На деспотите од оската Скопје – Белград – Будимпешта – Варшава не им треба ЕУ за естаблирање на демократијата, туку им требаат нејзините пари за изградба на бедемот на нивната власт.
Некои ги опишуваат како деспоти, некои како авторитарни лидери, други како диктатори. Без оглед како се нарекуваат оние што владејат на оската Скопје – Белград – Будимпешта – Варшава тие имаат една заедничка нишка: да ја држат под контрола целокупната власт, да ја симулираат расправата во општеството само според нивни насоки или патокази, да го заплашуваат општеството со наводни мешања од други земји во домашната политика, да го демонизираат инвеститорот и филатропотот Џорџ Сорос како најголемо зло што оди на Земјата, да ги стават општествата под стаклени ѕвона каде што треба да се прикажува само една партиска вистина, да ја напаѓаат Европа за непринципиелност, цинизам, за двојни стандарди и во исто време да ги трошат безмилосно нејзините пари кои доаѓаат во милијарди евра како помош. Во една реченица тоа би се свело на ова: ЕУ не ни треба во етаблирање на демократијата, туку ни требаат нејзините пари за изградба на бедемот на нашата власт.
Пред посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје македонскиот претседател Ѓорге Иванов беше на аџилак во Будимпешта кај неговите пријатели од илибералната оска за да слушне некој глас охрабрување за хаосот што го создаде во својата земја со автократскиот илузионизам кому тој сака, а кому не сака да му го даде мандатот за формирање влада. Унгарскиот премиер Виктор Орбан е знаменосец на илибералната демократија, на отфрлањето на мултикултурализмот, на ксенофобијата, на задушувањето на медиумските и граѓанските слободи, и прв во крстоносната битка против Сорос. Орбан е инспирацијата за овдешнава вмровска елита, неговите изјави, наспроти европските барања за демократија и слобода на говорот, се дочекуваат како братска поддршка за владеење без контрола и во интерес само на една партиска структура.
Иванов и Орбан имаат минато кое се допира во една точка – и двајцата порано беа дел од отвореното општество на Џорџ Сорос. Американскиот филантроп финансиски му помогна на антикомунистичкиот бунтовник за да ја проучува демократијата и либералните идеи на Оксфорд, а со пари на Сорос (Унгарец по потекло) Орбан ја формира неговата партија Фидес. Кога првпат дојде на власт, во 1998 година, Фидес го напушти либералниот камп и го прифати десничарскиот конзервативизам и оттогаш ги прекина сите врски со Сорос. Неговиот побратим во Скопје (кој дури му го даде и највисокиот македонски орден на Орбан) исто така беше дел од структурите на фондацијата на Сорос, но и тој раскрсти со неа откако се вгнезди во претседателската резиденција и како поранешен функционер на југословенската младинска организација го прегрна десниот конзервативизам како иделогија која ќе го одржи на власт.
Демонизирање, финансиски контроли и закани
Постизборната тирада во Скопје на владејачката партија против Сорос и невладините организации кои тој ги помага овде, како да е подготвувана според сценарио во Будимпешта. Настаните, демонизирањето, финансиските контроли и заканите се толку идентични што изгледаат дека се подготвувани од еден извор. Она што последниве неколку недели се случува во Унгарија околу можното затворање на најдобрата високообразовна институција во земјата, Централноевропскиот универзитет, е патоказ кој се разработува во детали на вмровските бироа доколку сегашните владетели по некој случај останат на власт. Овде нема таков универзитет, но има дузина невладини организации, кои финансиски ги помага Сорос за промовирање на демократијата и либерализмот, и кои со еден закон, според рускиот модел од пред некоја година, можат да бидат затворени преку ноќ. А потоа да се заменат со овдешни кои ќе ја промовираат владината идеологија за затвореност на општеството, за што веќе е најавена помош од 800 илјади евра.
Минатите денови во Будимпешта се одржаа најголемите протести во последните десетина години на кои главно студенти го бранеа правото да може да се студира на универзитетот каде што можат да добијат најдобро знаење. Во една парадоксална ситуација, 27 години по падот на железната завеса (уште се свежи сеќавањата како Алојз Мок и Ѓула Хорн ја сечеа жичената бариера меѓу Унгарија и Австрија во 1989 година), 80 илјади луѓе во Будимпешта извикуваа „Европа, Европа!“, „Слободна земја“, „Слободен универзитет“. Како во еден кавкаски круг со креда работите да се вратиле назад, пред 30 години. Овие протести не влијаеја воопшто врз унгарскиот претседател Јанош Адер (сојузник кој само ги извршува задачите на Орбан) да го потпише указот за стапување во сила на законот со кој на Централноевропскиот универзитет му е дадена можност до февруари 2018 година да го исполни законскиот услов да има ист таков универзитет и во САД инаку ќе биде затворен. Законот, се разбира, е направен да се однесува на сите 28 странски универзитети во Унгарија, но неговите одредби вистински важат само за ЦЕУ. ЦЕУ е формиран во 1991 година како независна образовна институција за промовирање на демократијата по падот на комунизмот и тој не е е дел од некаков универзитет во САД, туку постои сам за себе. На него студираат 1.400 студенти од 130 земји. Поставениот рок – февруари 2018 година – не е случаен. Два месеци подоцна треба да се одржат парламентарни избори на кои Орбан очекува трет последователен мандат.
