[Став] Објави или исчезни

Во Македонија минатата година има 815 објавени научни трудови или 0,2 трудови по наставник/соработник, што е на пример шест пати помалку од Велика Британија, пишува Новица Наков, блогер и истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Една од најголемите маки на македонските универзитети е пристап до современа научна литература. На овој проблем, од скоро, се нуди решение „преку интернет“. Пиратската библиотека Sci-Hub.org нуди пристап до околу 50 милиони научни трудови. Проценката е дека целокупното научно творештво досега изнесува исто така околу 50 милиони научни трудови. Оттука, возможно е Sci-Hub.org да нуди пристап до речиси сѐ што е објавено како научен труд во човековата историја.

Во април 2016 година, Sci-Hub.org објави серверски записи од неговиот веб сајт за периодот септември 2015 – февруари 2016 кои кажуваат кои и колку научни трудови се преземени, како и од кои држави се направени преземањата. Иако шест месеци е краток период, сепак податоците нудат увид во тоа што и колку наука се презема во Македонија. Трендот во Македонија е сличен со трендот во остатокот од светот. Порастот во преземањата во полугодието за кои има податоци изнесува повеќе од 300 отсто. Од европските земји тоа е слично со Естонија и Финска.

Интересен е контрастот што може да се направи со, на пример, Велика Британија. Со несомнено подобро опремени универзитети каде има широк пристап до литература, британските научници преземаат околу 1,5 трудови од Sci-Hub. Интуитивното мислење е дека Македонија како земја чиишто универзитети имаат многу тесен пристап до светските научни бази (ако воопшто имаат некаков пристап) би имала многу поголем број на преземања од регистрираните два по човек. Возможно е, се разбира, македонските научници да не се запознаени со постоењето на сервис како Sci-Hub.org, но можно е и да немаат потреба за голем број на научни трудови. Последново можеби се отсликува преку бројот на објавени трудови. Британските научници во година објавуваат 1,2 трудови по човек. Разликата од 1 труд по човек, во споредба со македонските научници, во светот во кој владее максимата објави или исчезни (publish or perish) е огромна.

Сето погоре укажува дека Македонија го следи трендот на сѐ поголемо преземање на научни содржини, но кога станува збор за додавање во научниот корпус нејзиниот придонес (или придонесот на нејзините научници) е незначителен.

Понатаму, податоците од Sci-Hub.org откриваат дека најголем број од преземањата во Македонија се случиле во Скопје – 4933. Другите поголеми универзитетски центри Битола, Тетово и Штип имаат по 191, 226 и 799 преземања соодветно. Во податоците има и 1139 преземања за кои нема локација што може да влијае на вкупната распределба, но јазот помеѓу Скопје и другите градови е голем. Останува да се истражи дали тој јаз се рефлектира и во научната работа на УКИМ наспроти другите универзитети.

Според Државниот завод за статистика, во Македонија во високообразовните институции, во академската 2015/2016 година, има 3.980 наставници и соработници. Во дадениот период, тие преземале нешто помалку од два труда по човек. Најблиску до оваа бројка во Европа се Словачка и Кипар. Во 2015, пак, Македонија има 815 објавени научни трудови или 0,2 трудови по наставник/соработник. Тоа ја става Македонија на исто ниво со Бугарија, Латвија и Литванија.Се разбира, овие податоци не кажуваат ништо дефинитивно за македонската научна работа. Возможно е научните работници нивните материјали да ги набавуваат од друго место (колеги, сопствени средства, итн.). Но, возможно е и во Македонија едноставно да нема потреба од тековни научни истражувања кои што претежно се објавуваат во журнали (студиските програми да користат претежно книги, научните работници да не се вклучени во истражувачки проекти, итн.). Детално разгледување на податоците од Sci-Hub ќе покаже и кои теми и формати на трудови се од интерес на домашната научна јавност.