[Став] Наместо екстерно – факти и предлози за подобро високо образование

Последните неколку месеци од 2014 година, Министерството за образование и наука на Република Македонија, реши да поведе постапка за драстична реформа во високото образование, со цел подобрување на квалитетот на истото. Меѓу главните елементи на кои би се засновала реформата е воведување на државен испит, со кој се смета дека ќе подигне нивото на знаењата на студентите, односно дипломците. Подоцна, оваа мерка беше надополнета со низа на дополнителни предлози за измени во Законот за високо образование, во смисла на критериуми кои треба да ги исполни универзитетскиот кадар во соодветната институција за вршење на наставната дејност. Меѓу нив, посебно место зазема публикувањето на трудови во светски научни списанија со висок импакт фактор, значително поголема соработка со странски универзитети и слично. За волја на вистината, во академската заедница навистина преовладува мислењето дека високото образование не е на нивото на кое треба да биде. Меѓутоа, причините за тоа не се така едноставни, за да може без детален, длабински аналитички пристап да се дојде до посакуваните подобрувања. Најмалку преку парцијални и недоволно дефинирани законски измени. Всушност, предложените измени на Законот за високо образование се 13-ти по ред, што говори за таквиот парцијален, чекор по чекор пристап.

Па тогаш кои се причините, а воедно и можните вистински, квалитетни и издржани решенија за подобрување на состојбите? Овде врз основа на моите речиси 20-годишни искуства, презентирам неколку од нив кои ги сметам за најзначајни и многу посуштествени од предложените законски дополнувања.

Факт 1:

Во последните 10-15 години, во Република Македонија се појави наплив на високошколски установи, од кои значителен број нецелосно, недоволно или воопшто не ги исполнуваат критериумите за акредитација, а кои пак беа несоодветно ниски. Задолжителен чекор е постапка за евалуација и акредитација на високообразовните установи (универзитети, факултети, институти и сл.) според построги критериуми за акредитација. Само на оние што целосно и недвојбено ги исполнуваат сите просторни, кадровски и останати услови, треба да им биде дадена акредитација за вршење на високообразовна дејност. На државните универзитети, треба да се избегнува непотребното „дуплирање“ на наставни програми поврзани со неопходен квалитетен наставен кадар и софистицирани материјално-технички услови. Така, не ретко наместо еден репрезентативен „центар“ за дадена наставно-научна област со долга и проверена традиција, функционираат неколку установи со слаб квалитет и слаба меѓусебна поврзаност.

Факт 2:

Првично замислено со добри намери од страна на МОН, отворањето на дисперзирани студии во помалите средини низ Македонија се покажува како контрапродуктивно за квалитетот на тие студии, односно нивото на стекнато знаење. Патувањата на универзитетскиот кадар по неколку часа во текот на денот до едно или друго место, несоодветните просторни, технички и наставни услови на дисперзираните групи (лаборатории, библиотеки и др.), недоволната логистика и слично, се меѓу проблемите кои оневозможија видлив позитивен ефект. Според тоа, треба да се преиспита постоењето на дисперзирани студиски групи, особено доколку нема елементарни потреби и услови за такво нешто. Тоа уште повеќе ако се има во предвид дека до било кој постоечки универзитетски центар во Македонија, растојанието не е поголемо од 50-100 км, а во истите центри има студентски домови кои треба да доликуваат на високо-академската средина.

Факт 3:

Сосема евидентно е дека квалитетот на запишаните студенти на одредени високообразовни установи, значително се намали со укинувањето на приемните испити. Првично, тоа беше направено со идеја положената државна матура да биде виза за запишување на факултетите. Меѓутоа, подоцна, преку вториот и третиот уписен рок се отстапи дури и од таа „селективна брана“ па почнаа да се запишуваат одреден број студенти чија водечка желба всушност не е вистинско совладување на знаења. Во таа смисла, би требало еден од основните критериуми за запишување на факултет безусловно да биде положена државна матура или пак повторно воведување на приемен испит.

Факт 4:

Поради напливот на приватни и „набрзина“ акредитирани високообразовни институции со голема „пропулзивност“ на студенти, на државните универзитети во почетокот нагло опадна бројот на запишани студенти. На некои факултети опаѓањето беше за 50% и повеќе и тоа во временска рамка од само 2-3 години. Од друга страна, заради потребите од одржување на материјално-техничките средства, набавка на неопходна наставна, лабораториска и друга опрема, државните факултети мораа да се обидат да ги одржат уписните квоти. Имено, за наведената неопходна опрема, теренски истражувања, лабораториски вежби и др., често се потребни значителни средства кои се покриваат од партиципацијата, кофинансирањето, вонредните студенти, постдипломци и сл. (други реални извори нема). Тоа доведе на некои факултети да се запишуваат сите пријавени кандидати, без оглед на понекогаш мизерно нискиот средношколски успех. Како последица, се зголеми „пропулзивноста“ и на државните универзитети, бидејќи „губење на студенти“ или нивно откажување значи намалена можност за одржување на наставата на соодветно ниво. Во таа смисла, единствено решение претставува целосно подмирување на материјалните трошоци за настава на државните универзитети од страна на МОН преку соодветни годишни програми, а воедно намалување на квотите за упис според оптималните можности на секоја единица, но и водејќи се од националниот интерес за некои насоки.

