Доаѓањето на новата владина гарнитура треба да донесе промени во областа на заштитата на животната средина. Креирање национална стратегија за загадување на воздухот, заштита на урбаното зеленило, унапредување на мрежата на заштитените подрачја, прогласување на Шар Планина за национален парк и заштита на балканскиот рис треба да се првите приоритети на кои треба да се работи.
Новата Влада ќе се соочи со огромен број сериозни проблеми од областа на екологијата и заштитата на животната средина. Децениската апсолутна негрижа кон животната средина донесе енормно загаден воздух, масовна сеча на дрвја, уништување на заштитените подрачја и општо недомоќинско однесување кон природата. Решенијата кои следуваат треба да се динамични и овојпат, во консултации со стручната јавност. Штетите кои и се нанесуваат на природата се често непоправливи и затоа кон оваа тематика мора да се пристапи со големо внимание и одговорност. Од многуте еколошки проблеми се издвојуваат најголемите пет приоритети кон кои новата владина гарнитура мора веднаш да почне да делува.
- Креирање на национална стратегија за регулирање на аерозагадувањето
Во последните години, особено во зимскиот период и започнувањето на грејните сезони, најголемите градови во Македонија влегуваат во групата најзагадени градови во Европа. Граѓаните во период од четири месеци се изложени на воздух со рекордни количествa супсензирани честички. Беа потребни неколку граѓански иницијативи, протести и собири за ресорното министерство и градските власти да реагираат на ваквата состојба. Предлозите и мерките кои ги донесоа властите беа чиста формалност, често неконкретни и апатични. Останува впечатокот дека централната власт како да не сакаше да почне сериозно да се занимава со решавање на загадениот воздух.
Проблемот со загадувањето на воздухот треба да биде прв приоритет на новата Влада и нему треба да му се посвети систематски и долгорочно, користејќи ги сите расположливи правни и технички средства. Веќе постојат неколку изготвени планови со предлог мерки од група невладини организации и експерти кои треба да се разгледаат, јавно да се дискутираат и да се стават во пракса. Но, пред било што да се почне, прво е потребно да се изврши независен, нов, национален мониторинг со мерење и мапирање на загадувачите. Моменталната мрежа на мерни станици дава резултати кои, во најмала рака, се сомнителни и често неверодостојни. По завршувањето на ова истражување би се добила јасна слика за вистинската состојба на воздухот во државата и би имале информации кои ќе помогнат да се креира национална стратегија за регулирање на аеро загадувањето.
- Заштита на урбаното зеленило
Поголемите урбани заедници низ државата беа сериозно оштетени во процесот на нерегулирано и непотребно сечење и уништување на урбаното зеленило во последните неколку години. Ова беше особено интензивно во Скопје, каде за потребите на инфраструктурните зафати за проектот „Скопје 2014“ беа уништени огромни површини зеленило. Тоа продолжи со сечата на шума во Парк шумата Водно за изградба на нов патен правец кон елитната населба „Сончев Град” како и за потребите на новата жичарнива на Средно Водно. Се сечеше и низ булеварите, се сечеа дрвореди, се со цел да се отвори поглед кон новите мегалитски градби од „Скопје 2014”. На зеленилото, особено на дрвјата се гледаше како на пречка и непотребна појава, наместо како на важен елемент во одржувањето на квалитетен живот во урбаните средини. Затоа е потребно итно прогласување мораториум на сечата на дрвја во градските средини како и на непотребното уништување зеленило. Доколку постојат објективни причини за сеча, таа треба да биде минимална и оправдана. Потребно е да се сопре со сечењето дрвја со оправдување за нивна болест или старост, а без притоа за нив да се објави фитопатолошки наод. Наместо продолжување со популистички и апсурдни проекти како „Ден на дрвото“ кои донесоа повеќе штета отколку корист, новата власт заедно со локалните власти мора да работи на максимална конзервација на веќе постоечкото урбано зеленило. Зеленилото, особено дрвјата треба да се гледаат како мали живелишта, а не како безживотни објекти што треба да се отстранат.
