[Став] Пандемијата е пожар кој може да го изгасиме преку масовна вакцинација

м-р Иван Дургутов

Ретко кој можеше да очекува и претпостави дека обично, редовно соопштение кое се лиферува по секоја одржана владина седница може да побуди особен интерес помеѓу пошироката и општа јавност. Но, се случи и тоа чудо и соопштението од одржаната 97. седница на Владата разви огромни полемики и преписки, најмногу на социјалните мрежи. Најновата основа за поларизираност на македонските граѓани, овој пат е (не)грижата за своето и здравјето на другиот, а државата очигледно не стори доволно да ја доближи неопходноста од вакцинација до обичниот граѓанин.

Седницата одржана на 7 август годинава, членовите на Владата ја искористија за дискусија по разни точки на дневниот ред, од кои една излезе најинтригантна за домашната јавност – 16 август 2021 година станува датумот за најновата рестрикција поврзана со сузбивање на ковид-19 вирусот. Имено, оваа точка по која владините министри дискутираа за препораката дадена од Комисијата за заразни болести, се однесува на борбата со новата варијанта на вирусот, т.н. „делта сој“ и всушност значи воведување на рестриктивна мерка на македонско тло, која веќе одамна постои во западноевропските земји на кои се огледуваме.

Препораката која е усвоена и сега е преточена во официјална мерка и одлука се однесува на регулирањето на влезот на граѓаните во простори од јавен карактер – угостителски објекти, спортски настани, културни случувања, семинари, конференции. Владината мерка, која ќе се применува од овој понеделник, говори за задолжително приложување на своевидна потврда за извршена имунизација (или потврда за прележан Ковид-19), со примена најмалку една доза на вакцина против ковид-19, како предуслов за влез во кафеана, кафуле, концерт, на спортски натпревар.

На прв повидок, македонското решение содржи неколку забележливи нешта по кои се разликува од другите споредбени европски решенија по ова прашање. Првенствено, видливо е дека државата се труди делумно да ја ублажи оваа рестрикција, велејќи дека е доволна „потврда за примена прва доза од вакцината“. Решенијата со кои се регулира пристапот на граѓаните во странските земји кон угостителските капацитети и другите објекти со широка посетеност, велат дека таму е потребен доказ за комплетна имунизација – потврда за вакцинација и ревакцинација.

Оттука, државата трудејќи се да балансира, дозволува рестриктивната мерка која сега е за првпат воведена кај нас, да погоди помал број на граѓани, односно да ги изостави оние кои наскоро ќе се вакцинираат и ќе имаат примено само една доза. Од друга страна, за сметка на ова, се поставува прашањето околу тоа која вакцина кога го развива своето дејство и дали сите вакцинирани, особено оние „тазе вакцинираните“ ќе бидат толку заштитени колку што тие може да помислат или како што државата смета согласно со оваа мерка.

Законитоста на најновата антиковид мерка

Истовремено, она што буквално ја раздразни и подели на табори јавноста е дилемата околу правната основа на ваквото решение на Владата, односно дали е противправно и дали претставува дискриминација барањето за приложување на доказ за примена вакцина.

Тесно поврзано со ова е и прашањето околу (не)доброволната вакцинација против Ковид-19 која моментално не е, а не е ниту за очекување дека ќе биде задолжителна, дали за истата и генерално, за наложувањето на задолжително имунизирање против разни заболувања постојат правни основи.

Како на прв поглед, околу вакцините против Ковид-19 доволни изгледаат препораките на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Донесени неодамна, овие препораки се однесуваат на начинот на справување на државите со коронавирусот. Во истите се вели, меѓу другото, дека вакцинацијата не треба да биде задолжителна – таа и никаде тоа не е, но и дека ниту еден граѓанин не треба да биде под политички, социјален или друг вид на притисок за да се вакцинира.

Горенаведениот став кој го зазема овој орган е релевантен, но истиот мора да биде контекстуализиран и да не се гледа како изолиран став за себе и независен од останатите правни факти. Имено, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој исто така е орган на Советот на Европа и тоа орган задолжен за толкување на Европската конвенција за човекови права и слободи и чувар и заштитник на истата, низ своето прецедентно право, веќе заземал став и мислење и по некои прашања за вакцинацијата кои се особено актуелни изминатиот период.

