[Став] Ние и тие – единаесет мали споредби на македонските и светските универзитети

Проф. Елена Џукеска

Најдобрите светски универзитети работат во земји со развиени економии, земји во кои се почитуваат човековите права, принципите на демократијата и владеењето на правото, земји во кои знаењето вреди злато. Македонските универзитети ја немаат таа среќа, пишува професорката Елена Џукеска од Студентски пленум во текстот каде прави споредба меѓу универзитетите во Македонија и светот.

„Високото образование во Македонија се разликува во многу аспекти од високото образование што го нудат 50-те најдобро рангирани универзитети според Шангајската листа. Критериумите за рангирање на универзитетите на оваа листа вклучуваат број на дипломирани студенти кои добиле Нобелова награда или било каква друга важна награда од стручната област, број на професори кои добиле Нобелова награда или било каква друга важна награда од стручната област, број на студии објавени во списанија со фактор на влијание, цитираност на истражувачите и трудовите. Накратко кажано, тоа е листа на престижот – и се разбира дека би било убаво македонските универзитети да се најдат што повисоко на една таква листа. Но, високото образование во Македонија во моментов навистина се разликува во многу важни аспекти од високото образование што го нудат 50-те најдобро рангирани универзитети според Шангајската листа.

Најдобрите светски универзитети работат во земји со развиени економии, земји во кои се почитуваат човековите права, принципите на демократијата и владеењето на правото, земји во кои знаењето вреди злато. Македонските универзитети ја немаат таа среќа.

