[Став] Никој не го спречува лудилото со бесправната сеча на Шара

Ова е Шар Планина. Дел од шумата на Шар Планина. Распукана, расплакана. Уништена и понижена. Од дрвокрадци. Од криминалци. Од незаконски, бескрупулозен, суров профит. Од нефункционален државен апарат кој години наназад не го спречува лудилото со бесправната сеча, која тука, во овој регион од сликите подолу, зема преголем, преголем замав.

Фотографиите се направени вчера во атарот на с. Варвара кога како планинарски клуб решивме да ја одржиме нашата традиционална планинарска акција кон т.н. Ѓинов Камен, иако знаејќи дека токму поради дивата сеча оваа акција низ годините губи од атрактивноста. А дивата сеча добива на размер. Прв пат со ужасната глетка се сретнавме во 2013, кога преку телевизиите апелиравме за сечата. Пошироката критичка јавност остана речиси незаинтересирана, а надлежните останаа глуви. Оттогаш па наваму, сме апелирале преку социјалните медиуми. И повторно јавноста овде не успеваше да формира доволно силен притисок, скоро и да го занемаруваше овој сериозен проблем, и тоа во ситуација кога сме сведоци дека знае(ла) да крене голема врева околу далеку поневажни проблеми.

А сечата во овој дел од Шара напредуваше и напредуваше, и еве, како што може да се чуе од видеата, сѐ уште напредува. Години наназад непрестајно. Овој пат како планинарска фела сме доведени до работ. Редно е за овој апел околу оваа сеча, овде, да наидеме на широка поддршка од планинари, ентузијасти, вљубеници во природата, на поддршка од луѓе кои не можат да молчат при неправди. Бидејќи ова што ѝ се случува на Шар Планина е неправедно спрема неа. Неправедно е и спрема сите нас, бидејќи некој го краде нашето заедничко јавно добро, прави личен профит, а при тоа нанесува непоправлива штета на природата.

Ајде апелов да допре до што е можно повеќе луѓе. Белким некој таму горе, ќе нѐ чуе, ќе се запраша дали прави нешто околу ова, што прави, и дали штити некого. Сведоци сме дека притисокот на јавноста на социјалните мрежи и новинарите, знаеше да биде и од ефективна корист, во ситуациите кога властите ретерираа околу некоја своја дискутабилна одлука, или преземаа активности за да решат некој проблем. Шар Планина заслужува еден таков обид на јавноста за притисок кон надлежните. Иако овој пат ќе се обидеме и институционално да дејствуваме. Колку и дали ќе бидеме сослушани, не знам. Наше е да се обидеме. Ѝ требаме на Шара.

Инаку, направив и споредба на сателитски снимки, (од првите достапни на Google Earth за овие подрачја, кои датираат од 2002, па сѐ до последните достапни, од 2017), преку кои од воздушна перспектива може да се забележи размерот на дивата сеча низ која поминувавме вчера. А бонус, ги споредив и снимките од дивите сечи во атарите на селата Сетоле и Брезно, и месноста Три Води. Цела индустрија! Се забележува дека за околу 16 години (од кои последните 9 забрзано) нанесена е штета која не може да се надомести ни за наредните 60 години!

Како и да е, ниедна фотографија или видео не може да ја долови катастрофата таму. За жал, мора да се доживее. Чувството на сите планинари, кога поминуваме низ вакви подрачја, ни е исто како да сме среде подрачје погодено од природна катаклизма или среде град разрушен од војна.

Повик и до новинарите (не само локалните новинари од Тетово!) да почнат да истражуваат за овој проблем. Според моја лаичка проценка, се работи за околу 600 хектари исечена шума, главно букова, дрво кое е најквалитетно за огрев. И тоа, 600 хектари само во реоните кои се прикажани на сликите, настрана другите диви сечи низ Шара и Македонија. Доколку го земеме европскиот просек од пред некоја година, кој вели дека еден хектар ваква шума, дава околу 112 метри кубни дрво, доаѓаме до бројка од околу 67 000 кубика добиени со нелегална сеча само на ова тесно подрачје (кое е околу 2% од вкупната површина на Шар Планина која припаѓа на РМ). Или, ако земеме дека во просек на црниот пазар, еден кубик дрво се продава по околу 45€, доаѓаме до криминал севкупно тежок од околу 3 000 000€! Пари направени само од ова подрачје! Оваа сума е одличен повод за надлежните да реагираат, а новинарската фела да почне да истражува кој сѐ е вмешан во ова.

Пишува: Бошко Видоески, планинар

*Текстот е објавен со дозвола на авторот