Факт 5:

Во изминатиот период се укинаа неопходните барем минимални критериуми за запишување на втор циклус на студии. До пред 10-15 години, истите беа доста високи, со минимален просечен успех на додипломски студии од барем 8,5, 8,0 или 7,5 како основа за продолжување на магистерски студии. Овој критериум како услов веќе не постои, така што и најслабите студенти теоретски можат да магистрираат. Уште повеќе, програмите за втор циклус и потребната временска динамика беа значително „олабавени“, делумно повторно заради обезбедување на финансиски средства на установите. Тоа доведе до хиперпродукција на магистри, па и доктори на науки со сомнителен квалитет. Затоа, неопходно е дефинирање на строги и јасни критериуми за стекнување со наведените звања, како во однос на самите студенти, институциите кои можат да го изведуваат тоа, квалитетот на менторите и комисиите, нивната соодветност и слично. Мора да напоменам дека ова не смее да биде шаблонски, бидејќи секоја институција или научна област има свои специфичности.

Факт 6:

Сосема јасно е дека без солидна наука, нема добар универзитетски наставен кадар, а со тоа нема квалитетни студии и знаења. Меѓутоа, за таква наука кон која стремиме, секаде во светот се неопходни соодветни финансии. Најголем дел од земјите во развој или развиените, со кои понекогаш сакаме да се споредуваме, за наука годишно од својот буџет одвојуваат од 1% до 5%. Кај нив, овие средства се наменети за научни проекти, усовршувања, стипендии, учества или организации на научни конференции, помош за издавање на научни списанија, материјално-техничка помош на универзитетите и многу други намени. Во Република Македонија, од нејзиното осамостојување до денес, издвојувањето за наука е речиси во константно опаѓање и тоа од околу 1% од БДП на близу 0,2% што ни оддалеку не е доволно за некаква посериозна научна активност во земјата (всушност, според оваа ставка сме меѓу последните држави во Европа и Светот). За таа цел, неопходно е постепено зголемување на издвојувањата за наука барем за 0,1% годишно до нивото од 1% (за вакво нешто беше изработена и Национална стратегија за научно-технолошки развој на РМ). Строго наменски и на вистински начин финансирани научни дејности и активности, секако ќе дадат голем ефект врз развојот на науката и научната презентација на Македонија во светот. Исто така, ќе го подобрат севкупниот квалитет на студиите, ќе го поттикнат интересот за научни истражувања, ќе го намалат одливот на мозоци од нашата држава и др. Тоа јасно го покажува примерот на Белградскиот универзитет кој преку зголемено финансирање на научната и наставната дејност, за само неколку години, од 650-то место во Светот, направи скок на 360 место на Шангајската листа, па денес е меѓу топ 500-те универзитети. Во рамките на претходното, неопходно е да се стимулира и развие добар систем на размена на студенти и професори со останатите, особено пореномирани универзитети во Светот. Иако имаше такви заложби и до сега, поради недостаток на финансии, размената на професори и студенти со кои на најдобар можен начин се презентира целата држава, остана само неостварена желба.

Факт 7:

Факт е дека бројот на објавувени трудови во реномирани научни списанија без или со фактор на влијание (импакт фактор), кај нас е мал. Дел од одговорноста за тоа, веројатно е на совеста, вештините, знаењата, мотивацијата и интересот на професорите. Меѓутоа, за објавување на квалитетни трудови, посебно земјаќи ја во предвид нашата специфична регионално-политичка конотација како држава, потребни се значителни предуслови. Најчесто тоа е постоење на солидни меѓународни проекти со посилните универзитети или институции во странство, учество како полноправни членки во некои научни организации (за кои обично се плаќа не така мала годишна чланарина), честа посета на конференции и воспоставување на директни комуникации и соработка на нив и сл. Всушност, добрите научни трудови со висок импакт фактор, обично произлегуваат од големи национални, билатерални и мултилатерални научни проекти (заради тоа е оној додаток на секој таков труд Acknowledgment зад кој најчесто стои проектот од кој е произлезен трудот). Некои познати списанија имаат соодветна котизација од 200$ па дури до 1000$, а често единствена можност е самиот автор да ги покрие трошоците. Воедно, нашата држава, односно универзитетите немаат на располагање соодветни бази на реномирани списанија со слободен пристап (open access) преку кои може да се следат најновите научни достигнувања, трендови и сл. Често, услов за објавување на квалитетен труд со импакт фактор е точно цитирањето на најновите достигнувања во областа, кои нашиот научен кадар нема како да ги следи (преглед само на еден труд во реномирано online списание чини од 20-100$).

