[Став] „Малдиви во Европа“ тоне во валутна криза

Ова лето вредноста на еврото се намали на историски најниско ниво во однос на националната валута, лек, што претставува голем проблем за албанските бизниси кои работат во Европа, или оние кои ги добиваат плаќањата во евра а мора да исплаќаат плати и да ги плаќаат сметките во леки.

Ова изминато лето беше лето во кое Албанија беше буквално „катапултирана“ меѓу првите места на туристички сектор во меѓународни рамки, и притоа беше наречена „Малдиви во Европа“. Државата беше домаќин на повеќе од 5 милиони туристи од август, што е повеќе од 50% отколку во 2022 година, при што голем број од нив се решиле да дојдат и повторно крајот на годинава. Сепак, не беше сè така едноставно во оваа мала земја од Западен Балкан бидејќи нејзиниот извозен сектор се соочува со проблеми а растечкиот број на бизниси се соочуваат со банкрот, што може да биде катастрофално за економијата и домаќинствата.

Ова лето вредноста на еврото се намали на историски најниско ниво во однос на националната валута, лек, што претставува голем проблем за албанските бизниси кои работат во Европа, или оние кои ги добиваат плаќањата во евра а мора да исплаќаат плати и да ги плаќаат сметките во леки.

Шенѓин, Албанија. Овој град кој се наоѓа во северното албанско крајбрежје е многу атрактивно место за туристите од Косово, каде официјална валута е еврото. Секоја година, илјадници Косовари го посетуваат овој град во текот на четирите месеци од летната сезона, при што локалната валута буквално се менува од леки во евра. Во секоја продавница, кафуле, хотел или тезга покрај патот каде се продаваат праски и смокви, при што преферираната валута е еврото.

Дури и купувачите кои плаќаат во леки забележуваат дека кусурот им се враќа во евра и тоа по курс 1:1. Доколку побарате да ги замените парите во леки, најчестата реакција е превртување на очите и незаинтересираност. Но, не е само Шенѓин каде што употребата на еврото е составен дел од секојдневието. Долж целата албанска ривиера, од Драч до Валона па до грчката граница и до главниот град Тирана, еврото е валутата која го има приматот.

Сепак, зголемувањето на бројот на туристи и нивните евра, во комбинација со подготвеноста на сопствениците на бизнисите да ја прифатат оваа валута, е нешто што предизвикува проблеми. Уште од пролетта, курсот на лекот во однос на еврото драстично се намали.

Надолна спирала за еврото, нови височини за албанскиот лек

Во 2016 година, на пример, едно евро беше 140 леки, за потоа да се намали на просечни 119 леки во 2022 година. Сепак, на 21 јули 2023 година, курсот се намали на нешто малку повеќе од 100 леки за едно евро. Во моментов на пишување на овој текст, курсот повторно се искачи на 106,3, но не постои голем оптимизам во врска со повторното воспоставување на стабилноста на овој девизен курс.

Додека туристичката индустрија доживува процут, барем на површината, повеќе други бизниси се соочуваат со проблеми, особено оние кои се извозно ориентирани.

Еврото секојдневно е во пад, а во периодот од извоз на стоките до наплатата на фактурите има големи загуби. Извозните компании се во голема криза поради курсот“, изјави Лаурат Мулиќи, претседател на Здружението на извозници на земјоделски производи.

Извозниците фактурираат во евра и наплатата ја добиваат до 45 дена подоцна, а за тоа време курсот може значително да се промени. Тоа значи голема загуба, како дополнување на загубите што веќе ги имаат затоа што треба да ги платат работниците, даноците, сметките и материјалните трошоци во леки.

Мулиќи изјави дека околу 30% од извозно ориентираните земјоделци банкротирале во 2023 година, особено поради зајакнувањето на лекот во однос на еврото.

Извозниците се загрижени дека албанската економија станува сè понеконкурентна за производство и за земјоделство. На локално ниво, земјоделците мораа да ги зголемат цените на своите производи за да надоместат за зголемените трошоци, лошото време што влијаеше на посевите и недостатокот на работна сила.

Цените на доматите, краставиците, дињата, кромидот и компирот во моментов се двојно повисоки од ланските, а земјоделците велат дека цените и понатаму ќе останат високи. Ова има влијание на семејствата кои веќе мака мачат со инфлацијата и со најниските плати во Европа.

Сепак, не се сите убедени дека причина за сегашнава ситуација е само туристичкиот бум.

Странски инвестиции, туризам, или криминал?