  1. Најдобрите светски универзитети имаат одлични услови за работа и учење. Без разлика дали се зградите нови или стари, во нив секогаш има доволно, соодветно осветлен, соодветно организиран, беспрекорно чист простор, простор опремен со соодветна техничка опрема за работа и пристапност за инвалиди. На сите секогаш им стојат на располагање доволно компјутери, печатари, скенери, фотокопири, хартија за печатење и општо земено сè што е потребно. Во Македонија, состојбата на различни универзитети е различна, и не е дека не се вложуваат напори за реновирање на старите објекти, но сепак поголемиот дел од државните факултети сè уште имаат суштински проблеми на тој план. Тие се борат да ги платат сметките за греење, струја, a хигиената не може да се одржува на соодветно ниво, затоа што техничкиот персонал нема земено хонорар со месеци наназад.
  2. Најдобрите светски универзитети имаат богати библиотеки, општи и специјализирани, современи лаборатории и на располагање на сите професори и студенти им стојат сите електронски ресурси (бази на податоци и списанија) што постојат. Практично нема нешто што е објавено, а да не може да се најде во печатена или во електронска форма. Во Македонија не дека нема библиотеки, но во нив почесто не може, отколку што може да се најде она што е поново објавено. Електронските ресурси речиси се недостапни.
  3. Најдобрите светски универзитети имаат автономија, тие сами ги утврдуваат и развиваат студиските програми, сами одлучуваат за распределување на финансиите, сами креираат уписна и кадровска политика, сами одредуваат критериуми за напредување на професорите, академската заедница сама ги решава внатрешните проблеми. Гаранцијата за квалитетот на дипломите што ги издаваат овие универзитети произлегува од нивната автономија. На македонските универзитети со последните законски измени целосно им се одземаат сите аспекти на автономијата, а гарант за квалитетот на нивното работење станува Владата, односно политичките партии на власт.
  4. Студиските програми на најдобрите светски универзитети се флексибилни и концизни во исто време. Тие не се статични, определен е само минимумот потребен за да се стекне некоја квалификација, а максимумот е избор на студентот. Секој семестар се нудат различни курсеви во зависност од тоа кој професор е на располагање во моментот, така се следат и најновите трендови во науката. Студиските програми не се оптеретени со голем број предмети и часови. На македонските универзитети студиските програми се со ригидна структура, а државните факултети се соочуваат со многу проблеми при имплементирањето на правото на избор на предмети. Тие се дискутабилни по својот квалитет затоа што ја менуваат својата структура премногу често, се прават набрзина и според шеми кои повеќе водат сметка за тоа секој професор да има толку часови, колку што владата смета дека треба да има за да му даде плата, отколку за тоа дали нивната содржина одговара на целта. Студентите и професорите во Македонија поминуваат по 30 часови неделно во предавања, што остава многу малку простор за самостојно учење и за научна работа.
  5. На најдобрите светски универзитети не може да работи и да студира секој, се прави селекција врз основа на претходно постигнатите резултати и врз основа на препораки. Таму се запишуваат само учениците кои постигнале најдобри резултати во претходното образование, а се вработуваат само оние кои имаат најдобри референци. Во Македонија вратите на универзитетите се отворени за сите, на државните уписната политика ја креира Владата, а приватните имаат своја пазарна логика. Конзистентна политика на вработување на државните универзитети сигурно е дека нема. Владата со години наназад не одобрува средства ниту за вработување на нови кадри, ниту за замена на пензионираните професори и не често на универзитетите место наоѓаат не најдобрите и најспособните кандидати, туку најподобните.
  6. Студентите на најдобрите светски универзитети се запишуваат со јасна цел, која всушност и чини многу пари. Тие сакаат да постигнат што подобри резултати во текот на студирањето и затоа се целосно посветени на учењето. Погрешно е да се генерализира, но сепак не е погрешно да се каже, дека во Македонија, многумина од студентите се запишуваат на факултет заради сè друго, само не заради некоја цел, а најмалку онаа заради која постои универзитетот. Таквите најчесто не се посветени воопшто на учењето и на многу начини им го попречуваат студирањето на оние кои знаат зошто студираат.
