесе и човечки жртви.

Но не ги однесе вистинските. Не ги препозна ѓубрињата кои себе си се нарекуваат луѓе. Или таа само опоменува, а не ја врши работата место нас?

А ние сите, како прави ѓубриња, цели 23 години, не препознаваме поплава од неписмени експерти, од приучени доктори на наука, од полуписмени наставници, од улизувачи, себичњаци, лицемери, фалбаџии, неспособни нестручњаци на стручни места…Неодговорни позиционери на најодговорни места.

И се претопуваме во нив… Во реката на обвинувања, изговори, подметнувања, себичност, интерес, лицемерие, омраза, омраза и само омраза… Не ја препознаваме поплавата од солзи сред ширум затворени очи и уши.

Ни го помати умот матната. Ни го пере мозокот секојдневно, за да мислиме дека милион евра се патриотизам, а плукањето и убивањето демократија…

Денес има апели за помош на фејсбук. Но вистинскиот апел може да дојде само од вистинскиот систем.

Пред 37 години, во Хотел Македонија беа привремено сместени голем број од загрозените жители, додека не им се изградија бесплатни згради. И ден денес се викаат згради на поплавените. Но голем дел од тие жители се веќе заминати во другите системи на Америка, Канада, Австралија.

Сега хотелот Македонија се вика „Лирак“. Не верувам дека во него газдата Сади Беџети, бившиот градоначалник на Тетово, ќе дозволи да се сместуваат сегашните несреќни бескуќници.

На денешен ден пред 23 години, со почетокот на демократијата во Македонија, во Тетово умреа многу новороденчиња од инфекција на одделение. Никој не одговараше. За ниедно. Ни за ќерка ми…

Вчера Пена не предупреди 15 минути и се повлече. Зашто таа во суштина е како убава жена желна за љубов. Не остави да подразмислиме за љубовта, довербата, мазењето, простувањето, несебичноста, заедништвото, правдата, природата, одговорноста. Да размислиме за иднината на нашите деца. Инаку ќе се разбесне пак, и ќе дојде по нив…

Зоран (Касап) Стојановски

*Текстот е преземен од Фејсбук профилот на авторот со негова дозвола