Гувернерот на централната банка Гент Сејко пред почетокот на летото изјави дека туризмот и „купувањето недвижен имот од страна на нерезиденти“ се причина за приливот на дополнителни евра во економијата. Точно е дека зголемен бројот на странци кои купуваат имот во Албанија, и тоа во евра, но не можеме само кон нив да покажуваме со прст како причина за ова што се случува.

Еден дел од зајакнувањето (на лекот) потекнува и од неформалните економски фактори или, на албански јазик: неформална или криминална економија“, изјави аналитичарот и политички коментатор Неритан Сејамини.

Тој додаде дека владата и Банката на Албанија можат да помогнат во решавањето на проблемот со намалување на каматните стапки во леки, со зголемување на нивото на задолжителните банкарски резерви во таа валута, зголемување на јавната потрошувачка и намалување на даноците. Но, сепак, ова не се случува.

Вообичаено земено, девизниот курс на Албанија има флексибилен режим и тој флуктуира нагоре и надолу во зависност од понудата и побарувачката, како што е вообичаено во земјите со слободна пазарна економија. Но, постои уверување дека сегашнава ситуација е вештачка.

Ниту Банката ниту државата не прават ништо бидејќи оваа ситуација е резултат на економски модел кој може да биде катастрофален за албанската економија и политика за неколку години од сега“, додаде Сејамини.

Ѓерѓи Еребара, новинар на БИРН, исто така смета дека присуството на црни пари во економијата е причина за сегашнава состојба.

Во авторски текст, тој напиша дека се можни три решенија: сузбивање на градежните активности од страна на органите за спроведување на законот и имплементација на правилата за спречување на перење пари, но тоа е малку веројатно дека ќе се случи, пишува тој.

Другото решение е да не се прави ништо така што лекот да дојде до точка во која оние кои инјектираат недозволени средства во економијата ќе почнат да губат пари кога ќе менуваат евра поради курсната разлика, но тоа ризикува дополнително да ја наруши економијата и веќе оптоварениот производствен сектор.

Што се однесува до Владата, на почетокот на кризата беа најавени мерки за справување со ситуацијата, вклучително и даночни ослободувања на данокот на добивка во период од најмалку две години за производителите кои извезуваат повеќе од 70% од своите производи. Дополнително, ќе се формира и работна група со претставници на Банката на Албанија, извозниците и Асоцијацијата на банки за да се разговара за понатамошни активности.

Но, откако ова беше објавено во месец мај па досега, нема информации за напредокот кој е постигнат досега.

Економија без баланс

Кога станува збор за економијата на Албанија, во последниве пет години таа забележа скромен раст од околу 3%, што е намалување за 1,5 процентни поени од потенцијалот проценет од страна на Меѓународниот монетарен фонд.

И покрај ова, земјата доживува значителен градежен бум, а цените се зголемуваат, при што еден квадратен метар во центарот на Тирана и на крајбрежјето надминува повеќе од 5000 евра. За да изнајмите недвижнина во центарот на Тирана ви требаат најмалку 500 евра а некои цени надминуваат и 1500 евра месечно во современата населба Блоку.

Што се однесува до инфлацијата, во јули таа изнесуваше 4,2% откако Банката на Албанија ја зголеми основната каматна стапка на 3% за да се справи со инфлаторните притисоци. Увозните цени се намалуваат а истото може да се каже и за ценовните притисоци на домашниот пазар, при што се очекува инфлацијата да се приближи до зацртаните 3% во 2024 година.

Во меѓувреме, според Светска банка, околу 25 отсто од населението живее во сиромаштија, што е намалување во однос на претходните години, но сепак е бројка што е можно и да се зголеми поради инфлацијата и најавената валутна криза, која очигледно никој не знае како да ја реши.

*Алис Тејлор е новинарка родена во Британија која од 2017 година живее и работи во Тирана, Албанија. Пишува за Exit.al/en, уредничка е на вести и дописник од Албанија и Косово за ЕУ политика и за EURACTIV. Алис го покрива регионот за медиуми како што се DW, BBC, а повремено и за The Times, The Lead, Vice, Open Democracy и Byline Times. Покрај тоа што е новинар, таа е избрана и во Одборот на Сојузот за етика на медиумите во Албанија, и тоа со втор мандат во 2022 година. Својата кариера ја започна во Малта како политички и општествен колумнист пред да работи со истражувачка платформа The Shift News која има добиено бројни награди. Фото од авторката: Јута Бензенберг.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.