Во таа насока, во случајот „Vavricka and Others v. Czech Republic“, судот пресудил дека барањето за задолжителна вакцинација не претставува случај на дискриминација. Апликацијата до стразбуршкиот суд е поднесена од страна на родители од Чешка, кои сметале дека одлуките на националните, чешки судови кои одлучиле дека задолжителната имунизација на нивните деца како услов за нивен упис на училиште, претставува дискриминација.

Судот во Стразбур утврдил дека условувањето со задолжителна вакцинација не претставува дискриминациско постапување и вели дека водењето на политика на легитимни здравствени цели, подразбира и водење на политика согласно која вакцинирањето ги штити и оние кои ја примаат вакцината, но и оние кои не можат да примат вакцина поради медицински причини. Според судот, задолжителната вакцинација настојува да го заштити здравјето на населението и таквите мерки произлезени од здравствената политика се конзистентни и во интерес на граѓаните – во тој случај, на децата.

Интересно е и тоа што, дури ако се префрлиме само на домашно тло и ја погледнеме националната судска пракса, наидуваме на случај во кој Уставниот суд заземал став и одлучил во однос на вакцинацијата на населението уште во 2014 година или поконкретно, тогаш за задолжителната вакцинација на учениците првачиња. Уставниот суд кај нас, при поднесена иницијатива за преиспитувањето на уставноста на одредби од Законот за заштита на населението од заразни болести и Законот за основното образование, утврдил дека согласно законското решение за заштита од заразни болести, постојат права, но и обврски на физичките лица во однос на заштитата од заразните болести, но и дека секој има обврска да се заштити себе и другите од заразување.

Уставните судии утврдиле дека задолжителната вакцинација како еден од условите за упис на учениците во прво одделение од основното образование, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение во однос на уставноста на таквата вакцинација, имајќи ја предвид уставната обврска на секој поединец да го штити и унапредува сопственото и туѓото здравје. Судот недвосмислено заклучил дека со одбивањето на вакцинацијата, тие кои тоа го прават не само што го загрозуваат сопственото здравје, туку во ризик го доведуваат и здравјето на оние други лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин влијаат на нивното право на здрав живот. Решението за неповедување на постапка за оценување на уставноста на посочените одредби, содржи и дел кој вели „уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на државата“.

Дополнително, судот додава „со вакцинацијата не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава колективниот имунитет и се спречува циркулацијата на инфективните агенси“. Оттука, судот утврдил дека во дадени случаи, сосема оправдано е да се ускрати правото на избор за невакцинација, од причина што правото на здравје е посилно од правото на избор.

Обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во една демократска држава заради заштита на јавното здравје, вели судот и додава дека задолжителната вакцинација, де јуре и де факто, претставува ограничување на правата на поединците, но таквото ограничување е пропорционално и уставно.

Правното мислење на Уставниот суд, завршува со нагласување дека бенефитот од задолжителната вакцинација по здравјето на поединците и пошироката заедница ги надминува последиците од вмешувањето и ограничувањата на уставните права на поединците и затоа задолжителната вакцинација не е прекумерна мерка.

Приложувањето на вакциналниот сертификат не претставува дискриминација

Од друга страна, најавата од Владата во однос на потврдата која ќе треба да се приложува во претстојниот период за влез во јавни објекти, крена многу прашина во јавноста, а дел од нашите сограѓани, веднаш директно посочија дека истата претставува недозволен третман и наводна дискриминација.

Зборот дискриминација, кој почнуваме да го слушаме се почесто низ секојдневните разговори, по дефиниција значи различно постапување кон лица во исти или релевантно слични ситуации, без објективно и разумно оправдување за тоа. Кажано поинаку, кога постои дискриминација, нееднаквото постапување не тежнее, не се стреми кон легитимна цел или не постои разумна сразмерност помеѓу употребените мерки и целта која се сака со тие мерки да се постигне.

Не може да се смета дека на невакцинираните граѓани, кои без ниту една медицински оправдана причина, неоправдано им ограничено правото на пристап до угостителските и другите објекти, правото на избор или слободата на движење, а сето тоа поради нивната невакцинација. Станува збор за посебни права, а со оглед на тоа што целосното остварување на овој степен на цивилизациски развој и достигнувања на медицината, па и развојот на целото општество, не може да биде успешно доведено во поврзаност од аспект на забраната за дискриминација.