Претседателот Адер (ниту неговиот ментор Орбан) не го поколебаа ни протестите, ни писмото на повеќе од 400 водечки меѓународни академици, меѓу кои и 17 добитници на Нобеловата награда, поети, уметници во кое тие изразија „длабока загриженост“ за намерата да биде затворена независната образовна институција и дека тоа е „последниот чекор за затворање на демократските институции во земјата, вклучувајќи ги медиумите и невладините организации. Ако дојде до затворање, тоа ќе биде сериозна дамка на совеста на ЕУ да дозволи овој акт на Орбан да помине без одговор“.
Не помогна ни повикот на директорите на три исклучително влијателни универзитети, Лондон скул оф економикс, Харвард и Јуниверзити колеџ од Лондон, кои во писмо објавено во „Фајненшел тајмс“ побараа од унгарската влада да го повлече „lex CEU“. „Овој акт е директно насочен против универзитетот кој има најголемо меѓународно реноме во земјата. Ние веруваме дека затворањето на овој универзитет ќе биде акт на самоповредување од страна на владата на Унгарија, трагедија за централна и источна Европа и удар за академската слобода и независноста ширум светот“, напишаа директорите.
Велепредавствата во затворените општества
Се разбира, во Будимпешта владата не ги слуша ваквите пораки затоа што постојано повторува дека работи за интересот на народот и државата. Орбан во парламентот зборуваше дека сето тоа е „кампања на дезинформирање“ против Унгарија. „Владата нема да затвори ниту еден универзитет, па ниту ЦЕУ. Нејзината намера е да осигура дека сите универзитети ќе работат според исти правила и дека ќе нема привилегии“. Провладините медиуми правеа се што е можно да ги минимизираат протестите, тврдејќи дека биле помалубројни отколку што се надевале организаторите, а потпретседателот на партијата Фидес, Силард Немет, ја повтори омилената теза дека сето тоа било масло на Џорџ Сорос, затоа што тој бил против владината политика за „заштита на границите и забрана за влегување на илегалните мигранти“.
Иако Виктор Орбан беше првиот европски премиер што го поддржа Доналд Трамп уште за време на кампањата (најмногу поради ставот околу мигрантите), одговорот на Вашингтон околу случајот на ЦЕУ беше многу остар. Стејт департментот побара да се суспендира важењето на законот затоа што тој е удар за академските слободи, а овие денови испраќа поголема мисија на дипломати во амбасадата во Будимпешта за решавање на случајот.
Во Европската Унија се тенчи трпението кон Орбан. Франс Тимерманс, првиот потпретседател на Европската комисија, опишувајќи го универзитетот како „драг камен на круната“, најави брза легална оценка на законот донесен во Будимпешта која треба да биде готова до крајот на април. Тој процес може да ја одведе Унгарија до највисокиот европски суд и да биде казнета. Тимерманс беше особено бесен што веднаш откако Орбан беше во Рим на одбележувањето на 60-годишната од ЕУ, во Унгарија стартуваше кампања „Стоп Брисел“, во која граѓаните пополнуваат прашалник дали се против поголемото мешање на ЕУ во внатрешните работи и против поглемата улога на невладините организации во општеството.
Клучот за одговорот на Брисел, како и и во македонскиот случај, е во групацијата на европските народни партии, ЕПП. Фидес, партијата на Орбан, засега го има тој клуч во свои раце – нејзините 12 пратеници во Европскиот парламент го прават јасно мнозинството на народниците над другите партиски групации. Орбан на конгресот на ЕПП на Малта неодамна ѝ се истури в лице на Ангела Меркел, велејќи дека нејзината политика со миграцијата била погрешна затоа што „миграцијата станала тројански коњ за тероризмот“. Иако шефот на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, изјави дека „слободата на мислењето, истражувањето и говорот се клучни за европскиот идентитет“, ЕПП уште ги проценува своите постапки. Доколку премолчи или го амортизира нелибералното однесување на партијата на Орбан тоа ќе биде удар за европската идеја на толеранција и „карт бланш“ за сите автократи, сегашни и идни. Затоа што ЦЕУ е сето она што Виктор Орбан и неговите побратими го мразат: тој е критичен, глобален, независен и мултикултурен. Автократите сакаат да владеат во затворени, етнички доминантни, зависни и апологетски општества. Се` што е поинакво го осудуваат како непријател на народот. Во македонскиот случај тие дури се означуваат и како најголеми велепредавници на државата.
Љупчо Поповски, уредник-коментатор во „Утрински весник“
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.