Во смисла на претходното, неопходно е воспоставување на национална база и регистар на реномирани домашни научни списанија од страна на НУБ според дадени критериуми, бидејќи некои трудови се од таква природа што не постои речиси никаква можност за објавување во странство. Такво нешто функционира во голем број земји на Балканот, во Европа и Светот, при што секое списание, согласно домашната цитираност или значајност, носи одреден број поени.

Факт 8:

Во изминатите 10-15 години, застапеноста на помлад кадар на државните универзитети е во постојано опаѓање. Вработувања на асистентскиот кадар кој е важна алка во утврдувањето на знаењата, речиси целосно запреа. Така, од некогашни 20, 30, 40 асистенти на некои факултети, денес тој број е само неколку, а на некои институти и катедри воопшто нема помлад кадар. Сите универзитети во соседството, а кои се на многу повисоко ранг-место од нашите, го задржаа, па дури и зголемија асистентскиот и останат помошен кадар. Хрватска, од која често земаме примери, направи слична грешка, но затоа пак само во 2014 година, само Загребскиот Универзитет прими околу 70 нови асистенти. Некои универзитети на Запад, навистина немаат асистенти, но проектите и фондовите што им стојат на располагање се сосема доволни за хонорарен ангажман на десетици соработници во делот на науката и наставата. Ако се сака вистинска функционалност и добар квалитет на студиите во идниот период, неопходно е наоѓање на начини за зголемување на бројноста на младиот научен кадар на универзитетите, а посебна предност треба да имаат талентираните студенти. Во спротивно, полека ќе се гасне и она малку динамична „млада“, заносна и движечка енергија што останала на универзитетите, а со тоа ќе се гаснат и тие самите.

Факт 9:

Мора да се обезбеди строго почитување на Законот при избор на наставниот кадар во повисоко звање. Досегашните критериуми за избор се релативно лабави, меѓутоа соодветни со постоечките можности за научна дејност. Како што ќе се подобруваат условите и финансирањето на наставата т.е. науката, така треба постепено да се зголемуваат и критериумите за избор. Сепак дури и сегашните критериуми често се толкуваа субјективно и „растегливо“. Во таа смисла, треба појасно да се дефинира што е меѓународно списание, потоа соодветноста на списанијата, а воедно сите биографии-библиографии да бидат поставени на веб-страници или пак во соодветен регистар на наставниот-научниот кадар на РМ. Секое повисоко звање мора да носи и соодветна мотивација (финансиска и секоја друга) бидејќи разликите моментално се занемарливи и демотивирачки. Во системите на повеќето западни земји, можно е во исто звање (на пример доцент) да се остане до крајот на работниот век, согласно покажаните резултати, интереси и желби. Истото важи и за акредитација на ментори на втор и трет циклус, за кои треба да важат дури и нешто повисоки (но не несоодветно високи) критериуми. При сето наведено треба да се води сметка за специфичноста на научната област (пр. општествени во однос на егзактни природни науки). Затоа, импакт факторот не треба да биде единствен критериум, бидејќи ќе се јави опасност од запоставување на домашни-национални научни проблематики и активности. Исто така, за избор во наставничко звање, мора да се води сметка за специјалноста на кандидатот, бидејќи често се случува кандидат кој докторирал на една област, да биде избран за сосема поинаква област на настава. Јасно е дека последиците од тоа врз квалитетот на наставата се изразито негативни.

Факт 10:

Неопходно е максимално нивелирање на примањата (платите) на државните универзитети, бидејќи денес постојат разлики во опсег 5:1 на вкупните примања на наставничкиот кадар помеѓу финансиски „подобрите“ и „послабите“ факултети на ист универзитет што е недопустливо. Секој факултет и секоја научна област има своја специфичност и тежина, така што огромните разлики се сосема демотивирачки за некои факултети, институти и други високообразовни установи. Воедно, платите треба да се соодветни во однос на звањето, а имајќи ги предвид сите неопходни трошоци за научни, наставни и останати активности. За сметка на достоинствените плати, варијабилниот дел кој делумно беше одговорен за запишување на несоодветно голем број студенти, треба да се сведе на минимум, односно најмногу до 10-20% од износот на платата. Тоа ќе влијае значително врз поголемата објективност и мотивираност на севкупниот наставен кадар, а ќе претставува вистинска интеграција на државното високо образование барем во овој сегмент.

Секако, ова се само дел од проблемите и можните решенија во високото образование. Потребна е детална, барем повеќемесечна анализа на сите можни аспекти, причини, ефекти, подобрувања и промашувања, бидејќи на долг рок се работи за иднината на оваа земја. Всушност, ако се потребни 2-3 години работа за еден труд со солиден импакт фактор (тоа се зема за некаков репер нели), неопходно е барем половина од наведеното време за добра и издржана долгорочна реформа на националното високо образование.

д-р Ивица Милевски, Институт за географија/ ИГЕОпортал