[Став] На Меѓународниот ден на жената, феминистките треба да зборуваат против молкот на жените

Имам измешани чувства за Меѓународниот ден на жената. Ќе има многу славење и добро расположение на овој ден. Но и разочарување. Зошто? Бидејќи колку повеќе жени се издигнуваат на високи позиции, преголем дел од нив забораваат за останатите од нивниот пол и стануваат аполитични, апатетични и опседнати со себе.

Битката за родова еднаквост за нив е далечно сеќавање. Овие жени носат костим и високи потпетици, се придружуваат кон клубот на момците и речиси и не погледнуваат кон оние под нив – патетичните слаби жени кои никогаш не ја сфатиле играта.

Дамите кои триумфирале знаат да дадат совет за аспирациите, самодовербата, талентот и непобедливоста. Добро е од нив што споделуваат, но сѐ што прават е да ја наметнат одговорноста исклучиво на индивидуата. Системот никогаш не е виновен. Тоа не е добро за амбициите.

Мажите сѐ уште владеат и го контролираат светот, секако. И тие треба најмногу да се обвинуваат за тоа што ги држат жените надвор и подолу. Но, сѐ почесто, моќта на мажите ја штитат волни помошнички. Па, оваа година, мислам дека феминистките треба да зборуваат против женското премолчување и безмилосност, како и за машката доминантност. Потребно е фер критикување, но не и жалење без основ.

Некои новинарки безмилосно ги задеваат жените и девојките во јавност. Тие можат да бидат толку осудувачки, што ни Џереми Кларксон никогаш не би се осмелил така да осудува. Година по година, кога се доделуваат Бафта наградите или Оскарите, модните уредници, дури и оние кои работат за таблоиди, ги осудуваат жените за нивниот моден избор. Тие можат да бидат брилијантни актерки или режисерки, но единственото нешто што е важно, очигледно, е дали ги откриле градите и дали нивните нозе биле предебели за фустанот.

Потоа, ја има и онаа нова сорта на ТВ презентерки, кои мислат дека треба да бидат особено жестоки и упорни за да остават белег. Наместо да го сменат медиумот и пораката, стануваат трансродов водител кој нема ниту машки шарм.

Друга растечка иритација, за мене, се жените кои имаат сѐ, но сепак бараат внимание и сочувство. Изложба наречена The Pram in the Hall (Бебешката количка во ходникот), на уметницата Алис Инстоун, се отвора во четврток. Алис разговарала со познати жени и ги прашала како успеваат да исполнат различни задачи, а потоа ги претворила нивните одговори во уметнички дела. На еден список на задачи пишува: „Јави се на Џејсон Донован, купи подароци за Таен Дедо Мраз, потоа пиши ѝ на Мелинда Гејтс“.

Друга, суперманекенка, била изнервирана бидејќи треба да си купи витамини, да ја продолжи возачката дозвола и да купува вообичаени предмети за нејзиното дете. Колку дадилки вработуваат тие? Мислите ли на сите мајки кои преживуваат од своите плати, кои работат дополнително и не можат ни да си дозволат да се избањаат пред спиење? Или на сириските мајки кои се трудат децата да им преживеат на места кои се наоѓаат на неколку часа од скапите острови? Нарцисизмот се претвора во феминизам и уметност. Тоа не е добро.

На интернет, женските фурии се безмилосни. Џери Хол беше казнета од жени блогерки кои ја исмеваа на интернет бидејќи се омажи за Руперт Мардок викендов. Оваа возрасна жена, интелигентна и прекрасна, го направила својот избор и јас се надевам дека ја пронашла својата среќа. Но тие, платениците на незадоволството, мораа да го уништат тоа, труејќи го интернетот со лоши мисли.

Последниот Божиќ стапив во контакт со една од моите „онлајн обвинителки“, и ѝ кажав како правеше да се чувствувам недела по недела. Рече дека ѝ е жал но дека „јас сум си го барала“, и дека има право да каже што сака бидејќи живееме во слободна земја. Тоа беше разочарувачка средба. Една жена по име Изабела Сорли во 2014 година беше затворена, бидејќи објавувала заканувачки твитови насочени кон феминистката Каролин Криадо-Перез. Оваа погрешна етика ја делат многу млади девојки кои демнат на интернет и се караат една со друга. Дали сме феминистки ако не кажуваме ништо за тоа? Дали ја одбегнуваме оваа должност бидејќи е поедноставно и полесно да ги обвинуваме мажите и момчињата?

Што ме доведува до последната точка на агендата за овој Ден на жената. Мора да зборуваме за мажите: оние кои се длабоко депримирани и анксиозни, илјадниците кои завршуваат во затвор или се убиваат себеси. Сите биле родени од жена, а најголем дел од нив биле одгледани од нивните мајки. Нивната болка треба да им значи на феминистките.

Ние, жените и девојките, мора да продолжиме да се бориме против машката опресија, да ги добиеме нашите еднакви права и места, да одбиеме инфериорен статус. Огромните ризици и товарот кој го носат мајките и ќерките се криминал против половина од човештвото. Сепак, внатрешните соработници прават исто толку штета на нашата кауза колку и надворешниот непријател. Време е да се соочиме со жените кои ги предаваат другите жени, оние кои се грижат само за своите лични интереси и нивната благосостојба.

Јасмин Алибаи-Браун, колумнистка на Independent