Став на Наставничкиот пленум во врска со прекинот на бојкотот на средношколците

Наставничкиот пленум го објави ставот во врска со прекинот на бојкотот на средношколците, кој го пренесуваме во целост:

1.Како ги гледате и оценувате активностите на средношколците и прекинот на бојкотот?

Пред се, како Наставнички пленум би сакале уште еднаш да ја нагласиме нашата целосна поддршка на сите барања кои учениците ги поставија пред надлежните и на ставовите на Средношколскиот пленум околу негативните ефекти на реформските зафати воведени во образованието. Притоа, поворуваме дека застануваме со нив под слоганот низ кој го изразија својот револт – Стоп за лошите реформи.

Имено, за да се протолкува нивната денешна постапка, би требало да се потсетиме на хронологијата на настаните на кои децата беа изложени во најубавиот и во основа, најчувствителниот дел од учебната година, особено кога се матурантите во прашање. Средношколците повеќе од 5 недели опстојуваа на своите барања низ различни облици на изразување на несогласувањето со низата реформи, заради кои се доживуваат себеси како експериментални глувци чиишто вистински образовни интереси никој од надлежните не ги зема предвид. Ја бојкотираа наставата со протести на улица, во училишните холови, пред училиштето, во училниците, за да најпосле, кога стана јасно дека никој не ги слуша и нема намера да ги слушне, трите макотрпни и напорни недели бојкотот на наставата го префрлија пред Министерството за образование и наука, во надеж дека ако ги гледаат, ќе прифатат и да ги слушнат.

За жал, ниту оваа сепак, по сите основи мошне храбра одлука не вроди со плод. Учениците беа изложени на околности кои според она како ги поднесоа, на нас наставниците и нивните родители ни покажаа дека се зрели, решителни, истрајни и самосвесни млади луѓе кои точно знаат каде се, зошто се таму и со кој вид на проблеми можат да се соочат.

Ако се земе предвид дека поддршката која ја добиваа од сите инволвирани во случувањата со кои се соочуваа сепак се покажа како повеќе декларативна и во основа, со чест на исклучоци – дел од наставниците и родителите, битката пред МОН ја биеа сами, сметаме дека одлуката која ја донесоа на Генералниот пленум е правилна и издржана.

2.На што се должи оваа одлука и дали значи отстапка поради притисок или морален чин на зрелост во услови кога возрасните испаднаа деца пред нив?

Како наставници, сметаме дека одлуката да го стават бојкотот во мирување, како што слушнавме од нивната изјава, од многу аспекти е секако морален чин на зрелост. Тоа е така затоа што:

**три недели, дење и ноќе, на дожд и на сонце беа на тест на зрелост, затоа што тој зафат од нив бараше беспрекорна организација на живот во специфични услови. Сите сме сведоци дека делуваа апсолутно консолидирано, зрело и добро организирано.

**три недели беа соочени со фактот дека требаше да го живеат игнорантскиот однос на надлежните кои поминуваа покрај нив кога одеа на работа, а се однесуваа како да не постојат.

**три недели требаше да ги доживеат и прифатат како сурова реалност средбите со надлежните, во рамките на кои беа етикетирани како нечии пратеници, со што апсолутно се девалвира нивниот зрел настап и обид да бидат сослушани што е она заради кое не се во своите клупи.

**три недели требаше да го живеат и фактот дека сепак, ние наставниците не бевме со нив онолку колку што требаше да бидеме – причините се познати. Не се оправдливи, но разбирливи се. Со чест на исклучоците, секако. Истото се однесува и на родителите чијашто поддршка во онаа вистинска смисла, еднакво како и нашата, изостана. Од истите причини.

**три недели беа соочени и со безбедносни ризици, особено во овие драматични моменти кога протестите се интензивираат и стануваат ризични.

Ако сите овие аспекти ги споиме во една слика, добиваме реален приказ на состојбите заради кои сметаме дека нашите средношколци заслужуваат признание за истрајноста, храброста, решеноста да се издржи. Конечно, и покрај тоа што дел од нивните барања (задолжителноста на предметот математика во функција на полагање на државна матура, на пример) условно земено беа исполнети, тие и понатаму беа решени да останат во кампот додека не им се излезе во пресрет по основ на сите поставени барања пред надлежните. Во името на генерациите кои доаѓаат.

Тука сакаме да нагласиме дека аспектот на отстапка поради притисок, кој го поставувате како прашање, во овој тежок момент за земјата во целина може да се дефинира како отстапка само доколку на неа се гледа како на зрело земање предвид на реалниот моментум и ризикот на кој се изложуваат. Затоа ние како наставници со пиетет го поздравуваме нивниот потег, свесни дека се бореа и за нас. Во право сте, возрасните испаднаа деца пред нив и на сите им одржаа лекција: пред се, на надлежните кои немаа слух за исправноста на нивните барања и пропуштија шанса да формулираат далеку поисправен образовен систем, затоа што децата многу добро знаат што не е во ред. На нас наставниците, затоа што не собравме сили да застанаме зад нив на вистинскиот начин. На родителите, затоа што во опшата турбулентна димензија на живеење и борба за опстанок не се секогаш во состојба да застанат зад своите деца и во одбрана на нивното право да бидат среќни во нивните училници.

3.Која е пораката од овој начин на комуникација?

Ако мислите на тоа како надлежните комуницираа со нив, тогаш сметаме дека средношколците имаа можност да се уверат во точноста на образовната парадигма дека од учителите и сите други од кои треба да учат, не учат само како треба. Научуваат и како не треба. Игнорирањето, етикетирањето, деградирањето и неприфаќањето на фактот дека секој кој сака да биде слушнат, има право на тоа, никако не се воспитни алатки кои ќе им овозможат да се изградат во личности кои ќе се способни да се соочат со сите предизвици кои животот ќе ги постави пред нив кога ќе излезат од клупите.

Наставничкиот пленум во оваа прилика уште еднаш им се заблагодарува на средношколците што покажаа истрајност и младешка сила да се соочат со сето она кое не е во ред и кое сакаат да го поправат. Заедничката борба за подобро образование продолжува.

П.С. Овие ставови требаше да бидат објавени во Фактор уште на 16.05.2015, но од неразбирливи причини не се објавени. Затоа се извинуваме до новинарката С.Б., но мора да ги објавиме на нашиот блог. #ПоздравПленумци, #НемаВеќеМолк #НаставничкиПленум #СредношколскиПленум #СтопЗаЛошитеРеформиВоОбразованието

Со почит, Наставнички пленум