[Став] Писание за моите матуранти

„Запомнете дека треба да ги почитувате и следите луѓето кои мислат различно, наместо оние кои кои мислат исто. Бидете глас наместо ехо. Учете, оти само тоа ќе ви помогне да го скроите животот“, пишува професорката Елизабета Секирарска во своето отворено писмо до матурантите.

Писмото го пренесуваме интегрално:

„Си одите засекогаш денес во 18 часот, дечки. Ќе ги добиете вашите дипломи, клучот за затворање на средношколските денови и отворање на магичните врати кои ќе ве одведат во живот – она на што ве подготвувавме додека бевте со нас. Ќе се разделиме денес и ќе заминете, како израснати патници кои ја напуштаат станицата во која четири години го гледаа и учеа животот низ прозорците на забревтаните вагони. Одите од денес на друга станица, каде ве чекаат некои други возови.

Сакам да ве поздравам сега, застаната на перонот каде наскоро ќе се симнат некои други клинци, чиишто очи ќе ме гледаат од клупите во кои вие пораснавте. Сакам да ви посакам добар пат, среќен животен пејсаж кој ќе ве следи и избор само на вистинските возови, дечки. Оти ако возот го згрешите, сите станици ќе ви бидат погрешни. Газете цврсто, борете се за добро место покрај прозорецот од каде животот ќе го гледате и градите со отворени очи. Возете се низ животот чесно, умно и со многу напор, бирајќи ги потешките патишта оти само тие се вистинските. Лесните нека не ви бидат предизвик. Носете го во срцата пламенот на исправното битисување и вложувајте во себе.

Запомнете дека треба да ги почитувате и следите луѓето кои мислат различно, наместо оние кои кои мислат исто. Бидете глас наместо ехо. Учете, оти само тоа ќе ви помогне да го скроите животот кој ќе си го носите како удобен капут кој, и покрај се, никој нема да може да ви го земе, оти тоа ќе бидете вие.

Јас сум среќна денес. Затоа што бев дел од вашето созревање. Затоа што бев учител кој остаре уште една година хранејќи ја младоста со ум. Ви благодарам на таа привилегија и ви посакувам со сето срце само убост да ве следи.

Ви мафта од перонот вашата професорка.“