Оваа мерка, истовремено, не е во колизија ниту со домашниот релевантен акт – Законот за спречување и заштита од дискриминација, а во тој контекст се мислењето и одлуката на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација од 15 јули 2021 година. Комисијата, во таа прилика, носи општа препорака согласно која мерките коишто се во насока на спречување, лекување и контрола на ситуацијата со епидемиски, ендемични и други болести не претставуваат предмет на кршење на правото на приватност, личен и семеен живот и достоинство и углед, туку истите се во контекст на гарантирање на повисокото добро – заштита на јавното здравје.

Членовите утврдиле и се повикале и на општиот консензус на ЕСЧП дека вакцинацијата е една од најуспешните и најисплатливи здравствени интервенции и дека секоја држава треба да се залага за постигнување највисоко можно ниво на вакцинација помеѓу нејзината популација. Воедно, Комисијата јасно укажува и дека не станува збор за повреда на правото на еднаквост и не е извршена дискриминација врз основа на личен статус, доколку конкретен субјект постапува согласно законите, мерките и препораките на надлежните власти, вклучувајќи ја и вакцинацијата, а кои се во насока на заштита на јавното здравје.

На крајот, грижата околу можното нарушување на правото на приватност и заштита на личните податоци е отстранета и со последната објава од надлежната институција за ова – Агенцијата за заштита на лични податоци. Со последното соопштение на Агенцијата, таа укажува дека визуелната проверка на потврдата за извршена имунизација, во хартиена или електронска форма и на личните податоци содржани таму, не претставува обработка на личните податоци и поради тоа, не може да означува злоупотреба на личните податоци.

Она што останува како отворена дилема и како простор што треба да се доразработи е практичното спроведување на донесената мерка, односно начинот на кој ќе се изведе контролираниот влез во јавните објекти, од една страна, а од друга страна, што ќе се случува со оние граѓани кои од докажани медицински причини не можат да примат антиковид вакцина, оние кои неодамна добиле позитивен резултат и ја имале болеста, кои имаат висок број на антитела, трудниците и доилките и некои останати категории за кои вакцината се уште не е препорачлива. Како конкретна замерка, вреди да се посочи доминацијата на Владата во правното регулирање на ова прашање, за сметка и во име на законодавецот, односно парламентот како претставничко тело на граѓаните. Дополнително, нејаснотиите за спроведувањето на мерката на терен и непостоењето ничија надлежност за проверка на т.н. вакцинални сертификати претставува уште една суштинска недоследност на предложеното решение, која ќе мора да биде отстранета.

Да им веруваме на науката и на фактите

Користејќи ја повторно мојата омилена мисла – секој има право на сопствено мислење, но не и на сопствени факти, како правник сметам дека во момент на медицински неприлики, каква што е глобалната пандемија која ја живееме, треба да ги послушаме токму нив – медицинарите. Голготата со коронавирусот, како и последните појавни форми на последиците од климатските промени – поплавите и пожарите, сурово и брутално ни го покажуваат токму тоа – дека дури ни во третата деценија од 21-виот век не и го оддаваме заслуженото признание на науката и знаеме да уживаме сурфајќи на брановите и теориите кои ги произведуваат лаицизмот и дезинформациите како штетна комбинација.

Како зрели и совесни индивидуи, никако не смееме да заборавиме дека со човековите права, заедно доаѓа и одговорноста на човекот. Граѓанската одговорност не се вбризгува лесно преку игла, но како и да не смееме да испуштиме од вид дека е недопустливо, повикувајќи се на своето наводно неограничено и безусловно право на избор, кое за волја на вистината не е такво, да заборавиме на т.н општествен договор и на отрезнувачкиот факт дека сепак живееме во колективна заедница. Коегзистирањето е можно единствено ако повисоките вредности како јавното здравје и јавната безбедност успеат да преовладаат, кога е потребно, над она личното, над личното право да се избере.

Споредбите со било какви „жолти ленти“ од некои дамнешни времиња и злоупотребата на сеопштото цивилизациско богатство насловено како антифашизам, во најмала рака се крајно невкусни. Ако се навратиме на почетоците на пандемијата, кога многумина се прашувавме како тоа нема „чаре“ и лек за овој вирус, сега е ред да признаеме дека медицинската фела, а и ниту една друга, не заслужува вакво потценување на нивната целокупна едукација и труд покажан во периодот зад нас.

За која и да е краткотрајна победа на лаицизмот и на „сезнајковците“ да зборуваме, таа е едноставно пирова и на долг рок ќе не одведе онаму каде воопшто не сакаме да бидеме – во ера на девалвирана наука и продолжено страдање и траење на пандемијата.