[Став] Одлив на мозоци: национален приоритет или политички наратив?

Кон високиот процент на иселени придонесуваат и фактори како нестабилни работни места, диспропорционалноста на кадрите со побарувачката на пазарот на трудот и феноменот на партиски вработувања, пишува за младинската колумна на Радио Слободна Европа претставникот на Мрежата за спречување одлив на мозоци Илија Станковски.

„Одлив на мозоци“, термин кој речиси секојдневно одекнува во јавниот и медиумски дискурс, а и на политичката сцена во нашата земја. Термин најчесто поврзуван со младите, „креатор“ на политиките за млади, неизоставен дел од политичките наративи, оружје за меѓупартиски „пресметки“ и „ловец“ на политички поени.

Што всушност значи терминот? Речникот на Оксфорд го дефинира како иселување на високо обучени и квалификувани луѓе од одредена земја.

Според оваа дефиниција би се претпоставило дека од земјата си заминуваат оние од кои се очекува најмногу да придонесат кон развојот на нашето општество, од економски, социјален и политички аспект.

Но дали ова е нашата национална реалност?

Според последниот извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ објавен во 2019, во изминатите години, дури четвртина од населението во нашата земја (приближно 500 000 луѓе) веќе ја напуштилo земјата. Според горенаведената дефиниција тоа би значело дека 500 000 високо обучени и квалификувани луѓе си заминале од Северна Македонија и своите капацитети ги инвестираат во други, веројатно поразвиени, земји.

Но, што е можеме да заклучиме од податоците со кои располагаме? Ако земеме предвид дека извештајот на Организацијата за економска соработка и развој, направен минатата година, покажа дека половина од младите во нашата земја, по завршување на основно и средно образование, се на ниво на неписменост и немаат основни познавања за успех во животот, како и дека според меѓународните тестирања, каде 50% од младите во тестирањето во 2015 не покажале основни компетенции во математика, природни науки и читање, што не става меѓу последните од рангираните земји во светот, спорно е да се тврди дека тие приближно 500 000 лица кои заминале се високо обучени и квалификувани.

Важно е да разбереме дека терминот „одлив на мозоци“ не е исто што и иселување од земјата. Оттука во недостиг на клучни информации и податоци, речиси е невозможно да се увиди колку од лицата кои си заминале, вклучувајќи ги и младите, се високо обучени и квалификувани и се сметаат во стапката на „одлив на мозоци“.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, вкупниот број на отселени граѓани во периодот 2005-2017година изнесува 12.558, иако постојат индикации дека бројот на граѓани кои постојано живеат во странство е многу поголем. Дополнително, не постојат податоци за конкретниот број на млади кои се отселиле или живеат, постојано или привремено, надвор од државата, ниту пак колку од нив се високо обучени и квалификувани.

Бројката ќе остане непозната во недостиг на попис на население во изминатите 17 години, стапка на наталитет и морталитет, како и точна стапка на иселени од земјата. Самиот недостиг на евиденција на иселени лица од земјата ги остава неодговорени и прашањата поврзани со социо-економската позадина на тие лица и причините поради нивното заминување.

Решив да си одам поради…

Не можеме да тврдиме дека сите кои си заминуваат се високо обучен и квалификуван кадар, но можеме да дадеме претстава за причините поради кои си заминуваат, иако во недостиг на национални анализи се повикуваме на статистики и истражувања изработени од граѓанскиот сектор и меѓународните актери кои делуваат во земјава.

Во изминатите години, сите истражувања покажуваат дека економскиот фактор, односно вработувањето е најчеста причина поради која луѓето, а особено младите, си заминуваат од нашата земја, што се покажа и во последното истражување спроведено од УСАИД и Наванти Груп, каде 74% од младите опфатени со истражувањето си заминале за да најдат подобра работа во странство. И јасно е дека ова не е ништо ново и дека ваквиот тренд влече корени од дамнешно минато, во времето на печалбарите, честа тема во македонската литература. Но кога говориме дека вработувањето е влијателен фактор за феноменот на „одлив на мозоци“, важно е да разбереме дека тоа не подразбира само предизвик да се најде работа. Кон овие високи проценти придонесуваат и фактори како нестабилни работни места и плата која не соодветствува со компетенциите на вработениот, диспропорционалноста на кадрите со побарувачката на пазарот на трудот, феноменот на партиски вработувања, изразитата дискриминација на различни основи при вработувањето, ниското ниво на заштита и гарантирање на работничките права, особено кога станува збор за младите.

Но, евидентно е дека високите проценти поврзани со вработувањето како фактор за одливот на мозоци е мотив за политичките структури да ги фокусираат своите заложби и политики за спречување на овој тренд, токму во оваа насока. Па така, во секое јавно излагање на актуелните политички структури во изминатиот период, кога се зборува за одливот на мозоци или трендот на масовно иселување од земјава, се забележува напамет научен наратив, главно фокусиран на промоција на политики поврзани со вработување на млади, целосно исклучувајќи цел еден спектар на причини кои претставуваат мотив за иселување на младите, а во насока на подобар квалитет на живот.

Младите НЕ си одат само во потрага по вработување и подобра работа! И ова е факт што никако не смее да се игнорира. Последните истражувања исто така покажуваат дека дури 36% од младите си заминуваат во потрага по подобар живот, што се однесува на генералниот квалитет на живот во земјава. Тоа подразбира животен стандард, животна средина, политичка состојба, социјална и здравствена заштита и слично.

