[Став] Околу измените за Законот за пушачите

Деновиве, група пратеници предложи измени на Законот за заштита од пушењето. Предлог измените се дадени да поминат по скратена постапка, пишува Миша Поповиќ на блог платформата medium.com.

Прво. Што е толку итно за да биде по скратена постапка? Еден од главните моменти на критика на работата на Собранието е дека законите се носат по скратена постапка додека во најголем број од случаите тоа не е потребно.

Второ, во образложението се тврди дека поради постоечките „рестриктивни“ мерки, обемот на работа на угостителските објекти е намален. Притоа, се цитира некоја бројка од 75% меѓутоа нема референца врз база на што е донесен заклучокот. Доколку навистина е намален обемот на работа, тогаш дали овие 75% или колку и да се, ако воопшто се, произлегуваат од мерките од Законот а не се поврзани со, на пример, намалувањето на куповната моќ на граѓаните.

Накратко, недостасува сериозна анализа за проценката на влијанието на регулативата, што е основа за носење политики базирани на факти. Отсуството на анализа мене ми дава за право да мислам, не да тврдам, дека измените на законот произлегуваат од лобирање на угостителската фела, измените изразуваат приватен а не јавен интерес, и се случува т.н. regulatory capture. Овој феномен е состојба во која една индустриска гранка превзема регулација и ја дизајнира според сопствените интереси.

Истовремено, иако претходно се повикува дека намалениот обем на работа поради рестриктивноста на законот, произвел помалку даноци од приход, предлагачите во образложението тврдат дека предложените измени не предизвикуваат фискални последици по Буџетот. Ова е неточно и е продолжување на неуредната пракса на пишување и менување на закони без сериозна анализа.

Во исто време, предлагачите не предвиделе потешкотии во надзорот на инспекторите и зголемени трошоци, бидејќи очигледно е дека ќе има различни имплементации на измените. Додека е лесно да замислите како една летна бавча ќе затвори простор, малку потешко е да замислите како некое по дефиниција затворено место ќе ги имплементира измените. Можно е да се појави пракса на „доградби“ па сето тоа на крајот да излезе еден простор, а тоа веднаш значи повеќе задачи за инспекторите.

На крајот, самата мерка предлага одделените простори за пушење, кои досега можеа да бидат затворени со покрив, но отворени барем од три страни (наједноставно кажано — ѕид, тенда, се останато отворено) сега може да бидат затворени. Ваквите решенија не се непознати во соседството — на пример ги има во Бугарија. И, од лично искуство, тие затворени простори во Бугарија се само малку подобри од пушачките соби по аеродромите, каде ако со прст поминеш низ воздухот, ќе ти остане катран на врвот.

Меѓутоа, ваквите решенија не го адресираат проблемот со незаштитеноста на пушењето во пракса, бидејќи праксата е дека кога сте излезени во група, доколку сте непушач најчесто се прилагодувате на пушачот во друштвото. Ова е типична пракса. Ова беше и една од причините за Законот за пушење, токму поради етаблираните општествени конвенции кои даваа предност на пушачите.

Но еве, да речеме дека пушачите ќе бидат потолерантни па доколку има непушачи, ќе се седи во непушачкиот простор. Тоа не го менува фактот дека услужниот персонал секако ќе биде експониран на затворена пушачка зона без свој слободен избор, односно ќе биде ставен да бира помеѓу работење во локалот и немање работа во тој сектор.

Лично кажано, не ми е јасно од каде произлегле обзервациите дека Законот за заштита на пушењето во Македонија е рестриктивен. Има многу порестриктивни закони од овој карактер, а би рекол дека Македонија има одличен закон. Јас како пушач никогаш не ми било проблем да излезам и испушам тутун надвор па макар било и ладно. Секогаш имало покрив.

Да сумирам. Предлог измените не се базирани на анализа, веројатно се во интерес на угостителското лоби и неоправдано повторно ставаат луѓе под ризик од индиректно пушење.

 

п.с.
Еве линк од предлог измените.

Миша Поповиќ, аналитичар