[Став] Пофалба за здодевните места

Непишано правило за патувањата е дека, без оглед на сѐ, мора да ги избегнувате здодевните дестинации. Ако веќе ги издржувате нервозите на патувањето – од проклетото средно седиште до трајната болка во вратот и „jet lag-oт“ – треба  барем да одите на некое интересно место, нели?

Не мора да значи. „Интересно“ е релативен термин, чие значење најмногу зависи од окото на патникот. Здодевното (сфаќам дека ова е еретизам), може да биде добро. Всушност, разгледувајќи печати од гранични премини, сфатив дека токму „досадните“ места ми ги создале некои од најдобрите сеќавања. Женева? Смртно досадна. Си поминав прекрасно. Бопал, Индија? Ништо посебно. Одличен помин. Браво и за Измир, Турција и Кливленд, Охајо.

Знам дека ова звучи лудо. Нели е смислата на патувањето во тоа да избегаш од досадата, да побегнеш од вообиченото и да се упатиш кон возбудливото?

Не, не е. Патувањето, верувам, значи соочување со досадата и излегување од битката не само неповреден, туку и повторно оживеан. Врзани за нашите iНешта, пишуваме пораки и твитаме додека деновите не ни се потрошат, безбедни во сознанието дека нема да ја искусиме апатијата, која е, да се соочиме, дел од човековата состојба. Патувањето претставува можност да се одврземе, а тоа најдобро се прави на понеинтересни нешта. Тоа е така бидејќи таквите дестинации се сосема безбедни од одвлекувања на вниманието, ослободени дури и од убавината. Да, убавината може да одвлекува внимание, како што може да ви каже секој кој стапнал во Италија. Досадните места се како теретани. Има причина поради која одиме таму, но не нѐ доведува до исполнување на целите веднаш.

За жал, таканаречените досадни места имаат лоша репутација. На неодамнешна посета на Женева, моите дневни прошетки низ градските улици немаа посебен акцент: немаше Триуфална капија или плоштад Трафалгар, ниту било каква глетка која би била спомената во водич. Бев навикнат да ми биде забавно, особено на пат, а Швајцарија одби да ми го даде тоа. Без драма. Без огномети, и буквално и метафорички.

На почетокот, ова ме нервираше. Како што деновите минуваа, бев сѐ понемирен. Аман, Швајцарија, забавувај ме! Сепак, за кратко време оваа иритираност се намали, и сфатив дека скриената придобивка на местата како Швајцарија е што се предизвикувачки. Швајцарците велат: Создади ја својата возбуда. Нема да ти помогнеме.

На пример, на вечера во Женева, им зборував на гостите за мојата опсесија тогаш – културолошките корени на среќата, и после малку подбунцнување, одговорија со многу длабоки коментари за сѐ, од локалната музичка сцена до контроверзната политика на Швајцарија за асистирано самоубиство. Швајцарците, сфатив, не се толку досадни колку што се повлечени. На крај вечерата излезе многу интересен настан, бидејќи презедов иницијатива и помогнав во тоа.

Мојот проблем со „возбудливите“ дестинации е што во нив има многу гужва, „вријат“ од колеги туристи во потрага по истата возбуда. Ако сте ја посетиле Фиренца преку лето, знаете на што мислам. Здодевните места, спротивно од тоа, се посвежи, низ нив помалку се поминува, и затоа повеќе го прифаќаат нашето натрапништво. На неколку милји од брегот на Бали, на пример, се наоѓа помалку познатиот индонезиски остров Ломбок, каде поминав една од најсреќните недели во мојот живот. Ломбок можеби ја нема шарената хиндуистичка култура и артистичките колонии, но надоместува за овие возбуди со старомодната автентичност. Додека шетав низ островот, впивајќи ја неговата помалку посетувана убавина, доживеав чувство за истражување кое Бали, со целата своја убавина, одамна го има изгубено. Кога се откажуваш од спектакуларното, награден си со потивката радост на вообичаеното.

Има друг проблем со возбудливите и прекрасни дестинации – или не дај Боже, оние „кои го одземаат здивот“. Создаваат очекувања, а очекувањата се непријател на среќата. Овие места го подигаат критериумот толку многу, што вашето искуство таму речиси секако ќе потфрли. Постојано слушаме дека Париз е романтичен град, па ако се испостави како нешто помалку сме разочарани. Но, на здодевните места, критериумот не е низок, туку воопшто го нема. Здодевните места ги намалуваат очекувањата, па од перспектива на среќата, тоа е добра работа.

На патување во Дижон, Франција, заминав без да знам ништо за градот (освен за неговиот познат сенф), и бев вчудовиден што пронајдов многу музеи, уметнички галерии и кафулиња. Би лажел ако кажам дека парираа на нешто што Париз може да го понуди, но како што поминуваа деновите, без брзање, се пронајдов себеси како на чуден начин уживам во нивната обичност. Место да барам од Дижон да ме забавува, го променив моето сфаќање за тоа што значи забава.

Доживеав слично ментално прилагодување кога патував во Кливленд. Градот, како и моето родно место Балтимор, има ужасна репутација. Кливленд има свој шарм, како и секој друг град, а шармот најдобро се доживува ако не му претстојат етикети. Затоа го доживеав, јадејќи во тренди кафулиња благословено несвесни за тоа дека се тренди, шетајќи по улици кои ги нема во ниту еден водич. Претпоставките – дури и оние позитивните – му отежнуваат на патувањето повеќе од сиот изгубен багаж во светот.

Да бидам јасен: не велам дека патуваме во Кливлендите во светот со лоши очекувања. Велам дека одиме без очекувања. Има разлика. Со ниски очекувања, сам ја водиш играта, обидувајќи се да си наметнеш разочарување. Без очекувања, отворен си за сѐ што доаѓа.

Овој пристап е всушност будистичкиот начин на патување. Далај Лама патува многу, неретко и на многу досадни дестинации, но не сме го виделе да покаже ништо освен чиста радост.

Филозофите низ вековите ја ги расветлуваа придобивките од досадата. „Одредена количина на досада е неопходна за среќен живот“, напишал британскиот филозоф Bertrand Russell. Друг Британец, авторот и познат светски патник Aldous Huxley, се согласува со него. „Досадата е симбол на човековата слобода – неговата прекумерна слобода. Тој ја прифаќа својата досада, не само филозофски, туку речиси и со задоволство“.

Свесен сум дека не ги изедначуваме досадата и задоволството, но размислете за тоа. Патуваме со цел да го промениме ритамот на нашите животи, а тоа значи прифаќање на мирните времиња, но и на бурите со кои се среќаваме по патот.

Повеќе од тоа, здодевните места ги подобруваат нашите патувачки способности, присилувајќи нѐ да најдеме убавина и значење, но и возбуда, во обичното. Ја променуваат нашата „мускулна меморија“, нашата природна склоност да се навикнуваме на било што, и при процесот нѐ прават подобри, посилни. Нели е тоа всушност причината поради која патуваме?

Вистината е дека нема здодевни места. Само здодевни патници.

Пишува Eric Weiner, автор на The Geography of Bliss и The Geography of Bliss, за ВВС