[Став] Од хоби до професија – Како е да се биде гејмерка во Македонија?

Првпат кога се заинтересирав за компјутерските игри беше многу одамна, кога имав шест-седум години и кога сè уште не постоеше wi-fi во секој дом, па моравме да играме во локалните компјутерници. Баш беше забавно, паѓаа интересни дружби.

Oд тогаш, па до денес, игрите се неизоставен дел од моето секојдневие. Кога велам игрите, зборувам за широк спектар, кој вклучува играње на обични флеш игрици на мобилен телефон , па сè до „Hearthstone: Heroes of Warcraft“, играта која ја играм најголем дел од денот.

Да се биде ,,гејмер” е overrated (преувеличено) зборче, бидејќи сите на некој начин сме гејмери. И татко ми кој игра шах на компјутер е гејмер, како и тетката во продавница која игра „Tetris“ и „Candy Crash Saga“. Разликата е само во тоа дали играш чисто за забава, или пак, можеби професионално. Кога зборуваме за професионален гејминг, Македонија моментално е многу далеку од светските трендови и збиднувања во полето на е-спортовите. Кај нас сè уште е многу мал бројот на играчи кои професионално се бават со гејминг. Последно нешто што следев е огромниот успех на македонскиот играч на Дота 2 , Мартин Saksa Саздов кој со својот тим, кој е инаку тим од Америка, успеа да освои второ место на Светскиот Шампионат во оваа игра.

Според мене, има огромен број на талентирани играчи во многу игри кои доаѓаат токму од нашата земја, но имаат катастрофални услови да го покажат своето знаење и многу често остануваат незабележани од светската јавност.

На личен план, со „Hearthstone: Heroes of Warcraft“ се занимавам околу две и пол години, онолку колку што и постои играта која е релативно нова. Сè започна кога ме привлекоа интересните анимации со кои играта изобилува, па решив дека вреди да се обидам да ја разберам подобро.

Уште веднаш многу ми се допадна принципот на играње кој вклучува креативно и аналитичко размислување, со чија помош се прави комбинаторика и различно користење на 1000 различни карти. Никогаш не се ни перцепирав како добар играч сè до годинава кога се одржа првиот турнир во Македонија во оваа игра, на кој освоив трето место во конкуренција на 136 играчи од целата држава.

За мене беше огромно изненадување и претставуваше уште поголема мотивација да се подобрувам и унапредувам. Во турнирите што следеа, континурирано забележував успеси и речиси секогаш бев дел од Топ 8-те најдобри играчи. Најголеми успеси ми се двете втори места, од кои едното во конкуренција на најдобрите играчи кои играле на предходните турнири (Hearthstone Special Edition).

Неодамна започнав да играм за македонскиот тим „Team Mischievous“, во кој се вклучени играчи од повеќе игри меѓу кои и пет играчи на „Hearthstone“, а кој е спонзориран од Lynx Animation Studios, предводен од нашиот основач и драг пријател Алан Кастиљо. Откако влегов во тимот многу ми се промени перцепцијата за гејмингот бидејќи започнав многу повеќе да играм и да посветувам поголемо внимание. Сфатив дека гејмингот е многу повеќе од хоби и може да биде професија доколку се насочиш кон тоа.

Всушност, се случува да минувам и неколку недели во секојдневни подготовки пред турнири кои се многу напорни, бидејќи знаат да траат и по 7-8 часа на ден, што многу наликува на типично работно време. За крај, би сакала да им порачам на сите кои на било каков начин се вклучени во електронските спортови, како и општо во сите сфери на живеењето, да не се срамат да ги покажат знаењето и способностите бидејќи никогаш не може да знаеме каков успех нè чека во иднина доколку се трудиме и вложуваме во она што не прави среќни.

Choose a job you love ,and you will never have to work a day in your life.

Тиана Ивановска, студент по психологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“