[Став] Не за екстерно!

И покрај масовните протести на студентите против екстерното испитување на државните факултети кои се одржаа деновиве, повеќе од  очигледно е дека власта не сака да ја разбере пораката и суштината.

Никола Тодоров вели: „Медицината не е исклучок, да го земеме  пример и градежништвото. Дали некој би сакал да живее во зграда каде статичарот завршил на некој факултет за кој не може да се гарантира нивото на квалитет? Државата мора да најде механизми да обезбеди релативно идентичен квалитет и релативно идентично ниво на знаење и вештини на сите универзитети во Македонија.“

Нејасна е потребата од изјава на министерот Тодоров, бидејќи тој не е на функција во Министерството за образование и  наука. Во времето кога господинот Тодоров студирал, вакви тестирања немало. И тој завршил „на некој факултет за кој не може да се гарантира нивото на квалитет“, и при неговото поставување за министер, неговиот квалитет за функцијата за која бил назначен бил несигурен (според неговата логика). Господинот Тодоров постојано ја потврдува несигурноста на неговиот квалитет за функцијата на која е назначен, јавно, пред сите, без тронка срам.

Господине Тодоров, а и сите останати кои не убедувате дека екстерното тестирање на студентите е позитивно, престанете да го манипулирате народот со спинови.  Доволен доказ за квалитетот на студентите кои се обидувате да ги испитувате е тоа што тие своеволно, самосвесно излегоа на улица да се борат против вашите измени во Законот за високо образование. Тоа ви докажува дека тие студенти размислуваат со сопствените глави, во околина која постојано ги поттиснува со политичките (партиските) игри, која им диктира „здрав и нормален начин на живот“ а им нуди многу малку шанси за солидна иднина. Тие своите квалитети ви ги докажаа на улиците, квалитети кои не можете да ги измерите со „екстерни (екстремни) тестирања“.

На истава тема премиерот Груевски пак вели: „Ние сме цврсто решени да најдеме мерка со која што ќе се стави крај на давањето дипломи без елементарно знаење затоа што тоа е на штета на сите оние кои што учат и со знаење и учење доаѓаат до диплома и потоа истите овие им се конкуренција кога некаде конкурираат за работа. И не е фер за секој оној кој учи и со напори дошол до диплома некој да дојде и да му каже имаш просек 6,5, а јас имам 10, а тој со 10 не отворил книга. Не е добро и за општеството да се произведуваат генерации со дипломи, а кои што имаат 0 знаење и ние како Влада несмееме да ги затвориме очите и да ги гледаме последиците после х-години. Затоа што тие млади луѓе, сега можеби не се сите од нив доволно зрели и да знаат што ги чека после, а тоа се сриозни потешкотии да најдат работа, и ако ја најдат да ја задржат а камоли да напредуваат. Ние сме должни и кон оние кои се борат да дојдат до такви дипломи, да им помогнеме со вакви мерки да дојдат до знаење, а не само до диплома.“

Многу добро ја знаеме ситуацијата во која се наоѓа Македонија.  Основен предуслов за вработување на дипломираните во државните институции е имањето на партиска книшка од владеачката партија. Начинот на добивање на дипломата и квалитетот на истата, во повеќето од случаите е небитен. За ваквите ситуации сме сведоци сите.  На социјалните медиуми, деновиве кружи слика од разговор на која еден студент (со членска книшка од владеачката партија) на својот колега од факултетот му вели: „мене гајле ми е, ќе ми ги дадат одговорите од ЕКСТРЕМНОТО, јас не сум за џабе во партија, ама вие џабе протестирате“.

Логичното прашање кое следи е: Дали ваквите реформи во образованието им го олеснуваат патот на структурите на владеачката позиција да ја зацврснат својата политика на „штанцање на дипломи за вработување на партиски луѓе“?

Премиерот Груевски, во обид да ги смири страстите на сите оние кои се против екстерното тестирање подоцна изјавува: „Екстерното тестирање ќе важи само за идните студенти“.  Во овој случај, топката се фрла на следните генерации. Гледајќи ги реакциите на студентите, власта се обидува да ги утеши оние кои се борат против проблематичните реформи со „жртвување“ на следните генерации. Почитувани, реформите не се однесуваат само на вас и на сегашните генерации, нивните последици се одразуваат и на понатамошните генерации. Има разлика, бидејќи се надевам дека тие нема да ви простат.

Всушност, овој текст го пишувам како поранешна студентка, која дипломирала пред две и пол години како најдобар студент на својата генерација. Навистина и не би го споменала овој факт, но во ситуацијава е релевантен, бидејќи и покрај признаениот квалитет од страна на државниот факултет, вашата власт не се потруди да понуди подобра иднина за мене. Велите дека треба да се воспостави механизам за добивање на поголем квалитет?! Квалитетот го имате, но одбивате да го искористите бидејќи не сите имаат исто мислење како вас.

На крај, престанете да го поистоветувате квалитетот на образованието со приходот кој ќе го добиете од овие реформи. Доколку сакате навистина да го подобрите квалитетот на образованието, обезбедете ги потребните услови за школување како: парно и струја во сите училишта и факултети, квалитетна литература од која би се учело (квалитетни преводи, а не материјали на српско-хрватски), награди  за најдобрите како и можности за вработување на дипломираните студенти (не само на оние со партиска книшка)….

Автор: Марина Трајкова