[Став] Oд транспарентност и отчетност до контрола на суптилната корупција – од овде до вечноста

Подолго време се пропагира од партиите на власт дека е важно „народот“ да имал работа и дека она за што се залага граѓанството како што се фискалната транспарентност и отчетност и фискалната дисциплина се само непотребни категории кои ништо не значеле за „народот“, кога народот го води власт која „секогаш мисли за него“ и му обезбедува „зголемување на пензии“ и „отворање работни места“ и му обезбедува „бесплатни“ подароци.

Вака некако партиите на власт си го замислуваат вечното владеење со народот, како партиите да се непресушен извор на пари и кои само нив народот ги чекал да им ги обезбеди сите потреби, дури и не заткривајќи се дека вршат суптилна корупција која ја стави на неодржлива патека македонската социо-економија.

Раѓање на клиентелизмот

Околу 2009-та со вториот ребаланс на буџетот за 2008 година веќе јавно се покажуваа знаци на попуштање на фискалната дисциплина. Во тоа време странски новинар ме прашуваше за мислење во кој правец се движи економијата во Македонија, а особено по првиот удар на глобалната светска криза. По моето укажување дека ад-хок решенијата на мал број луѓе концентрирани околу Премиерот и непочитувањето на стратешките документи изработени од буџетските корисници, имаат повеќе фокус кон финансискиот дел од буџетот отколку кон неговиот економски контекст, што може да носи ризици во иднина, новинарот на мое изненадување изреагира дека: „…што е тоа толку битно кога системот функционира. Тоа негово реторичко прашање е ехо до ден денес и за упатената јавност во јавните финансии и за општата  јавност во Македонија, а беше особено релевантно и сега, во политичката кампања за изборите во декември.

Тоа реторичко прашање тогаш мене ме разоружа бидејќи беше на линија на владејачката  гарнитура дека ако се креираат работни места (независно за колку пари и како) и ако се нудат владини „бесплатни“ подароци за „народот“ тогаш ова што сега го пишувам, а што вие го читате, е сведено само на островско морализирање, за кое некој од фрагментираните клиенти на владеачката гарнитура може дури и да ме обвини за елитизам, да ме обвини за тоа дека сум предавник, а може и да ме етикетира како соросоид и тоа со иста смисла на наивна реторика, како и реторичкото прашање на новинарот од погоре.

Клиентелизмот – суптилна корупција во Македонија

Денес. после седум години од тоа новинарско ретотирчко прашање се уште голем број луѓе во Македонија си го поставуваат истото реторичко прашање – зошто воопшто е потребна фискална дисциплина и транспарентност кога политичките партии од целиот политички спектар во нивните програми нудеа божиќни подароци кои немаат никаква врска со реалните можности на македонската економија. Штом политичките партии и коалиции нудат вакви чоколади за своите клиенти фрагментирани во разни социо-етнички-економски категории (Албанци, Македонци, сиромашни, административци, пензионери, самохрани мајки, работници, спортисти итн.) тогаш се поставува и обратното прашање за тоа дали во Македонија мнозинството граѓани е всушност ЗА корупција бидејќи клиентелизмот и неговото прифаќање е исто така форма на суптилна корупција, но со подолгорочни разорни ефекти, а можеби влијае и на опстанокот на Македонија.

Тогаш се поставуваат и неколку прашања за претставниците на политичките партии: Кој зборува од името на граѓаните на Македонија? Кој зборува за нас како група? Која е нашата национална приказна која никако не може да се види од фонот и шумот на бројните стотици и илјадници проекти на политичките партии – Дедо Мразовци т.е. кое е сврзното ткиво за тие фрагментирани и антагонизирани социо-етнички-економски слоеви во Македонија?

glasanje pari blog v

Наместо „како до пониска корупција“ ние се уште зборуваме за тоа „што е тоа корупција“

Дали јавноста е доволно информирана за тоа што значи корупцијата и како таа е поврзана со недостатокот на транспарентност и отчетност? Практиката на донесување ребаланси на буџетите на Република Македонија укажува на премногу чести ad hoc иницијативи на Владата и недоволно професионалнен пристап во планирањето на средствата од буџетските корисници. Понатаму, тоа укажува и на намалена употребливост на среднорочната фискална рамка, а буџетските ставки, иако со третман на законска материја, го губат обврзувачкиот карактер. Конечно, честото менување на буџетираните износи, преку ребаланс или пренамена на средствата, ја ослабнува и фискалната дисциплина.