- Прогласување на Шар Планина за Национален парк
Во Македонија повеќе од половина век ниту едно продрачје не е прогласено за национален парк. Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара 10 години. Шар Планина заслужува конечно да се заштити поради својата ендемичност и уникатност. Шара треба да прерасне во Национален Парк пред да биде предоцна. Според податоците на биолозите нерегулираната сеча на дрвја, неконтролираното градење и незаконскиот лов се главните опасности на кои е постојано изложено подрачјето на Шара. Шарпланинскиот масив изобилува со голем број природни езера, 30-ина планински врвови над 2.000 метри, 200 видови птици, околу 150 разни пеперутки. Шар Планина претставува важна точка за националниот, но и за балканскиот биодиверзитет. Аргументите и причините за заштита на Шара се јасни, а и локалното население е согласно и го поддржува овој процес. Ако Шар Планина биде прогласена за национален парк, Македонија ќе има четири заштитени подрачја од категоријата национален парк, кои би сочинувале 12 проценти од нејзината вкупна територија, што повторно ќе биде помал од европскиот просек што се движи некаде околу 20 отсто. Со заштитата на масивот нема да се заштити само богатиот биодиверзитет, туку ќе се подобри и квалитетот на живеење на локалното население. Националниот парк нуди директни бенефиции за жителите како што е заштита од ерозии, обезбедување чиста вода и еколошки чисти прехранбрени продукти, како и индиректни дополнителни можности за развивање органско производство и сточарство, туризам и сл.
- Национален план за заштита на балканскиот рис
Според Црвената листа на Меѓународната заедница за заштита на природата, балканскиот рис влегува во категоријата на критично загрозен вид (Critically Endangered CR). Во оваа категорија спаѓаат видови кај кои бројот на возрасни репродуктивни единки во природата е помал од 50. Територијата на која опстојува балканскиот рис е поделена во две целини со што и популацијата е поделена. Едната е во Македонија (Националниот Парк Маврово), а другата во Албанија и Црна Гора. Она што е исклучително важно е дека единствената позната област за репродукција на балканскиот рис е Националниот парк Маврово и неговата околина во Македонија. Најголемите закани со кои се соочува балканскиот рис се: малата популација, намалувањето на изворите за исхрана (животни за лов), уништувањето на живеалиштата и криволовството. Фактот дека популацијата е составена од 20-39 единки, сам по себе претставува опасност за исчезнување на балканскиот рис. Ловот на рисот во Македонија според Законот за ловство е ставен под трајна забрана. Сепак, криволовството постои и тоа негативно делува врз рисот на два начини: директно – преку загуба на единки и индиректно – преку нерегулиран лов на пленот со кој тој се храни.
За заштитита на балканскиот рис потребно е целосно спроведување на предвидените акциски планови, зголемување на едукацијата на локалното население, особено на децата, но и подобра соработка помеѓу невладините организации, стручниот сектор и државните институции. Научниците, биолозите и експертите прават се` што можат да ја заштитат оваа дива мачка. На ред се властите. Со поддршка од сите ресорни државни институции, идниот национален план за заштита на балканскиот рис, би дал големи шанси за негово преживување.
- Ревидирање и унапредување на мрежата на заштитени подрачја во Македонија
Во моментов, мрежата на заштитени подрачја во Република Македонија вклучува вкупно 86 подрачја кои зафаќаат површина од 229.900 хектари или 8,94 отсто од територијата на државата. Сепак, ова е далеку од процентот во регионот и многу помалку од 56,2 проценти заштитени подрачја во Германија. Најголем процент отпаѓа на националните паркови и спомениците на природата. Мрежата на заштитените подрачја во Македонија не претставува кохерентен систем односно тој е во преодна состoјба и вклучува подрачја прогласени во различно време, според различни категоризации и со различни цели. Пример за ова е истражувањето спроведено од Програмата за зачувување на природата во Македонија, наменето за Источниот плански регион, во кое според извршените анализи на терен се предлагаат нови 12 заштитени подрачја како и редифинирање на веќе постоечките. Преку процесот на ревидирање и унапредување на мрежата на заштитени подрачја, нема да се подобри само еколошкиот статус, туку тоа ќе влијае и на стопанството и на локалната економија преку бенефитите што заштитените подрачја ги носат со себе. Новата Влада треба да ја зајакне и подобри соработка со локалната власт и заедно да ги спроведат сите потребни чекори за заштита на подрачјата во Македонија.
Менување на ставот, не на личностите
Настаните и постапките од минатото упатуваат на тоа дека е потребно државата да го промени ставот кон природата и природните ресурси. Потребно е внесување нов, модерен и етички modus operandi. Одлуките кои би се носеле од областа треба да бидат консултирани со општата и експертската јавност. Треба конечно да се раскрсти со „пазарското“ гледање на природата како бизнис, однос извор на пари. Мерењето на природата во метри дрва, кубици песок и тони камен не донесоа во оваа ситуација, да сме на работ да ги изгубиме националните природни вредности. На заштитата на животната средина треба да се гледа како на животно важен дел од управувањето на државата и здрава животна средина треба да е императив на секоја нова власт.