[Став] Нема правда нема мир – низ искуството од посета на Франција

Лора Ставровска e ученичка во гимназијата Св.Кирил и Методиј во Неготино, која пред една недела беше во Кутанс (Coutances) во Франција, за да учествува во низа настани во кои учениците се запознаваат за животот преку сведоштвата на Евреите. На неделата„Les Sentiers de la Mémoire“ поканети беа учесници од пет држави, а се одржаа и Интернационалните ораторски средби каде второто место го зема македонскиот тим ( Лора Ставровска и Бранкица Апостолова). Темата беше човековите права, а македонскиот тим зборуваше за нашето судство под наслов „Нема правда нема мир“.

Ставровска низ куса колумна за Радио МОФ го опишува ова искуство:

„Врската меѓу желбата и иницијативата е многу тесна. Јас како ученик во билингвална паралелка го надминав стравот од неуспех токму кога ми се пружа прилика да престојувам еден месец во Франција и да видам како светот функционира на повисоко скалило.

Моето име е Лора и живеам во Неготино, од срцето на Македонија познат по винарскиот регион Тиквешија, имав можност да ја посетам Франција и три пати и да ја почувствувам нејзината топлина и убавина со која се краси.

Добро познатиот француски клас е првиот во Македонија а и еден од најуспешните со бројни проекти координирани од страна на професорите по француски јазик.

Поддршката која неуморно ја добивав од моите родители и мојот класен Драган Трпковски-Франц ме мотивираа да застанам на свои нозе и да знам што всушност сакам да бидам, пред се како човек а понатаму и како академски граѓанин.

Нормандија, северното крило на Франција, студена клима и добро сирење, е регионот кој имав можност да го посетам во целост. Престојував во Кутанс кај семејство кое ме прифати како нивна ќерка и сестра и кое секојдневно се трудеше да им угоде на моите потреби.

„Les Sentiers de la Memoire“ е настан кој по седми пат се одржа оваа година во Кутанс и каде јас имав можност да присуствувам заедно со уште 4 соученици и да се запознаеме со патешествијата низ кои поминале Евреите за време на Втората светска војна преку конференции и сведоштва. Во проектот учествувавме деца од 5 држави ( Ерменија, Швајцарија, Србија, Хрватска и Северна Македонија).

Се одржаа и Интернационалните ораторски средби каде од вкупно 11 тима ние успеваме да го земеме второто место и да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Темата беше генерално за човековите права. Јас бев во тим со моја школска Бранкица Апостолова и нашата тема беше за судството во Македонија под наслов „Нема правда нема мир“  каде со отворени карти му покажавме на светот каква е правдата кај нас.

Жирито се состоеше од 9 вистински судии и натпреварот се одржа во Судот на град Кутанс. Цената која ја плаќаме за (не) правдата во нашата држава не не спречи да постигнеме успех во друга економски и културно стабилна држава.

Патот кон успехот е посладок од самиот успех. Љубовта и трудот кои ги  вложивме имаат поголема цена од се она што добивме како награда. Ние нема да застанеме овде, уште долго ќе бидеме амбасадори на нашата татковина и ќе се бориме младите да бидат локомотивата кон понатамошни работи“.

Лора Ставровска