Денес, после седум години од таа 2009-та година, ние се уште сме на ниво наместо да зборуваме за тоа како до повеќе транспарентност, да зборуваме за тоа зошто воопшто е потребна транспарентност. Нормално дека оваа дилема (токму во иста смисла на реториката на странскиот новинар) е фундаментална за Македонија бидејќи ако фрагментираните клиенти на политичките елити се за суптилна корупција – клиентелизам, тогаш дебатата на интелектуалците треба да е во зоната на приземноста и треба да инсистираме на зголемување на свесноста за тоа што е корупцијата и зошто во демократија таа е разорна.

Еден поранешен министер за финансии и универзитетски професор, на пример, релативизирајќи ја потребата за фискална транспарентност, ја оправда оваа неодржлива ситуација во Македонија со тоа што, ете, немало побарувачка во јавноста за транспарентност. Притоа, без воопшто да размисли дека, пред се`, отвореноста, транспарентноста и доброто управување се хартии од вредност во еден општествен договор кои граѓаните ги поседуваат и чија потреба е добро објаснета уште од времето на Жан Жак Русо. И се морална вертикала на една демократија која добро функционира, каде нема да има пратеници кои се перцепираат како послушници на извршната власт и каде нема да има судска власт која наместо да биде некаков регулатор на општествениот договор, да се занимава со самата себе.

Колку чини отсуството на транспарентност во Македонија?

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) има правено истражувања во кои се расветлуваат дилемите за фискална транспарентност и тие педантно се проценуваат во монетарна вредност. Имено, според ММФ, неочекуваните зголемувања на јавниот долг во просек може да се резултат од: 23% поради некомплетни информации; 37% поради потценување на влијанието на шоковите и 18% поради дискрециони политики.

Значи, доколку имате некомплетни информации кои се најверојатно поради нетранспарентност, доколку ги потценувате влијанијата на шоковите во економијата и доколку водите дискрециони политики, постои голема веројатност во просек да го зголемите јавниот долг над планираниот и поради овие причини. Значи, недостатокот на транспарентност, недостатокот на отчетност и дискреционите политики кои може да водат кон клиентелизам имаат своја цена за економијата која е над планираните задолжувања.

Во просек, за Македонија тоа би било околу 230 милиони евра од 2010 година до денес (ако претпоставиме дека неочекувани зголемувања над планираниот јавен долг се надминатите буџетски дефицити). Тогаш, поради некомплетни информации економскиот трошок за Македонија изнесува околу 53 милиони евра; поради потценување на влијанието на шоковите економскиот трошок за Македонија изнесува околу 85 милиони евра и поради дискрециони политики економскиот трошок за Македонија изнесува околу 41 милиони евра.

Заклучок е дека ОТСУСТВОТО на фискална транспарентност (некомплетни информации), потценувањето на влијанието на шоковите во економијата и дискреционото водење политики (без партиципативност и надвор од буџетскиот процес кое може да отвори простор за потенцијална корупција) носи дополнителни економски трошоци за македонската економија. Тој економски дополнителен трошок е трошок заради лошото управување и заради суптилниот клиентелизам за додворување на гласачите. Тој трошок заради нетранспарентност, потценување на влијанија на шокови и дискреционо водење на политики во просек за Македонија минимално е во износ од околу 30 милиони евра годишно.

д-р Марјан Николов

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.