[Став] Парите го вртат светот – но успехот доаѓа преку развој

Пишува: Џефри Д. Сакс

Парите би требало да се движат од богатите кон сиромашните земји. Како што земјите со пазари во развој ќе стануваат побогати, профитот и каматата ќе се враќаат назад во богатите земји како поврат на нивните инвестиции.

Клучот за економски развој и ставање крај на сиромаштијата е инвестирањето. Државите постигнуваат просперитет со инвестирање во четири приоритети. Најважно е да се инвестира во луѓето, преку квалитетно образование и здравствена заштита. Следниот приоритет е инфраструктурата, како што се струјата, безбедната вода, дигиталните мрежи и јавниот транспорт. Третиот е природниот капитал, заштита на природата.

Четвртиот вид инвестирање е деловно инвестирање. Клучот се финансиите: мобилизирање на средствата за инвестирање во обемот и брзината што се бара.

Во суштина, светот треба да функционира како меѓусебно поврзан систем. Богатите земји, со високо ниво на образование, здравство, инфраструктура и деловен капитал, треба да обезбедат доволно финансии за сиромашните земји, кои мора итно да го изградат својот човечки, инфраструктурен, природен и деловен капитал. Парите би требало да се движат од богатите кон сиромашните земји. Како што земјите со пазари во развој ќе стануваат побогати, профитот и каматата ќе се враќаат назад во богатите земји како поврат на нивните инвестиции.Оваа понуда нуди добивки за двете страни, односно и богатите и сиромашните земји ќе добијат корист. Сиромашните земји стануваат побогати; богатите земји заработуваат повисок принос отколку што би заработиле со инвестирање само во сопствените економии.

Чудно е што меѓународните финансии не функционираат на тој начин. Богатите земји инвестираат главно во богати економии. Посиромашните земји добиваат само малку средства, не доволно за да се извлечат од сиромаштијата. Најсиромашната половина од светот (земјите со низок и среден приход) моментално произведува околу 10 билиони долари годишно, додека најбогатата половина од светот (земјите со високи приходи и високи среден приход) произведува околу 90 милијарди долари. Финансирањето на побогатата половина во посиромашната половина би требало да изнесува 2-3 милијарди долари годишно. А реалната бројка е само мал дел од тоа.

Проблемот е што инвестирањето во посиромашните земји изгледа премногу ризично. Тоа е точно ако гледаме краткорочно. Да претпоставиме дека владата на земја со ниски приходи сака да се задолжи за да го финансира јавното образование. Економскиот поврат од образованието е многу висок, но потребни се 20-30 години за да се реализира, бидејќи денешните деца се школуваат 12-16 и дури потоа се приклучуваат на пазарот на трудот. Меѓутоа, заемите често се даваат на период од само 5 години и се деноминирани во американски долари наместо во националната валута.

Да претпоставиме дека земјата ќе позајми 2 милијарди долари денес, што ќе доспеат за пет години. Тоа е во ред ако за 5 години владата може да ги рефинансира 2-те милијарди долари со уште еден петгодишен заем. Со пет заеми за рефинансирање, секој на период од пет години, отплатата на долгот се одложува за 30 години, до кога економијата ќе порасне доволно за да го врати долгот без да земе друг заем.

Сепак, во одреден момент, на земјата најверојатно ќе ѝ биде тешко да го рефинансира долгот. Можеби пандемија или банкарска криза на Волстрит или неизвесни избори ќе ги исплашат инвеститорите. Кога земјата ќе се обиде да ги рефинансира 2-те милијарди долари, ќе се најде исклучена од финансискиот пазар. Без доволно расположливи долари и без нов заем, таа нема да може да ги исполнува обврските и ќе заврши во ургентниот центар на ММФ.

Како и повеќето ургентни центри, она што ќе следува не е пријатна глетка. Владата ќе ги намали јавните трошоци, со што ќе се предизвикаат социјални немири и ќе се соочи со долготрајни преговори со странски доверители. Накратко, земјата ќе биде втурната во длабока финансиска, економска и социјална криза.