  7. Процесот на учење на најдобрите светски универзитети е процес во кој студентот сам посегнува по знаењето и сам одлучува што е вистина, а што не, професорот притоа е само коректор. Студентите најголем дел од времето го минуваат во креирање на индивидуални трудови (истражуваат, бараат литература, пишуваат есеи, семинарски трудови, прават анализи, експерименти, работат на проектни задачи), но нивните трудови се резултат на групна работа. Професорот минува минимално време во теоретски предавања, а многу повеќе во индивидуални консултации со студентите. Студентите не учат од учебникот што го напишал професорот (иако и тоа не е исклучено), туку сами бараат литература, прават презентации во рамките на групата, дискутираат и на крајот од курсот презентираат готов труд. Погрешно е да се генерализира, но сепак не е погрешно да се каже, дека во Македонија, процесот на учење многу често се сведува на сервирање на преџвакани информации кои студентот треба само да отвори уста и да ги проголта. За жал ваквиот начин на учење има поддршка од голем дел од професорите, студентите, а сега со најновите законски измени кои предвидуваат полагање на државен испит и амин од владата. Хендикеп за студентите во Македонија секако претставува недостатокот од релевантна научна литература на мајчин јазик, проблем што владата се обидува да го реши со финансирање на преводи на соодветни учебници од странство. Но, за жал владата тоа го прави на некомпететен начин, што резултира со лоши и неупотребливи преводи и бесполезно потрошени државни пари.
  8. Оценувањето на најдобрите светски универзитети во прв план ја става индивидуалната работа на студентот, неговата способност за самостојно и аналитичко размислување, неговата креативност и оригиналност. Во оценувањето учествува не само професорот кој ги држи часовите и кој е ментор на студентот, туку и друг професор од истата стручна област, односно професор од истата стручна област од друг универзитет. Така се гарантира објективноста. Во Македонија со најновите законски измени кои предвидуваат воведување државен испит се фаворизира папагалското учење, а објективноста при оценувањето ќе ја проверува одбор од деветмина, кои секако не можат да бидат компетентни за сите области. За жал иако во Македонија се акредитирани дваесетина универзитети, сепак нема доволно кадри за сите стручни области за да може во оценувањето да се вклучи професор од друг универзитет.
  9. Професорите на најдобрите светски универзитети пишуваат трудови кои потоа многумина ги цитираат и тие самите стануваат влијателни и во своите средини и во странство. Ним им е загарантирана академската слобода, а нивните трудови се пример за методологија која се одликува со прецизност, јасност и целисходност. Погрешно е да се генерализира, но сепак не е погрешно да се каже, дека во Македонија има многу професори кои пишуваат трудови според методологија која не се разликува воопшто од методологијата на нивните колеги од странство, кои се цитирани и влијателни и дома и во странство, но сепак има и такви професори кои не пишуваат трудови во доволна мера или пишуваат, но сепак не се цитирани и не се влијателни. На професорите во Македонија академската слобода им е ограничена на многу начини, но најмногу со погрешно конципираните упатства за вреднување на нивните трудови, кои инсистираат на квантитет, а не на квалитет. Со најновите законски измени на професорите во Македонија им се одредува стриктно во кои списанија смеат да објавуваат, а во кои не.
  10. Најдобрите светски универзитети имаат за цел да образуваат луѓе кои ќе бидат компетентни во својата стручна област, ќе можат одговорно да ја вршат својата работа, ќе заработуваат пари и ќе создаваат пари, ќе измислуваат и откриваат нешта што можат да го променат светот на подобро, ќе бидат влијателни во своите средини и во странство и еден ден можеби ќе добијат и Нобелова награда. И тие успеваат во тоа, студентите дипломирани на најдобрите светски универзитети вредат пари и затоа секој сака да ги вработи. Каква цел имаат македонските универзитети е прашање со голем прашалник, а што ги очекува студентите со диплома од македонските универзитети уште поголем. Во најдобар случај талентираните и решителните заминуваат во странство и таму наоѓаат работа или го продолжуваат своето образование на еден од најдобрите светски универзитети. Можностите за нивно вработување во Македонија се минимални, а и да се вработат, шансите да бидат соодветно платени се уште помали.
  11. И може да се набројуваат уште многу други аспекти според кои високото образованието во Македонија се разликува од високото образование што го нудат 50-те најдобро рангирани универзитети според Шангајската листа. Напишаново сепак произлегува само од личното искуство на некој како мене, што своето високо образование го стекнал на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во Кембриџ (Англија) и во Белград.

