[Став] Онлајн наставата и пандемијата низ средношколска призма

Слушавме вести од светот кои укажуваа дека во Кина е забележана појава на нов вирус кој зема сериозен замав на популацијата. Се смеевме мислејќи дека е невистина и велејќи дека брзата реакција ќе спречи ситуацијата, каква и да е и колку вистинита и да е или не е, да ескалира. Не размисливме дека вирусот може да се прошири.

Ама се доближи… и не нè одмина. Прогласена беше вонредна состојба. Одлично, нема одење во училиште, конечно одмор малку од брзиов стресен живот претворен во трка со времето. Чекај малку… од каде излегоа групиве на Едмодо? Имаме час на Зум? Веќе се дадени задолженијата и сите имаат ист рок? Коментиравме со другарите дека професорите повеќе работат во ситуацијава, отколку вообичаено, и се смеевме. Само што не беше за смеење бидејќи трката за поголемо портфолио е реална. Докажувањето како организиран и ангажиран професор е исто така реално. Праќањето задолженија во денови кога нема час по предметот во распоредот, зголемувањето на бројот на часови во неделата во споредба со тоа колку се запишани во распоредот и според програмата, праќањето задолженија во сабота, држењето часови за време на дозволеното време за движење според мерките, останување секојдневно до 5 часот наутро за да се извршат задолженијата само за повторно да учиш кога ќе се разбудиш,… опис на настаните кој е исто така реален.

Во една од групите е закажан тест кој има исто време како и во нормални услови, меѓутоа поголем број и поголема тежина на прашањата. Од дома го правите тестот, што очекувате, и онака ќе препишувате… Во друга од групите има наставна со невозможен рок, дали половина е возможно да бидат решени во тоа време. Резултатот во ситуацијата – професорите се лутат бидејќи учениците препишуваат. Да имавме време самите да го решиме тестот и да си го покажеме знаењето, немаше да имаме потреба да си помагаме, ама ајде нема да кажеме ништо, можеби ќе ги изнервираме и ќе си ја влошиме состојбата.

Заврши првиот бран задолженија. Ајде, веројатно затоа што имаше многу, сега ќе влеземе во шема. Пријатна шега, можеби друг пат. По друг предмет професорот, кој првпат ни предава, ни дава задолженија кои ги извршуваме навремено и предавањата одат преку нас. Закажан е тест за проверка на знаењата, кои сами ги предававме, стекнавме, повторивме. Може да си го изготвиме и тестот самите? Нема да препишуваме, ветуваме. Балансираш меѓу професорите кои не го сфаќаат поимот коректност, немаат ориентација за време и велат дека освен учење немаме друга работа како ученици, и оние кои се свесни за реалноста, даваат конструктивни и поучни задолженија преку кои ти би извлекол нешто што е важно и корисно, а не само како роботче за да е задоволен системот.

А, зошто би имал потреба од време за друго освен учење, што друго би можело да имаш желба да  правиш? Некаде ќе попуштиш. Можеби некоја задача ќе ја изработиш понеквалитетно, а можеби и психички ќе си полабилен, зависи како ќе ти се падне. Оцените не треба да се намалат од претходно бидејќи живиот контакт со учениците недостасува и ова се чини фер на поголемиот дел од професорите. Ама зошто да не се издвојуваш? Поинтересно е кога правилата не се почитуваат. Не ти е тебе за да казниш некого секако, сакаш да си ја заслужат оцената и да покажат знаење за истата. Велат дека сметаат дека знаат за поголема и сакаат знаењето да им биде репрезентирано со оцената? Само за бројките се грижат децава, не им се учи…

Сè повеќе и повеќе се вдомуваат и купуваат миленичиња, читаме по социјалните мрежи. Не дека луѓето повеќе сакаат животни и се грижат за нивното добро, повеќето добри дела се себични. Мора да се прошета, да имаш суштество со тебе, досадно е сам. Барем кучињата се посреќни сега. Затворени дома, се радуваме што ни се зголеми дозволеното време. Ама станува топло, не ти се ни оди некаде тогаш. А и да одиш, страв ти е да употребиш јавен превоз, мислиш и на себе и на другите. Добро, мислиш на себе, не сакаш да се разболиш и да седиш повеќе дома. Тоа тешко ни паѓа нам, лицата коишто немаат положено, некако нема многу опции за да стигнеш од една на друга точка на мапата без притоа да направиш солидно кардио.

Истовремено, не знаеш што да мислиш. Конфузни вести добиваш од сите страни, не знаеш што е вистина, а што не. Страв ти е за луѓето што ги сакаш, страв ти е за себе. А додека ти седиш дома со надеж дека придонесуваш побрзо да заврши овој кошмар, некаде во друг дел од градот се собираат секојдневно во групи без да се грижат и ги мерат улиците на градот. Смачено ти е од истите луѓе со кои си опкружен во истиот простор, снемува игри што може да се играат со семејството. Ѕидовите гушат. Особено кога врела е крвта. Особено кога уште ништо не си видел и проживеал и во најубавите години, наместо да излегуваш, да се дружиш, да шеташ и да се заљубуваш, ваков сериозен товар носиш на градите. Не се жалиме, сите се во истиот хаос. Ама токму тоа го кажуваме. СИТЕ се во истиот хаос, во истата ситуација. Сите го сопреа сопствениот живот за свое и туѓо добро.

Можеби статистиките велат дека јас нема да сум фатално погодена од вирусот, ама не сум само јас на светов и не се врти сè околу мене. Заедно, а секој за себе, сме во оваа немила ситуација. Нанесувајќи еден на друг штета нема да постигнеме подобро да ни е нам. Овозможувајќи стрес за другиот, не нè ослободува нас од стресот. Отежнувајќи му да излезе на крај со состојбата не помага. Нè предупредија да внимаваме и да избегнуваме контакти, не да сме злобни едни кон други. Не ни кажаа да излеземе најуспешни на сметка на друг, ниту пак да се справуваме со она што не погоди како да сме единствени. Никој не е лоша личност заради постапките за време на кризна ситуација, меѓутоа не сите се свесни.

Многумина го мислат ако не во целост она што сега го прочитаа, тогаш барем делумно. Малкумина би кажале нешто против случувањата. Зошто? Секогаш има некој што ќе те нападне за тоа што ќе го кажеш и од страв ќе се обиде да најде оправданија како што се дека ситуацијата е нова за сите и сите се снаоѓаат најдобро што умеат. Токму така, нова е за сите! Затоа не го отежнувајте прилагодувањето на другите обидувајќи се самите да го направите тоа, не знаеме на кого колку му е потребен убав збор и поддршка, а колку ќе му штети отсуството на емпатија.

Јована Ангеловска, ученичка во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“