Знаејќи го ова однапред, агенциите за кредитен рејтинг како Moody’s и S&P Global им даваат на земјите низок кредитен рејтинг, односно оценка со која инвестирањето не би било препорачливо. Како резултат на тоа, посиромашните земји не можат да се задолжат долгорочно. Владите треба да инвестираат долгорочно, но краткорочните заеми ги тераат владите да размислуваат и инвестираат краткорочно.

Сиромашните земји исто така плаќаат многу високи каматни стапки. Додека американската влада плаќа помалку од 4 проценти годишно за 30-годишно задолжување, владата на сиромашна земја често плаќа повеќе од 10 проценти на 5-годишни заеми.

ММФ од своја страна ги советува владите на посиромашните земји да не се задолжуваат многу. Така, ММФ всушност ѝ вели на владата: подобро да се откажете од образованието (или струјата, или безбедната вода или асфалтираните патишта) за да избегнете идна должничка криза. Тоа е трагичен совет! Резултатот е стапица со која остануваат во сиромаштија, наместо начин да излезат од сиромаштијата.

Ситуацијата стана неподнослива. Побогатата половина од светот ѝ вели на посиромашната половина да го декарбонизира својот енергетски систем; да гарантира универзална здравствена заштита, образование и пристап до дигитални услуги; да ги заштити дождовните шуми; да обезбеди безбедна вода и канализација итн. А сето тоа треба некако да успее да го направи со мали 5-годишни заеми со 10 проценти камата!

Проблемот не е во глобалните цели. Тие се остварливи, но само доколку инвестициските текови се доволно високи. Проблемот е недостатокот на глобална солидарност. На посиромашните нации им требаат 30-годишни заеми со 4 проценти, а не 5-годишни заеми со повеќе од 10 проценти, и им треба многу повеќе финансирање.

Поедноставно кажано, посиромашните земји бараат да се стави крај на глобалниот финансиски апартхејд.

Постојат два клучни начини да се постигне ова. Првиот начин е отприлика петкратно да се зголеми финансирањето од Светската банка и регионалните развојни банки (како што е Африканската банка за развој). Тие банки можат да позајмуваат на 30 години и со камата од околу 4 проценти и да им позајмуваат на посиромашните земји со тие поволни услови. Сепак, нивното работење е со премногу мал обем. За банките да го зголемат обемот на работа, земјите од Г20 (вклучувајќи ги САД, Кина и ЕУ) треба да вложат многу повеќе капитал во тие мултилатерални банки.

Вториот начин е да се поправи системот за кредитен рејтинг, советите за долгови на ММФ и системите за финансиско управување на земјите-позајмувачи. Системот треба да се преориентира кон долгорочен одржлив развој. Ако им се овозможи на посиромашните земји да земаат заеми на 30 години, наместо на 5 години, во меѓувреме нема да се соочат со финансиски кризи. Со правилна долгорочна стратегија за задолжување, поткрепена со поточни кредитни рејтинзи и подобри совети од ММФ, посиромашните земји ќе пристапат до многу повисоки износи со многу поповолни услови.

Големите земји годинава ќе одржат четири состаноци на тема глобални финансии: во Париз во јуни, Делхи во септември, ОН во септември и Дубаи во ноември. Ако големите земји работат заедно, можат да го решат ова. Тоа е нивната вистинска задача, наместо да водат бескрајни, деструктивни и катастрофални војни.

*Џефри Д. Сакс работи како директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија, каде е и универзитетски професор, највисокиот академски ранг на универзитетот. Тој е претседател на мрежата за решенија за одржлив развој на ОН, копретседател на Советот на инженери за енергетска транзиција, член на академијата за општествени науки во Ватикан, Комесар на Комисијата за развој на ОН за широкопојасен интернет, почесен професор на Универзитетот Санвеј и застапник за SDG за генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Од 2001-2018 година, Сакс беше специјален советник на генералните секретари на ОН, Кофи Анан (2001-2007), Бан Ки-мун (2008-2016) и Антонио Гутереш (2017-2018).

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.