[Став] Мерил Стрип: На што ме научи Малала Јусафзаи

Помина некое време откако сме имале женски херој. Французите ја имаат Јованка Орлеанка, воин од Стогодишната војна против Англија. Домородното американско племе Јакама ја имаат Колеста, која замавнала со камена палка во битка против американската војска, се борела рамо до рамо со сопругот и го однела на безбедно кога бил ранет. Земјите и културите низ светот имаат свои жени воини, кои без оглед на тоа дали се реални или митски, инспирираат гордост кај својот народ.

Денес, кога една приказна може да се рашири низ цел свет за неколку секунди, имаме заеднички херој – младата Малала Јусафзаи од Пакистан. На 11 години, таа не избра оружје и не истрча во битка кога Талибанците ѝ соопштија на нејзината заедница дека девојчињата повеќе не смеат да одат на училиште, туку ја блогираше својата приказна за BBC. Кога сфати дека тоа не е доволно, започна да држи јавни говори за нејзиното право на образование.

Малала знаеше што прави. Во долината Сват во Пакистан, каде таа живееше со мајка си, татко си и двајцата браќа, талибанските трупи обезглавуваа, стрелаа и тепаа илјадници мажи и жени. Уништија стотици училишта. Но, никогаш немаа целено на дете.

Сé до еден ден, кога маж се качи во училиштен автобус носејќи ги Малала и нејзините другарки, праша „Која е Малала?“, и ја застрела во главата. На само 15 години, таа се бореше за својот живот.

Веројатно знаете што се случи потоа: Малала беше однесена во Обединетото Кралство, помина неколку месеци во опоравување од повредите, продолжи со неуморната кампања која бара да ги види сите девојчиња низ светот во училиште, го основа Фондот Малала и стана најмладиот добитник на Нобеловата награда за мир.

Но, како што се случило и со многу други женски народни херои пред неа, стрелањето на Малала не ја заврши војната за девојчињата. Денес, повеќе од 60 милиони девојчиња низ светот немаат можност на образование. Некои семејства немаат пари, па ги праќаат своите ќерки на работа наместо на училиште. Некои заедници не им го дозволуваат тоа, оправдувајќи го бескрајниот циклус на дискриминација против жените со културните традиции. Во моментов, милиони девојчиња живеат во бегалски кампови или бегаат од војна. Наоѓањето на засолниште и храна го отстранува училиштето од листата на приоритети. Додека чекаат светот да одговори, изминуваат годините од нивните млади животи и шансата тие да напредуваат се намалува сé повеќе и повеќе.

„Многу е тешко да се завршат работите во овој свет“, признава Малала во „He named me Malala“, нов документарец за нејзиниот живот. „Но, мора да продолжите и никогаш да не се предадете“.

Жените, особено ние кои сме имале образование и можности кои им се одземени на милиони наши сестри ширум светот, имаме обврска да го забрзаме напредокот за овие девојчиња. Сите ние треба да се чувствуваме одговорни за секое девојче заробено во сиромаштија, во војна, во брак кој татко ѝ го договорил кога имала 12 години.

Како што Малала самата вели, нејзината приказна е приказна на милиони девојчиња. Денес, во овој момент, други девојчиња кои би можеле да бидат наши ќерки или внуки, се соочуваат со одбивање од општеството и физичка злоупотреба ако одат на училиште. Стоењето настрана додека деца ги ризикуваат своите животи за да учат, не е опција.

Пишува Мерил Стрип, актерка наградена со Оскар и активистка за права на жените.

Извор: Time