Околу 60 проценти млади во Прилеп својата иднина ја гледаат надвор од Македонија. На овие локалните избори кај кандидатите за градоначалник во Општина Прилеп треба да бидат на прво место младите и нивното вработување, пишува Рубинчо Аризанкоски од здружението Достоинствен работник, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Веќе е шести ден од почетокот на кампањара за локалните избори во Република Македонија. Кандидатите за градоначалници и советници во општините низ земјата почнаа со своите ветувања пред граѓаните од животна средина, па до сообраќајни раскрсници. Но, кампањата започна со национални приоритети како зголемување на пензиите, што нема никаква врска со локалната кампања. Локалните заедници имаат големи проблеми и приоритети, како што е водоводната мрежа, канализации, недоволен капацитет на детски градинки, несредени основни и средни училишта, недоволен капацитет за инвестирање, и што се уште н. И, се прашувам што се правеше досега, зар општините досега не вложувале во овие проблеми, а се гледа дека нема резултати. Дел од општините замачкале очи пред јавност, некои не се потрудиле ниту шминка да стават. Тогаш за џабе им се мандатите што ги добиле од граѓаните од своите локални заедници, и срам што повторно бараат нов мандат.
Локалните избори во Македонија треба да се одржат на 15 октомври 2017 година во 80 општини плус градот Скопје. На овие избори поднесени се кандидатури од 19 партии и коалиции и 63 групи избирачи. Кампањата за првиот круг од овие избори ќе трае до 13 октомври.
Двете големи македонски политички партии на големо ги одекнаа своите слогани „Живот во Македонија за сите“ и „Новата ера почнува“, како Богородичната црква во Париз од Виктор Иго.
Би потенцирал дека на овие локалните избори кај кандидатите за градоначалник во Општина Прилеп треба да бидат на прво место младите и нивното вработување. Воедно, согласно законот, Комисијата за општествени дејности во текот на минатата година ги избра членовите на првиот Младински совет, но до денес нема одржана ниту една седница на која јавноста би била запознаена.
Младите од Прилеп сè почесто размислуваат да заминат од својот град и од земјата. Младите немаат мотив за да останат. Да, точно е дека ова е земја на сонцето и прекрасната храна, а државата не води сметка за квалитетот на кадрите кои ги вработува. Досега младите имале предност за работа само ако се членови на политичка партија, а не според критериум и квалитет.
Во Прилеп средношколците и дипломците бараат разни начини како да заминат, независно дали преку поволни стипендии да го продолжуваат своето образование надвор од границите на земјата за да си ја загарантираат својата иднина, или преку стекнување на европско државјанство. Потенцирам дека моментално околу 60 проценти млади во Прилеп својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, додека 16 проценти планираат да мигрираат во главниот град, а само 15 проценти да останат во својот град. Вработувањето е најголема причина поради која се напушта градот и државата.
Политичките партии мора сериозно да работат во полето на вработување и социјална заштита на локално ниво, сè е добро кога има вработување, економска сигурност и оптимизам, а со тоа полека се решаваат и другите проблеми.