И вработените млади дишат од загадениот воздух

Предизвикот со нискиот квалитет на воздухот и загадената животна средина влијаат кон заминувањето на високо обучените и квалификувани кадри, па дури и оние кои имаат задоволителна и сигурна работна позиција во земјава. Македонските градови неретко се наоѓаат на листите на најзагадени градови во светот, а како што објави Светска банка пред неколку години, над 1.300 луѓе во земјава умираат од загаден воздух.

Бројката на деца и млади со белодробни заболувања расте, а расте и нивото на ПМ10 честички од година во година.

Младите не се чувствуваат целосно сигурно во својата земја!

Чувството на сигурност кај младите исто така е на загрижувачко ниско ниво. Последната Студија за млади изработена[1] за период 2018/19 година покажува висок индекс на стравови кај младите поврзани со социјална неправда (2,5 на скала од 1 до 3), зголемена сиромаштија (2,6), загадување и климатски промени (2,6), сериозни болести (2,6), корупција (2,5) и слично, што укажува на тоа дека младите не се чувствуваат сигурни во својата земја. Чувството на несигурност е уште една причина поради која младите бараат подобар квалитет на живот во други земји.

Ваквите податоци даваат јасна слика дека од голема итност е задоволување на основните потреби на младите, а потоа и на останатите, за истите да се задржат во својата земја.

Политичката нестабилност станува неподнослива за младите

Политичките состојби во земјата, честите политички кризи и нестабилноста е фактор кој дополнително влијае врз одлуката на младите да ја напуштат земјата. Последното истражување на Наванти груп, фрустрацијата од политичката ситуација ја потенцира како причина за заминување на дури 36% од младите кои ја напуштиле земјата. Од оние кои млади кои останале во земјата, 61% сметаат дека политичарите не се грижат за нивните мислења, но сепак, интерес за политиката изразуваат само 16,8%.

Ова јасно покажува на разочараноста на младите од политичките структури, но и на недостигот на нивна желба, мотивација и амбиција да се вклучат во политичкиот живот и да прават системски промени, па така голем број млади решение гледаат во заминувањето.

Какви политики постојат во нашата земја за да се спречи одливот на мозоци?

Единствен национален документ кој директно го опфаќа прашањето на одлив на мозоци е Национална Стратегија за вмрежување и соработка со високо образовани и стручни кадри 2013 – 2020 . За жал за истата има изработено само еден акциски план за 2013 и 2014 година, без никакво известување за текот и нејзината реализација.

Оттогаш до денес, иако одливот на млади кадри се препознава како сериозен општествен предизвик, дури и од страна на креаторите на политики, истиот не се препознава и дефинира како проблем во документите за јавни политики и политичката агенда. Наместо тоа, се применува пристап кон младинските политики насочен кон решавање на поединечни проблеми, најчесто поврзани со вработувањето на младите, иако не постои воспоставен механизам со кој се следи влијанието на ваквиот пристап и колку истиот навистина придонесува кон решавање на проблемот.

Единствен друг документ, кој делумно ги опфаќа предизвиците на младите и причините поради кои тие си заминуваат е Националната стратегија за млади 2016 – 2025 [ИНФО ЗА СТРАТЕГИЈАТА].

Што се однесува до перспективата на главните корисници на младинските политики – младите лица, најголемиот дел (67.4%) не препознаваат дека државата има стратегија (формална или не) насочена кон нивно задржување или враќање во земјата. Само 3.6% сметаат дека постои стратегија, 18.1% дека делумно постои, а 10.9% од испитаниците не знаат. Дури 90% сметаат дека постојните политики се неефикасни (69.8% ги оцениле како сосема неефикасни и 20.2% неефикасни), а само 3.1% дека се ефикасни. Во однос на општата перцепција за способноста на државата да го менаџира човечкиот капитал, 84% сметаат дека државата не обезбедува можности за развој на потенцијалот на младите (52.4% дека државата не обезбедува воопшто можности, а 31.6% дека не обезбедува доволно).

Што е потребно да се направи?

Проблемот е толку комплексен што не може да се даде едно решение. Најпрво, не можеме да креираме мерки и политики без точни бројки и статистики, па така, најприоритетно е да се „преброиме“ преку попис на население, но и развивање на функционален систем за следење на мобилноста на граѓаните, вклучувајќи ги младите, кој ќе покажува колку од нив си заминуваат, колку привремено, а колку трајно, но и со каков „капитал“ се враќа секоја индивидуа и на кој начин може да се искористи истиот за развој на нашето општество.

Меѓусекторската соработка и стратешкиот пристап се клучни за адресирање на овој предизвик. Не постои една одговорна институција и не постои една клучна политика. Ефективен пристап за надминување на овој предизвик е единствено преку соработка помеѓу различните институции, од различни ресори, но и вклученост на граѓанскиот сектор и самите млади. Дополнително, клучно е да постои детална анализа и сеопфатна стратегија. Без детална, национална анализа за состојбата и причините кои доведуваат до зајакнување на овој негативен тренд на одлив на мозоци, речиси е невозможно да се креираат квалитетни и ефективни политики и мерки. Но, исто така, ефектот би бил минимален доколку се бара решение на едно прашање, притоа игнорирајќи ги сите останати прашања и предизвици кои доведуваат до оваа појава.

Спречување на одливот на мозоци не е ограничување на младинската мобилност. Она што е од голема важност да се запамети е дека мобилноста на младите МОРА да се гарантира. Заминувањето на младите во други земји за доедукација, доквалификација или од која и да е друга причина може да биде од голем бенефит за младиот човек во насока на градење на самостојност и независност, но и од бенефит за државата доколку истиот тој млад човек се врати и го инвестира стекнатиот интелектуален капитал назад во својата земја.