Како што реков на почетокот (без разлика дали ќе се согласиме или не дека Шангајската листа и нејзините критериуми, сосе импакт факторот се крајот и почетокот на универзитетските вредности) секако дека сите посакуваме македонското високо образование да биде што послично на образованието што го нудат најдобрите светски универзитети, но прашањето е како да го постигнеме тоа?

Владата смета дека таа цел ќе ја постигне со донесувањето на пакет закони со кои им се одзема на автономијата на македонските универзитети, а таа самата (преку одборот за акредитација составен од деветмина и нивните соработници) ја презема функцијата на гарант за квалитетот. Владата исто така смета дека квалитетот ќе настапи во моментот во кој ќе почнат да важат донесените закони.

Студентскиот и професорскиот пленум со право сметаат дека тоа е погрешен и глупав чекор.

Еве што предлагам јас да се направи.

  1. Најпрвин треба да се договориме дека сите можеме да придонесеме за подобар квалитет на високото образование, но исто така треба да се договориме дека ќе се откажеме од суеверието дека квалитетот расте на гранка и дека ќе го набереме за неколку недели или месеци.
  2. Потоа Министерот за образование би требало да ја преземе одговорноста за погрешното водење на процедурата при предлагањето на актуелните закони. Одговорност би требало да понесат и Претседателот на Собранието и сите пратеници и Претседателот на државата заради своето учество во донесувањето на закони спротивни на уставот. Премиерот, откако ќе му се извини на Ректорот на УКИМ и на целата академска заедница за своето недолично однесување пред камери, би требало да се заложи за назначување на Министер за образование и наука, кој ќе биде компетентен за својата работа и нема да биде припадник на ниту една политичка партија. Таквиот министер би требало да направи темелни реформи во Министерството за образование и наука, реорганизација и вработување на компетентни кадри во сите релевантни сектори.
  3. Потоа Министерството за образование и наука би требало да иницира постапка за градење и усвојување на нова национална програма за развој на образованието од која ќе произлезат меѓусебно компатибилни закони за основно, средно и високо образование, закони усогласени со европското законодавство, закони кои ќе бидат одраз на темелни анализи на реалните потреби на пазарот на трудот на нашава држава и економските можности, закони кои навистина ќе се почитуваат. Владата на Република Македонија има составено документ со таков наслов (рок на важност 2005 – 2015), но за да има легитимитет еден ваков документ не е доволно за тоа да бидат ангажирани само мал број експерти – потребно е да се обезбеди вистинска поширока дебата и поддршка од сите релевантни чинители, образовните институции, експертите, професорите, студентите, учениците, родителите, освен тоа вистинска национална програма за развој на образованието мора да има поддршка од сите политички субјекти. Подобро високо образование нема да добиеме ниту за една, ниту за две години и нема да го добиеме само со усвојување на подобар закон за високо образование. Квалитетот на високото образование зависи од многу фактори, но особено од соодветен квалитет на основното и средното образование. Квалитетно високо образование во Македонија може да се организира на различни начини, но сигурно не така што во ист кош со еден закон ќе се стават и државните и приватните универзитети. Секој универзитет има своја политика образовна, кадровска, уписна, свои економски приорети и вредности за кои се залага.
  4. Што се однесува до најстариот универзитет во Македонија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во чие финансирање учествува Владата на Република Македонија, тој би требало да си постави за цел, еден ден да се најде ако не меѓу првите 50, тогаш барем меѓу првите 100 универзитети во светот. Тој би требало да си постави за цел да стане симбол на македонското образование, препознатлив во светот. За да може да го постигне тоа, државата мора да му помогне така што ќе ги обезбеди потребните финансии за подобрување на условите на работа, за вработување на соодветен број на компетентни кадри, за учество на професорите и студентите на меѓународни конференции и за престои во научни институции во странство, за научно истражувачки проекти, за објавување на научни трудови, за што повеќе македонски списанија да стекнат меѓународен характер и углед. Иако е Владата финансиер таа не треба да го условува финансирањето на универзитетот со бројот на студенти и со фондот на часови за наставниот кадар. Државата исто така би требало да го поттикне основањето на нови научни институти и проширувањето на обемот на работа на постојните за да може еден ден во државава да се обезбеди вистинска конкурентност и за да има доволно компетентни кадри за изведување на соодветна екстерна евалуација. Македонија не е земја со голема економија и затоа очекувањата за инвестиции во образованието треба да бидат реални, треба да се одвиваат на подолг рок, но треба навистина да се случуваат.
  5. Професорите и студентите треба да се заложат за тоа целата академската заедница да стане пленум, плоштад за секојдневна размена на мислења, аргументи, идеи, непресушен извор на позитивна енергија, солидарност, но и самокритичност. Академската заедница не смее да биде толерантна кон корупцијата и кон оние кои шират говор на омраза и предрасуди, кои се подготвени заради лична финансиска корист или политички амбиции да дејствуваат спротивно на интересите на универзитетот. Академската заедница мора да стане постојан критичар на негативните трендови во општеството, а не само тогаш кога нејзините интереси се загрозени. Од најучените се очекува да знаат да дадат корисен совет во сите критични ситуации. Академската заедница не смее да дозволи да се применуваат студиски програми за кои однапред се знае дека нема да ја исполнат својата цел, не смее да се согласува да им се издаваат на дипломи на оние кои тоа не го заслужиле, па дури да е во прашање и Премиерот лично. Професорите мора да се изборат за тоа да се утврдат реални критериуми за избор во повисоки звања, критериуми кои ќе бидат стимул за напредок, а не стега. Тие критериуми треба да бидат квалитативни, да ги класифицираат напишаните трудови според нивната суштина, а не да бидат квантитативни. Тие критериуми не можат да бидат исти за секоја струка. Тие критериуми треба да бидат одраз на смислена кадровска политика на факултетите, која е во согласност со планот за инвестирање во развојот на образованието од страна на државата. Професорите мора да се изборат за рестриктивна уписна политика. Не дека не може секој да се запише на факултет, но оној што се запишал мора и да заврши во определено време и со определено ниво на знаење, а тоа не може секој. Студентите мора секогаш да бараат повеќе, повеќе од себе, повеќе од професорите, повеќе од владата, зашто тие имаат право на тоа и тие самите се најдоброто мерило за квалитетот на образованието.

На Македонија ѝ е потребно високо образование какво што нудат најдобрите светски универзитети, но за да се случи тоа граѓаните мора да инсистираат законите што беа донесени во нелигитимна процедура и што се противуставни да бидат повлечени, зашто таквите закони никој не чувствува обврска да ги почитува. А во земјите каде што работат најдобрите светски универзитети законите се почитуваат.“

Текстот е преземен од блогот на Професорскиот пленум