[Став] Музиката треба да е привилегија и право на секое дете!

Пишува: Магдалена Георгиеска, психолог

Во пресрет на новата 2021 година и со сите искуства кои заеднички ги поминавме во 2020-тата, се сретнав со еден момент кој ми го докрши веќе и онака распраченото срце.

COVID-19 си го зеде својот долг на повеќе полиња и на ниту едно од нив повеќето од нас не бевме поштедени. Бевме засеганти на полето на здравјето, социјалните контакти, политичките сличувања, а секако тука безпоштедно целиот контекст удри и на грбот на децата преку конфузноста во online наставата и скратување на многу активности кои децата нормално ги изведуваа, а сега истите станаа привилегија на децата од “старото нормално”.

Една работа која остави стакленце во моето срце и после која веќе нашата татковина не можам да ја гледам со истата детска наивност, е постепеното скратување на часовите по музичко образование веќе подолг временски период и сведување на предметот на најмал фонд на часови. Да, вистина е дека перцепцијата на светот може да боли поради овие стакленца на разочарување кои постојано нè боцкаат  бидејќи сè нешто наметнато однадвор,  неприродно и туѓо за нашите тела и за нашата душа. А телото и душата се развиле покрај и со музиката! Музиката е како основен елемент! И да сакате да ја уништите не е возможно бидејќи таа е дар од Универзумот, сама ќе се пронајде и пројави! И да сакате да ја закопате или скриете…тоа нема да ви успее никогаш! Зошто? Затоа што тоа е еднакво како да сакате сиот воздух да го соберете во вреќи. А воздухот и музиката се дадени да постојат еднакво за сите! Така колку и да ги намалувате часовите по музичко образование музиката никогаш не можете да ја одземете! Таа повторно сама ќе се создаде! Кога нешто е така основно, елементарно, ние го изучуваме во училиште. На пример, го изучуваме нашето тело и неговите функции или ги изучуваме основните процеси кај живите организми… Зошто да го негираме постоењетто на своето тело и животните процеси во него? Зошто да ја негираме музиката покрај која дишеме, со која сме во контакт уште во мајчината утроба, а која понатаму нè следи во текот на целиот живот?

Овој процес на негирање на музичкото образование кај нас веќе стана повеќедецениски. Со тоа се праќа една порака кон нашите деца, родители, наставници, колективното несвесно дека музиката е нешто што треба да го сфатиме проформа или „Ајде музичко и онака сите добиваат висока оценка”. Еден значаен предмет е доведен во позиција да биде најспореден! Со минимизирање на моќта и значењето на музиката во нашето општество, имаме неафирмирани музички уметници кои можеби ќе се чувствуваат како отпадници од системот покрај другите “поважни и попрофитни” професии или едноставно ќе ја напуштаат оваа држава за која културата и музиката т.е. уметноста се последни категории. Дали станавме само географска одредница во која носители на општествените вредности  ќе бидат казината, рекламите за одредени конзумерски производи и најновите понуди на мобилните оператори?!

Она што го вели моето искуство, а и на многумина кои паралелно со редовната настава активно ја изучувале музиката (во рамки на редовното образование, но и дополнително) е во голема контрадикција со овие промени во програмите. Контрадикторно е што наместо да ги развиваме програмите во денешното образование, се оди кон нивно осиромашување и во квалитет и во квантитет. Кога би се потсетила на моето минато со музиката, можам да кажам дека негде во 90-тите музиката беше многу позастапена во нашето образование, па и животи. Кој би рекол дека во 2020/21 состојбата би била уште полоша?! Терминот „Поглед кон иднината” отсекогаш бил асоцијација за надеж, просперитет, напредок, а ќе речам и бериќет. Се потсетувам на период (1991 г.) кога имавме разглас во училницата од кој на паузите меѓу часовите и на одморите можевме да слушаме музика. Имавме можности со музиката да бидеме во контакт во рамки на формалното образование, но и факултативно да бидеме членови на училишниот хор или училишниот мандолински оркестар.

Исто така имавме можности бесплатно да бидеме членови на хоровите на Златното Славејче, Развигорче, Женскиот младински хор при МКЦ и сл. Во овие хорови покрај музиката имавме одлични можности да се социјализираме, да постигнеме успеси на европски и интернационални натпревари за хорско пеење, да ги делиме хорските, но и училишните успеси, да патуваме низ Европа, па и подалеку, да се натпреваруваме сопрани со алти кој побрзо ќе ги меморира музичките линии, тимски да работиме, да бидеме дисциплинирани до перфекција, да научиме дека само со десеткратно подобра изведба на проба би можеле да имаме барем просечен настап пред публика, да научиме да надвладееме над тремата пред секој настап итн. Сите тие искуства се бесценети и заслужува да ги искуси секое дете. Музиката треба да е привилегија и право на секое дете! Не само на деца чии родители можат да платат, не само на деца чии родители се музичари! Музиката е универзален дар! Кој го поседува тој дар не одредуваат нашите земски, ограничени критериуми! Ќе споменам само дека во најсиромашните средини биле креирани нови правци во музиката, а некои од врвните уметници на нашата епоха твореле во најскромни услови. Како лице кое порасна со музиката на своето време и како професионалец т.е. психолог којашто сè уште музиката ја применува во работа со возрасни и лица со деменција, се чувствувам несреќна кога гледам како на децата се повеќе им се скратува правото/привилегијата да растат и да се развиваат со  музиката. Кога го скратувате ова детско право или привилегија, всушност, скратувате бројни придобивки кои децата и младите можат да ги стекнат покрај изучувањето и ангажирањето во музичките активности. Кои се тие придобивки?

