[Став] Никој не е имун на колатералните штети од мигрантските кризи

Пишува: Ивона Стојчевска

Никој од нас не е имун на колатералните штети кои произлегуваат од овие ситуации и секоја држава треба максимално да се потруди за да им овозможи достоен пристап на основните средства за живот на овие лица, вклучувајќи тука и пристојно место за престојување сè додека лицата можат безбедно да се вратат со своите живеалишта, односно во своите земји.

Живееме во време кога секоја вест во многу кратко време ни станува достапна преку многу медиуми: социјални мрежи, ТВ, или пак, радио станици. Сите овие медиуми експресно пренесуваат за секој мил или немил настан кој се случил на дневна база, без разлика која е вредноста на истиот. Меѓутоа, многу од наведените медиуми погрешно ги употребуваат термините како: мигранти, баратели на азил, бегалци, лица без државјанство. Па, ајде малку да ги разјасниме овие термини пред да почнеме со подетална анализа на правата и должностите на бегалците во периоди на мигрантска криза.

За разликата помеѓу мигрант, барател на азил и бегалец

За мигрант се смета секое лице кое се сели од едно место, регион или пак, држава. Барател на азил е секое мигрант кој бара меѓународна заштита. Бегалец, согласно Конвенцијата за Статусот на бегалци од 1951, е секое лице кое поради оправдан страв дека ќе биде прогонувано заради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или поради своето политичко уверување, се наоѓа надвор од земјата на неговото државјанство и не може или, не сака да биде под заштита на таа земја, или кое, ако нема државјанство, а се наоѓа надвор од земјата во која порано имало вообичаено место на престој, поради таквите настани, не може или, поради тој страв, не сака да се врати во неа. Согласно наведените дефиниции, можеме да заклучиме дека постои разлика во термините мигрант, барател на азил и бегалец. Во дефиницијата за бегалец можеме да го забележиме терминот оправдан страв дека ќе биде прогонувано. Овој израз е клучен во дефиницијата за бегалец. Согласно Прирачникот за определување статус на бегалец, оправдан страв може да се јави кога кај бегалецот се истражуваат состојбата на умот и субјективното чувство, меѓутоа се додава и квалификацијата оправдан. Ова означува дека не е само умствената состојба на бегалецот земена предвид и субјективното чувство кај истиот, туку таа конкретна умствена состојба треба да биде поткрепена со објективна и реална ситуација, односно за да биде стравот оправдан, треба да бидат исполнети и субјективниот и објективниот елемент. Овие елементи најчесто можеме да ги кохезираме кога постојат воени конфликти на територијата на една држава. Се случуваат непосакувани и неочекувани напади врз народот, многу живеалишта се рушат, многу семејства се разделуваат и за жал, многу луѓе остануваат без дом и без неопходни ресурси за живот. Сето ова доведува до масивен хаос на движење и барање на нови услови за преживување во друга држава, што пак, доведува до настанување на мигрантска, односно миграциска криза.

Мигрантската криза всушност претставува преголемо и неконтролирано движење на мигранти во или надвор од границите на една земја. Оваа криза може да се случи постепено, или пак, наеднаш, под влијание на миграциските движења пред кризата, како и промените во последователните модели на миграција, а во вториот случај многу често мигрантската криза се случува кога се одвиваат неочекувани воени, односно терористички напади за кои голем дел од граѓаните на нападнатата држава не се свесни дека би можеле да се случат и во многу мал временски период треба да бараат најбрз излез од таквите ситуации.

Постапка за барање на право на азил

За да може едно лице бегалец да биде признаено како барател на азил во нашата држава, истото мора да помине претходна постапка која започнува со поднесување за барање на азил, како и дополнителна регистрација предвидена од страна на Министерството за внатрешни работи. Доколку овој дел од постапката е во ред, Секторот за азил закажува сослушување за конкретното лице, а за време на тоа сослушување, барателот на азил има право на толкувач, односно преведувач соодветно земјата од која што доаѓа, или пак, на друг јазик од кој барателот на азил поседува барем основни познавања и има право да биде сослушуван од службеник од ист пол, доколку така се чувствува побезбедно. Мора да се има предвид дека за време на сослушувањето се води записник и доколку барателот на азил не биде физички присутен на закажаното сослушување, постапката за барање на право на азил ќе биде прекината, а барањето од страна на барателот на азил ќе биде отфрлено.

Кои се должностите на лицето кое е барател на азил?

Согласно упатствата дадени од Министерството за внатрешни работи, едно лице кое се јавува во улога на барател на азил има должност:

  • Да престојува во Прифатниот центар или друго место за сместување кое ќе го определи Министерството за труд и социјална политика, како и да не го напушта местото на престој одредено од надлежниот орган без претходно соодветно известување за тоа или без претходна дозвола за напуштање на истото, само доколку истото е неопходно;
  • Да соработува со органите за признавање на право на азил, особено да им даде лични податоци за него/ неа, да ги предаде идентификационите и други исправи што можеби ги поседува, да дозволи фотографирање и земање на отпечатоци од прсти, личен претрес и претрес на багажот и возилото со кое пристигнал/ а во Република Северна Македонија, како и да сподели податоци за својот имот и приходи;
  • Да дозволи здравствени прегледи, лекување и пропуштено вакцинирање;
  • Да ги почитува куќните правила на Прифатниот центар или друго место за сместување определено од Министерство за труд и социјална политика и да не покажува насилно, односно девијантно однесување.

Кои се правата кое ги има едно лице кое се јавува во улога на барател на азил?

  • Основни здравствени услуги и социјална заштита
  • Бесплатна правна помош и толкувач
  • Работа во рамките на Прифатниот центар
  • Престој и сместување
  • Образование
  • Слобода на движење
  • Пристап до контакт со УНХЦР (Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации), како и барање за правна помош во постапката за барање на азил, доколку истата е потребна

За жал, вакви ситуации, односно мигрантски кризи се јавуваат се’ почесто во слабо развиените економски земји и во земјите кои се најмногу изложени на воени напади. Никој од нас не е имун на колатералните штети кои произлегуваат од овие ситуации и секоја држава треба максимално да се потруди за да им овозможи достоен пристап на основните средства за живот на овие лица, вклучувајќи тука и пристојно место за престојување се додека лицата можат безбедно да се вратат со своите живеалишта, односно во своите земји.

За среќа, нашата држава ја има препознаено големината на овој проблем и презема соодветни мерки за заштита на лицата кои се баратели на азил, мигрантите и бегалците, каде што два прифатно-транзитни кампови на југ и север имаат различен број мигранти и истите се опремени за да обезбедат основни услови за живеење, додека пак хигиенските услови исто така, се задоволителни.

Меѓутоа, во ситуации кога постои прекумерно навлегување на мигранти и ситуацијата може многу лесно да ескалира, треба да се обрне внимание на лицата и надлежните органи кои го контролираат тоа влегување. Исто така, во камповите за прифаќање на овие лица би било добро доколку се постават стручни лица кои можат да им помогнат на оние мигранти кои се премногу исплашени, не знаат што понатаму и не прифаќаат отпочнување на постапка за барање на азил. Токму на тие лица им треба некој кој може да ги смири или пак, едноставно да ја ислуша неговата/ нејзината приказна, а со тоа и да им помогне барем малку пред да им се пружи неопходната помош која ја нуди нашата држава.

***Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.