Традиционално си правам муабет сама со себе ден пред осми март.
1. Што е двојна спирала?
„Двојната спирала означува дека ако во едно општество жените ловат риби, а мажите собираат плодови – собирањето плодови има повисок социјален статус; ако мажите ловат риби, а жените собираат плодови – ловењето риби има поважен статус“ (Котеска, 2002:24)
2. Што е род, а што пол?
Роберт Столер, се смета за еден од првите што во модерен контекст ги споменал и раздвоил термините пол и род. Во својата книга „Пол и род“, од 1968 година, тој зборува за раздвојување на биолошката од културната полност. Столер го дефинира полот како збир на надворешни генитaлии, внатрешен полов апарат, хромозоми, хормонски статус и секундарни полови карактеристики. Родот пак, го перцепира како образец за однесување, дополнето со психолошки одредници за машкост и женскост. Оттука, заклучуваме дека полот е биолошка категорија, додека пак родот е социолошко-општествен конструкт што е целосно подложен на социјални промени, влијанија и манипулации.
3. Зошто женскоста се третира како нешто различно?
Сѐ додека женскоста се перцепира како нешто различно, женскоста ќе е перцепирана и како нешто помалку вредно, не-еднакво со стандардното, нормалното, утврденото. Ова стојалиште особено си има најдено плодна почва во мизогинистичката мисла и служи како пригодно оправдување за споредната оштествена положба на жените. Телесната специфичност на женските тела неретко се користи да се објаснат и оправдаат нерамноправните општествени положби меѓу половите.
Мизогинистичката мисла ја ограничува женскоста во телата кои се претставуваат и конструираат како кревки, несовршени, непослушни и несигурни, со еден збор нестабилни. Зависно од препораките на патријархатот, способноста за репродукција се разгледува како причина за ранливост и кревкост на жената, или како причина за нејзин посебен, различен третман.
4. Кои се Џудит Шекспир и Ангелот на куќата?
Во делото на Вирџинија Вулф, „Сопствена соба“, објавено во 1928 година, се конструирани две фигури на женскиот молк: Џудит Шекспир и Ангел на куќата. Џудит Шекспир е помладата сестра на Вилијам Шекспир, имагинарен одговор на дилемата зошто во елизабетанското доба, кога изгледало дека секој втор маж одлично твори, немаме ниту еден уметнички збор напишан од жена. Вториот лик што го конструира Вулф, Ангелот на куќата ги сублимира во едно сите жени коишто никогаш немаат сопствени желби, служат како подвижни метафори за девственост и беспоговорен столб на семејниот живот. Во своето дело „Смисла и мајкоубиство“, Николчина (2000) безгласноста на Џудит Шекспир ја именува како „изгнанство, отуѓување, стазис“ односно како видлива нееднаквост меѓу мажот – творец од една страна и немата сестра од друга. Причината за немливоста, непишувањето на Џудит не потекнува од немањето талент, туку од немање на социолошки поволни услови да го создаде или негува талентот. Џудит не одела во престижни училишта како својот брат, не смеела да чита книги, ниту да се спротивстави на семејната одлука за нејзиниот живот која секогаш одела рака под рака со бирањето маж. Џудит ја огласува системската обезгласеност на жените во елизабетинското време, нивната неможност да навлегуваат во сознанието, јазикот и културата. Убавината на Ангелот на куќата, пак, треба да го бараме во нејзината чистота. Таа е бескрајно несебична, секојдневна жртва за сите околу неа, столб и потпора за семејството, беспоговорна поддршка која нема свои желби, но ќе стори сѐ да ги исполни желбите на оние околу неа.
Двата лика на своевиден начин го оживуваат архаичниот мит за заѕиданата жена која дури и полумртва, столчена во ѕидот, мисли не на себе, туку на семејството („оставете ми десна боска, да си нахранам машко дете“). Нејзиното заѕидување (читај: замолчување) од јавниот живот е неопходен услов за непречено функционирање на матрицата на патријархатот.
5. Како може да го дефинираме патријархатот?
Патријархатот може да го дефинираме како општествена хиерархиска структура со посебно установени процеси на вклучување и исклучување што се воведени, утврдени и водени од мажи, а се засноваат врз начинот на мислење и постапување на мажот. Следствено, мажот е на чело на општествените структури и тој ја поседува моќта што доаѓа со правото на артикулирана гласност. Но, Џудит Батлер предупредува дека под поимот патријархат понекогаш се маскираат тотално различни форми и степени на женска нееднаквост, што значи дека патријархатот може сериозно да варира од една до друга средина (1999: 3-38).
6. Нешто да кажеме за Балканот наш насушен?
Освен со родовата и етичка маргинализација на Другиот, Балканот има проблем и со жилаво издржливата идеологија на жртва, односно митот на жртвата. Оваа жртвена парадигма е наполно слепа за родовиот признак на жртвеноста којашто е појдовно родово обусловена. Зборувајќи за балканизмот во една поширока рамка, Шелева (2008:37) заклучува „колку повалкано, поодбивно, поекстремно – толку поефектно, подобро, повеќе барано“. Особено на цена добива идеализацијата на сопственото незадоволство, фаталистичкиот менталитет на жртвата, и погубното страдање кое е сфатено како неменлив факт.
Неможноста зрело да се справи со редизајнирање на родовите идентитети, го остава балканскиот патријархат на многу нестабилно место, во целосно владение на латентна мизогинија. Неретко, за да ја реосигура својата моќ, патријархатот пристапува кон патријархално чистење, своевидна казна за рефигурирањето на домот и за суспензијата на машкоста.
7. Наместо крај на овој дефинитивно најдолг пост во мојата фб историја
Осми март не е ден на мајките. Мајките се убава работа, но тоа е само еден од мноштвото идентитети на жената. Утре не се слави жената како тело, туку нејзината сила да се бори (и уште се бори!) за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
И да, жените пцујат. И плачат. И имаат право на пристап до безбеден абортус.
*Фејсбук статус на Маријана Јанческа