[Став] Патувањето на една Сиријка

Се викам Агрин, имам 25 години и доаѓам од Сирија. Ја напуштив својата земја заедно со сопругот поради војната. Мојот сопруг имаше продавница во Сирија и заработуваше добро, нашата финансиска ситуација беше добра таму. Но, неговата продавница беше бомбардирана и дел од мојот универзитет беше бомбардиран, исто така. Штотуку завршив трета година тогаш (студирав арапски јазик). Па, тогаш решивме да заминеме.

Патувањето не беше воопшто лесно, прво отидовме во Турција и потоа во Грција. Да се стигне до Грција беше особено тешко, првиот обид беше неуспешен поради тоа што бевме со многу други луѓе, а чамецот беше екстремно мал, времето екстремно ветровито и мислевме дека ќе се удавиме во морето. Па ,се вративме во Турција.

По некое време, се обидовме повторно и овој пат успеавме да стигнеме во Грција. За жал, во тој момент границите се затвараа, па заглавивме во Идомени на границата со Македонија. Јас бев во четвртиот месец од бременоста тогаш. Поминавме околу четири месеци во Грција. Животот во мал шатор во Идомени беше напорен. Понекогаш беше премногу врнежливо, премногу сончево – а се што имавме беше мал шатор…

Имаше толку многу луѓе заглавени во Идомени, не беше ни безбедно да останаме таму, особено за бремена жена. Кога конечно успеавме да дојдеме во Македонија, отидовме во кампот во Гевгелија и се регистриравме. Таму останавме десет месеци. Се породив во Македонија, само една недела откако пристигнавме. Во кампот имавме соба, но ја делевме со уште едно семејство, па животот во една соба со нашето мало бебе и уште едно друго семејство исто така беше напорен.

Решивме да побараме азил во Македонија, но по еден месец чекање, се плашевме дека никогаш нема да ни биде даден азил. Па, решивме да се вратиме во Грција, каде што легално аплициравме за азил во ЕУ преку системот за релокација. Системот за релокација функционира само во земји-членки на ЕУ и не ја бираш земјата каде што ќе бидеш пратен. По шест месеци чекање, конечно бевме пратени во Франција каде добивме статус на бегалци.

Благодарна сум на Македонците кои работеа и волонтираа во кампот во Гевгелија за се што правеа. Иако не можеа да направат повеќе, ни дадоа топлина и насмевки, и покрај тоа што поголемиот дел од нашето патување е обременет со лоши спомени, ќе ги чуваме и добрите спомени. Се уште одржувам контакт со некои од овие Македонци, понекогаш ме прашуваат како сум, им праќам слики од нашиот живот во Франција, од моето бебе и среќни се. Не сум ѝ лута на Македонија поради тоа што границите останаа затворени, бидејќи знам дека тоа не беше во рацете на Македонија. Наместо тоа, одлучувам да ги чувам добрите спомени – сите пријателствата кои ги стекнавме.

Проектот е имплементиран од НВО ЛЕГИС со поддршка на проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија”. Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија “ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.
Ставовите изразени во оваа статија не нужно се совпаѓаат со ставовите на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammmenarbeit (GIZ) GMBH.