[Став] Неквалитетно образование против активно граѓанство

Имаме систем кој во моментов расте и воспитува граѓани кои не само што не ги информира за своите права, туку ги учи на подаништво и страв од авторитетот, пишува Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Квалитетот на образованието во Македонија е често посочуван проблем, нешто што не е само јавна перцепција, туку и прашање забележано во многу меѓународни и домашни документи.

Во извештајот на Светска банка за јавните трошоци на Македонија се посочува дека резултатите во образованието се влошуваат и покрај тоа што се зголемува трошењето на средства.

Државниот завод за ревизија неодамна го објави извештајот за ефективност на програми и мерки во средното образование. Документот го посочува отсуството на анализи од резултатите на екстерното тестирање, проблемите на училиштата со долговите и колизијата на екстерното тестирање со законот за средно образование.

Токму овој месец Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија, во која често се споменуваат младите и образованието. Се посочува улогата на образованието за креирање толеранција, се потенцира интегрираното образование и се нотира проблемот со заминување на младите од земјата.

Во резолуцијата посебно одекнува овој дел: „Се нотираат со загриженост предизвиците во образовниот систем во земјата и се потенцира потребата од сеопфатна анализа во овој аспект, стратешко планирање на идни реформи и легислативни промени, вклучување на студентски и ученички организации и движења и овозможување на практикувањето на нивните права“.

Зошто сме во позиција каде во документ на Европскиот парламент треба да пишува дека треба да се планира стратешки и дека треба им се даде простор на учениците и студентите да учествуваат? Кога имаме образовен систем кој не успева да си ги оствари основните улоги, како да очекуваме дека тој систем ќе изгради самоуверени, информирани млади активни граѓани?

Улогата на образовниот систем е непроценлива за развојот на еден млад човек и за тоа да придонесе кон развој и на самото општество треба многу нешта да се променат.

За почеток може да се почне од наставните содржини кои се ограничени и често спорни со коментарите за послушните граѓани, класните поделби и улогата на власта. Тенденциозни и пограшни информации во учебниците не само што не треба да има, туку на учениците треба да им се овозможи и повеќе од тоа – да ги дознаат своите права и да се охрабрат да го споделуваат своето мислење. Мора да се промени тоа што половина од учениците не би го поправиле својот професор иако знаат дека греши.

Треба да се гарантира формалното право на здружување на учениците, и нивните организации, заедници, унии или други форми да добијат простор да присуствуваат на органите на управување, да имаат пристап до информации, да биде поддржана нивната работа од институцијата каде се здружиле и да добие нивниот глас важност.

Покрај формалното треба да се гарантира и правото на неформално здружување. Сликата која ја гледавме на црни кампањи со постери против средношколци, медиумски оцрнувања и притисоци од професорите е посебен проблем. Учениците треба да имаат гарантирани форми преку кои се претставуваат, но и да се поттикне, охрабри и чуе нивното организирање и ангажман и кога тоа ќе решат да го направат користејќи ја својата слобода на изразување, право на здружување или право на протест.

За крај, мора да се упристојат основните услови во кои учениците функционираат, наместо да се приморани да се помируваат со мизеријата. Ладни училници, тоалети од кои се шири реа, кровови кои паѓаат, домови во распад, ќумбиња во училници се реалност во која растат и учат многу млади. Приоритети на националните политики и вложувањето на средства треба да бидат ставени на реалните и основните потреби – кои во вакви услови не за секого се спортски сали и компјутери. Учениците треба да бидат прашани што им треба, и да се вложува соодветно со нивните потреби и можностите за развој.

Имаме систем кој во моментов расте и воспитува граѓани кои не само што не ги информира за своите права, туку ги учи на подаништво и страв од авторитетот, ги користи формите на здружување кои им ги дал како декорација, попречува сè слободоумно и критично да се самоорганизира и непромислено прави промени и интервенции кои не водат никаде. Треба да се инсистира на квалитетни политики во интерес на учениците и нивната иднина, а додека не се подобри системот неговите пропусти ќе ги компензираат младински работници, неформалното образование и младинските клубови и организации.