[Став] Можна ли е достоинствена дигитална интимност?

Потребно е како нација да научиме како правилно да ја уважуваме интимноста, и како правично да ги казниме злосторниците кои ги загрозуваат жените.

На почетокот на 2020 година бевме медиумски бомбардирани со случајот „Јавна Соба“. Медиумската помпа замолкна по неколку дена и јавноста се сврте кон уште повознемирувачките настани кои следеа. На почетокот на 2021 година, медиумски (повторно) бевме бомбардирани со случајот „Јавна Соба“.

Жртва за три дена

И овој пат чудото траеше „три дена“. Помина протестниот марш „Јавна соба е кривично дело“, избледеа и поднесените барања до ОЈО, дури помина и маршот за 8ми Март. Набргу се појавија други скандали и политички перипетии кои го одвлекоа вниманието на медиумите, а со тоа и на јавноста.

Иако медиумите во моментот не обрнуваат внимание на определени општествени процеси, тоа не значи дека тие и понатаму не се развиваат. Општеството не застанува само затоа што камерите и светлата не се вперени во неговите процеси.

Интимноста е политика

Интимноста е длабоко политичка категорија. Креаторите на политики не смеат да ја одбегнат расправата за интимноста кај младите, дотолку повеќе што било кои други политички реформи почиваат на здравиот морален компас на генерациите кои ќе ја наследат државата.

Многуте револуционери на интимноста, како Сигмунд Фројд, во 20тиот век полека ја осознаваа интимноста кај човекот, барем од психолошко-морална гледна точка. Но, крајот на 20тиот, а особено белегот на 21виот век е дигитализацијата – создавање на новата дигитална реалност каде човекот беше соочен со редефинирање на неговата приватност, а посебно неговото интимно живеење.

Градењето на нацијата ја чини културата, која секако ги подразбрира најинтимните погледи на нашето постоење. Нациите го создаваат наративот за оправдување на сопственото постоење – Кои сме ние? Од каде сме? Зошто сме овде? Одговорите на овие прашања се влечат низ рефлексивниот процес на критичко гледање и осознавање на природата на националната култура и градење на колективниот морален компас.

Во Македонија е дојден часот за токму овој рефлексивен процес – време е да го преиспитаме нашето сфаќање за интимноста – особено во дигиталниот свет.

Почнувајќи од невидливите секојдневни предизвици кај младите како да ја изразат својата нужда за интимност во свет под постојан надзор, па до видливите скандали како „Јавна соба“ и спроведување на Сеопфатно сексуално образование. Интимноста меѓу младите самата исплива на површина, како предизвик за нашиот општествен дискурс.

Растење во (не)едуцирано општество

Љубов, страст, задоволство, желба, потреба, самоизразување, егоизам – импулсите зад дигиталната интимност се многу. Се чини дека, споделувањето на себеси и своето тело е дел од човековата природа. Интернетот не ја отпочнува, туку само ја истакнува човековата потреба за споделена интимност. Неуспехот да се справиме со интимните импликации на дигиталното поврзување доведува до широко распространети проблеми. Општа претпоставка е, и не само кај постарите, дека сеопфатното дигитално поврзување доведе до пад на моралната интимност кај младите. Природата на дигиталната врска – нејзината ефемерност и безличност се спротивставува на материјалноста на аналогната врска.

Недоволно развиениот и табуизиран однос на македонското општество кон интимноста е гнасниот скандал „Јавна Соба“. Случајот извади на површина навидум скриена и недопрена расправа кај нацијата. Жрвите беа втурнати во кругот на релативизација и разводнување на нечесните и криминални постапки сторени кон нив. Слушавме и јавни повици кон прешироки морални тежнеења: „едуцирај си ги децата, а не само синот“; „ама не сите мажи…“, „што морале да праќат на секоја будала“, „требале да го очекуваат тоа на толку следачи – инфлуенсерки“. Преку овие и други слични јазични конструкции се прикажува отпорот на една духовно затворена средина. Отпор кон соочување со сопственото и колективното интимно битисување. При вакви собитија на напнатост и криза, кога од нацијата се бара преиспитување на сопствената вредносна матрица – општеството се „плаши“ дека нема да го „преживее“ ова морално преиспитување и пружи отпор кој најчесто доаѓа од страна на оние кои ги провлекуваат злоделата и кои треба да одговараат за нив.

Пуританци и развратници

Македонското општество мора да прифати реобмислени ставови за нашата интимност. Процесот на саморефлексија е особено тежок. Предводници за прогресот на општеството мора да бидат активистите и интелектуалците, затоа што од нив треба да се изнедри новиот морален основ на нацијата. Саморефлекцијата на нацијата треба да се сфати како постојаната обврска да се учествува во критичка дебата за природата на националната култура. Интелектуалците, односно филозофите, правниците, книжевниците, институционализираните академици треба да учествуваат во дискурсот со свои решенија за кои отворено ќе се размислува.

За жал, во оваа задача нашата академска елита потфрла поради својата конзервативна догматика којашто не дозволува поширока критика на културата и реобмислување на општеството, а со тоа и на самиот идентитет на човекот. Но, оваа пасивност не отвора нова шанса и предизвик за нови генерации мислители да ја земат врз себе обврската да ја реобмислат нацијата за своето време. Нивната поврзаност со домашното и светското научно и културно наследство можат да понудат пошироки хоризонти кои се потребни на дискурсот.

Расправата околу „Јавна Соба“ прикажа општествени нишки кои можат да се групираат како: „прогресивни“, „реакционерни“ и „традиционалистички“.

