[Став] Непристрасен суд низ перцепциите на јавноста

Kоалиција „Сите за правично судење“ објави правно мислење во кое апелира за потребата на примена на високи стандарди за совесно и професионално извршување на судиската функција од страна на судиите како би се одржал интегритетот на судството.

Во нивното мислење се анализира дел од постапката при судските одлуки во процесот кој се водеше за насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Во случајот, преку Законот за амнестија беа запрени кривичните постапки за 15 обвинети лица, додека за други 18 лица постапката продолжи.

Дел од бранителите на обвинетите во случајот побарале изземање на двајца судии-членови на судечкиот совет поради пристрасност на судиите и оформено мислење, со оглед на тоа дека тие постапувале во совет кој одлучувал по жалбите на дел од обвинетите во однос на амнестијата. како и за продолжување на мерката притвор и изрекување на мерката гаранција.

„Клучното прашање кое се поставува во конкретниот случај (27 април) е како да се утврди дали еден судија е пристрасен или не при донесувањето на одлука, особено имајќи предвид колку е тенка границата меѓу објективност и пристрасност и дали самите судии можат да донесат одлука за себеси дали се пристрасни или не. Имено, се поставува прашањето колку судиите можат да бидат непристрасни во услови кога веќе донесувале одлуки не само за продолжување на притвор и останати мерки, туку и решавајќи по барање за амнестија, односно до кој степен оформиле мислење за вината на обвинетите и ја земале предвид фактичката состојба, како и дали самите можат да ја донесат одлуката за нивната непристрасност“, се наведува во правното мислење на Коалицијата.

Целосното правно мислење на Коалицијата „Сите за правично судење“ можете да го најдете на следниов ЛИНК.