[Став] Над 2000 Роми „фантоми“ во Македонија

Според Министерството за труд и социјална политика, околу 500 Роми се правно невидливи, но невладините ромски организации тврдат дека нивниот број е над 2000. Иако законски не смее да има граѓанин без здравствено осигурување, ниту да е надвор од образовниот систем, освен што ја спроведе акцијата за регистрирање на овие лица, државата се уште не наоѓа начин да го реши проблемот, а со тоа го прекршува и основното човеково право за државјанство.

Македонија има погрешна проценка за тоа колку луѓе се родени во земјата, а живеат без да бидат евидентирани. Најголемиот број од нив се етнички Роми, а се оперира со бројка од 500 лица. Поради долгата и бирократизирана процедура за нивно евидентирање, тие се оставени на маргините на општеството, без основното човеково право – поседување документи за лична идентификација. ДНК анализите што државата ги спроведува не овозможуваат брзо и ефикасно решавање на проблемот со неевидентираните лица.

Лица без првен идентитет наречени „фантоми“

Во Македонија во 21 век се уште живеат лица граѓани Роми без лична идентификација наречени „фантоми“. Тоа се правно невидливи лица, луѓе чие раѓање не е евидентирано во матичната книга на родените и живеат на територијата на Република Македонија, иако токму поседувањето документи за лична идентификација е една од основните потреби на граѓанинот, тоа е фундаментално човеково право.

Истражувањето на Министерството за труд и социјална политика во соработка со ромските невладини организации спроведено во 2011 година за евидентирање на лицата кои се правно невидливи резултираше со бројката од околу 500 лица. Ова официјална бројка се користи и денес, но во овој број влегува само првата генерација неевидентирани лица во семејството. Според неофицијалните податоци на невладините ромски организации „Амбрела“ и „Лил“ над 2000 лица во Македонија живеат без лична документација.

Социјалниот статус е причина за нивна невидливост

Сиромаштијата, општествената исклученост и несоодветните услови во кои живеат и егзистираат Ромите, немањето регистрирана адреса на живеење, децата родени во малолетнички вонбрачни врски, необразованоста, стравот на родителите дека доколку подоцна го пријават детето ќе се соочат со казни заради негрижа, се токму причината за овој проблем кој придонесува се повеќе да се отежнува животот на оваа категорија луѓе. Повеќето од нив се родени во домашни услови.

Центрите за социјална работа се надлежни да ги штитат правата и интересите на децата, тие имаат евиденција и за семејствата кои се дисфункционални, кои што живеат под социјален ризик и имаат сознанија во кое семејство родителите не се доволно образовани за да знаат дека по раѓањето на своето дете, треба да го евидентираат.

Постоењето на проблемот со легално невидливите лица во моментов се рефлектира низ три генерации. Првата е врзана со граѓанскиот статус на мајката, втората се нерегистрираните лица од различна возраст (најмногу се застапени младите малолетни мајки со новородените деца) и третата генерација се новородените деца, вели Сарита Јашаровска од организацијата за заштита на правата на жените и децата од ромска популација „Лил“.

Извор: Радио Слободна Европа

Невидливите без здравствена и социјална заштита

Иако законски не смее да има граѓанин без здравствено осигурување, ниту пак смее да е надвор од образовниот систем, освен што ја спроведе акцијата за регистрирање на овие лица, државата се уште не наоѓа начин да го реши проблемот, а со тоа го прекршува и основното човеково право за државјанство.

Непобитен е фактот дека здравствениот статус на Ромите е далеку полош од оној на останатите заедници во државата. Врз здравствениот статус на Ромите влијаат и незавидните услови на живот, несоодветното домување и лошите хигиенски услови во кои тие живеат, како и немањето пристап до здравствените услуги поради тоа што не поседуваат здравствено осигурување и лична документација. Националната статистика забележува поголема застапеност на заразни заболувања кај ромското население во однос на општата популација. Жолтица, туберкулоза и заушки се најчестите заболувања кај ромските деца, а тоа се должи на намалениот имунитет поради нередовната вакцинација и живеењето во лоши хигиенски услови. Повеќето од семејствата преживуваат во супстандардни услови, во импровизирани живеалишта од картони и штици, без вода и канализација, без струја.

Има и случаи деца Роми да настрадаат во сообраќајна несреќа и тоа по грешка на возачите, но за тоа да немаат никаква одговорност бидејќи децата не биле евидентирани. – Свесни сме дека има случаи на луѓе кои умираат поради тоа што не можат да добијат здравствена заштита затоа што не се неевидентирани, не можат да добијат и социјална заштита бидејќи се е врзано. Прво и основно, треба да имаш Извод од матичната книга на родените, треба да постоиш, а потоа да бидеш пријавен и во Агенцијата за вработување, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Спроведувањето на активности во фази – пречка за решавање на проблемот

Во рамките на активностите кои се преземаат за регистрација на овие луѓе е и акцијата за евиденција на лица во матичната книга на родените која се спроведува од ноември 2011 година и содржи неколку фази. Во првата фаза, со помош на ромските информативни центри на Министерството за труд и социјална политика и ромските невладини организации најпрвин се идентификуваат случаите на терен. Потоа следи фазата на укажување кои документи и докази се потребни за дополнителен упис во матичната книга на родените. И крајната фаза е кога неевидентираното лице доставува барање со потребната документација и бараните докази. Со ваквата постапка на годишно ниво се решаваат од 30-50 случаи. Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите надлежности од 2011 година досега подржало спроведување на 93 ДНК анализи и извршен е упис на вкупно 120 лица во матичната книга на родените.

Разрешувањето на ваквите случаи е долго поради бирократскиот процес кој трае повеќе од една година, а бројката на неевидентирани лица во која спаѓа само првата генерација во семејството секојдневно се зголемува бидејќи оваа категорија лица се многудетни семејства, а и лица кои стапуваат во малолетнички бракови. Решавањето на овој комплексен проблем бара постојано следење и надградување на постојните решенија со цел изнаоѓање на соодветни решенија бидејќи секојдневно се зголемува бројот на „невидливи новороденчиња“.

ДНК- анализи обид за брзо и ефективно решение на проблемот

Министерството за труд и социјална политика годишно издвојува финансиски средства за покривање на 32 ДНК анализи, доказ кој треба да се обезбеди за идентитетот на детето за да започне постапката за упис во матичната книга на родените. Податоците на терен покажуваат дека се прави обид, но не и постапка за брзо и ефективно решение на проблемот за спречување на овој децениски проблем, кој според неофицијални податоци е поголем од 2000 лица. Невладиниот сектор е загрижен и бара поедноставување на скапата постапка за обезбедување документи за лична идентификација или зголемување на буџетот со кој се финансираат ДНК анализите.

Потребно е да се најде систематско решение за да бидат опфатени сите случаи. Тоа подразбира пред се законска измена на сегашниот Закон за матична евиденција, што значи дека овој закон треба да се усогласи пред се со Конвенцијата за заштита на правото на детето. Според тоа, раѓањето на секое дете мора да се евидентира во матичната книга на родените, меѓутоа оваа законска измена треба да ги вклучи и повозрасните лица, кои што се веќе полнолетни.

Атиџе Селман

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.