• Редовното музичкото образование позитивно влијае врз развојот и формирање на говорот кај децата. Во когнитивниот третнинг на децата кои имаат потешкотии со говорот може со примена на музиката да се стимулира развој на говорот бидејќи центрите за музика се поврзани со центрите за говор во мозокот. Тоа можеме да го забележиме кај деца кои пелтечат, а кај кои пелтечењето се губи додека пеат. Музиката исто така може да има позитивно влијание врз подобрување на дикцијата при говор. Друга придобивка од  музичкото образование е  развој и координација на фината моторика. Познато е во невронауките дека пијанистите изведувајќи фини моторички движења активираат голем дел од функциите на мозокот (се активираат центрите за меморија, вниманието, говорот, јазикот, видно-просторните и математичките вештини, па и  способноста за вокална експресија на емоциите). Слично на свирењето пиано е изучувањето на свирење и на другите инструменти на детска возраст како на пример, мандолина, флејта итн.

• Психолошката придобивка од активното учество во музичко образование може да се согледа преку влијанието на музиката врз развојот на когнитивните (спознајните) функции на мозокот, личноста, расположението и социјализацијата кај децата. а. Постои поврзаност помеѓу музичкото образование и академските постигнувања на учениците т.е. учениците кои учествувале во редовна музичка едукација во континуитет имале подобри резултати на повеќето критериуми за академско постигнување за разлика од своите врсници кои немале редовни музички активности. Тоа е показател дека редовната музичка настава кај учениците може  позитивно да влијае врз училишниот успех на децата и по другите предмети. Според една студија на National Center for Edicational Statistics од 1994 година, во САД, средношколците кои учествувале во редовна музичка настава покажувале значајно повисок успех по историја, англиски јазик, математика, природни науки за разлика од оние кои не учествувале во редовна музичка настава.

Континуираното учество во музички активности на децата го потпомага помнењето на аудитивен материјал, а бидејќи центрите за музика се поврзани со центрите за говор во мозокот можеме да кажеме дека музиката влијае врз подобро помнење на вербален материјал доколку е поткрепен со музика. Така можеме да забележиме дека побрзо ќе се присетиме на текстот на песната доколку ја запееме. в. Музиката влијае врз долготрајната меморија т.е. најдолго памтиме настани кои се поврзани со “музика од нашето време”, а тоа е периодот од 15-тата до 25-та година од нашиот живот. Така, лицето кое во таа возраст научило да свири пијано дури и во поодмината возраст, кога може да не се сеќава како да ги закопча копчињата од сопствената кошула, сепак може да се присети како да отсвири одредени композиции на пијаното.

Вниманието и концентрацијата се исто така значајни психолошките компоненти кои се активираат при редовни музички активности посебно кај децата кои имаат потешкотии со одржување на вниманието.

Изучувањето на музиката во редовната настава кај децата влијае врз формирање на нивната перцепција и спознавањето на светот. Доколку организираме редовна и квалитетна музичка настава, ќе воспитаме генерации со квалитетни сфаќања и ставови кон светот. Доколку сакаме да воспитаме генерации кои ќе бидат интелектуално моќни, емпатични, со висока емоционална интелигенција, духовно богати, истрајни во секојдневните активности, тогаш мораме од мали нозе да ги воведеме во светот на музиката. И наместо да размислуваме за намалување на часовите по музичко образование во редовната настава, потребно е да ги зголемиме часовите  во работа на организирање на секојдневна поквалитетна примена на музиката во наставата.

• Учеството на децата во редовна музичка настава влијае врз формирање на социјални вештини, социјализација кај децата и способност за тимска работа и соработка. Музичките активности честопати се и групни активности и иницираат соработка, интеракции меѓу децата, чувство на емпатија, меѓусебна поддршка, а со тоа јакнење на личната самодоверба. Во социјалните интеракции се развиваат паралелно две компоненти на личноста од кои двете се подеднакво значајни: емоционалната и когнитивната. Преку музиката децата меѓусебно градат пријателски и позитивни односи. Музиката им помага на децата да созреат и пораснат во здрави личности. Истражувањата покажале дека активното учество во музички активности има позитивен ефект врз личниот и социјалниот развој само доколку тоа претставува искуство на  уживање и наградување, а тоа зависи од квалитетот на наставата по музичко образование и како таа е организирана.

• Формалното музичко образование е основа за понатамошна одлука за доживотно бавење и интерес за музиката. И наставниците по музичко образование и другите музички педагози преку кои детето учи за музиката, стануваат моќни модели кои создаваат активни и сестрани музичари. И на крај, само да се потсетиме колкава трансформативна и лековита моќ има музиката и тоа не само за децата кои ја изучуваат туку и за оние деца кои имаат потешкотии во прилагодувањето, однесувањето и расположението.Музиката е нешто што нè придружува од пренаталниот период, па се до повозрасното доба. Таа е насекаде околу нас и е присутна при најзначајните настани од нашите животи: прослави, родендени, празници, концерти, свадби, рехабилитации, приредби, а во некои култури и протоколи и при погребите…

Животот е музика! Зошто тогаш децата да не ја спознаат и уживаат низ своето секојдневно образование?!

Пишува Магдалена Георгиеска, психолог