Прогресивната група ја претставува реакцијата на жртвата – жената. Имено, нивното присуство во општествениот дискурс служи за актуелизирање на појави како „Јавна Соба“ кои служат за деконструкција и предизвикување на системот. Се поставува прашањето: кој нормативен преседан ќе се создаде од овој конфликт?

Mozna li e dostoinstvena digitalna intimnostИзвор: meduza.mk

Реакционерните групи ја покажуваат реакцијата на системот – оние кои се обидуваат случаите како „Јавна Соба“ да ја разводнат позицијата на жртвата и да го олеснат товарот на оној кој го извршил злоделото. Со неколку збора, на ова становиште може да се воочи преку фразата: boys will be boys (момчињата ќе бидат момчиња).

Традиционалистичките групи се потешки за определување поради нивната посебна положба. Тие начелно се согласуваат дека „Јавна Соба“ е поразителна појава, но насоката во која треба да се движи реакцијата не е кон казнување на сторителот, туку кон спречување на пробив на нови морални разгледи. Имено, во оваа група можат и да се најдат оние скептици кон феминизмот како движење кои се обидуваат да имат некакво разбирање кон положбата на жртвата затоа што во неа ги гледат своите најблиски (мајка, сестра), но на крајот од денот сметаат дека било какво морално поместување на моменталното status quo би било премногу радикално.

Постоењето на овие три големи групи му даде тек на дискурзивното расплетување. Во првиот момент реакцијата на системот започна со обвинување на жртвата и нејзина двојна виктимизација. Од една страна е траумата од појавата на лични слики и информации во групата „Јавна Соба“, а од друга страна е обвинувањето од страна на општеството кое вината ја наоѓа во самата жртва – „си го барала“. Понатаму, во обид да се најде некое „политички коректно“ средиште на конфликтот во дискурсот се појавија барања таа [жртватаhttps://meduza.mk/fem-101/zhenite-vo-makedoni%d1%98a-ne-se-ednakvi-se-dodeka-ne-se-raschisti-%d1%98avna-soba/“>институционална реакција по случајот е само првиот чекор кој нужно треба да се направи. Всушност, ажурноста на системот да постапи во овој случај е приказ за спремноста на нашите креатори на политики да покажат поголема полова сензитивност во политиките и правните норми кои ги создаваат, но и институционален капацитет истото да се спроведе. Сепак, ова е само прв чекор. Главната последица кон која што треба да се стремиме е критичко преиспитување на нашиот колективен однос кон индивидуалната интима.

На сите ни е потребно сексуално образование

Креаторите на политики не смеат да се исклучуваат себеси од генералните трендови. Факт е дека споделувањето на себеси и своето тело, особено кај младите, ќе продолжи да бележи тренд на пораст во иднина. Најпосле, не можеме да одиме против насоките на општествениот развиток. Факт е и‘ дека во суштина нема ништо нужно лошо во споделување на себеси и сопственото тело во интимни околности и тоа на личноста на која и веруваш. Send nudes – стана дигитална синтагма за повик кон интимност. Од божици на плодноста до грчки богови, разголеното тело е предмет на естетски интерес од моментот кога човекот научи да делка камења. Додека во Античка Грција се славеше мускулестата и складна машка форма, откако дојдовме до Ренесансата фокусот почна да се насочува кон жените. Едноставно речено, човековата фасцинација со визуелната интимност е вродена и ќе остане со нас.

Сеопфатното сексуално образование, доколку се спроведе доследно на својата суштина, не би требало да се ограничи само на училишните клупи. Севкупната јавност би требало да стане учесник во реобмислувањето на заедничкиот морален компас и став кон дигиталната интимност. Ќе се повториме: факт е и‘ дека во суштина нема ништо нужно лошо во споделување на себеси и сопственото тело во интимни околности и тоа на личноста на која и веруваш. Потребно е како нација да научиме како правилно да ја уважуваме интимноста, и како правично да ги казниме злосторниците кои ги загрозуваат жените.

Сепак, визуелната фасцинација со интимноста може да биде и деструктивна, особено кога дискурсот на нацијата е склон да одбегнува отворена расправа за овие теми. Како што е случајот и со многуте други особености, човек може да се научи како правилно да ја искаже сопствената потреба за интимност. Се разбира, доколку македонското општество остане духовно затворено и лажно моралистичко – ќе се соочуваме само со уште поголеми лични и колективни скандали.

Надеж за доиствена интимност

Дијалектиката на поделеност и соперништво меѓу мажот и жената е неодржлива затоа што го празни човековото битие од неговата суштина. Човековото достоинство (dignitas humana) се стекнува преку признавањето на човечноста на другиот – човекот на „другиот“ мора да му признае дека тој/таа е човек. Достоинството во западниот свет има плитка позадина и различни сфаќања, но достоинството во оваа смисла треба да биде сфатено во неговaта морализаторска смисла: достоинството е основно и природно својство на секој човек еднакво, токму поради фактот што е човек.

Дискурсот и новоформираните наративи во развој мора да влијаат врз стварноста, а посебно во областа на правото кое мора да произведе норми за зацврстување на достоинството и заштита на правата на поединецот. Понатаму, овој случај мора да биде вовед во поголемите прашања за нашето општествено битисување кое бара од нас постојано учество во критичка расправа за природата на нашата култура и нејзините сфаќања за прашањето на интимноста.

Достоинството подразбира признавање на човечното во човекот, но истовремено бара прифаќање на зборовите на Теренциј: Homo sum, humani nihil a me alienum puto (Јас сум човек, ништо што е човечко не може да ми биде туѓо).

Автори: Никола Донев, Радован Спиридонов

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.