[Став] ЛГБТИ лицата во демократурата РМ

За добивање информации за статусот на ЛГБТИ (лезбијките, геј мажите, бисексуалците/ките, транс* и интерсекс лицата) во Македонија може да послужат многу податоци генерирани од разни видови истражувања, индекси, извештаи и анализи, кои може да опфаќаат една група или повеќе различни групи на човекови права на чие остварување и уживање овие лица имаат подеднакво право, како и останатите граѓан(к)и на Македонија, пишува Антонио Михајлов од Субверзивен фронт за Гласови за демократија.

Еден од ваквите сеопфатни извори на информации е Индексот на Rainbow Europe на ИЛГА Европа, кој ја истражува правната рамка за заштита на правата на ЛГБТИ лицата присутна во секоја од 49-те земји кои оваа регионална европска организација за ЛГБТИ права ги зема предвид. Овој преглед ги рангира земјите врз основа на тоа како законите и политиките на секоја земја влијаат врз животите на ЛГБТИ лицата во истата земја. Подетално, овој преглед дава увид во областите каде најчесто правата на ЛГБТИ лицата се предмет на прекршувања, како на пример дискриминација, злосторство од омраза, говор на омраза, слобода на јавно собирање и здружување, слобода на изразување, но и правно признавање на род, телесен интегритет и семејство.

Според овој преглед, Македонија е во последните години закотвена на дното од европските земји поради неколку причини. Прво и основно е отсуството на соодветна правна рамка за заштита на правата на овие лица, која е всушност основата за испитување која овој преглед ја разработува. Второ, и повеќе важно е недостигот на дијалог и соработка помеѓу ЛГБТИ организациите и надлежните државни органи. Трето, недостигот на доверба кај ЛГБТИ лицата кон институциите, но и кон ЛГБТИ организациите, значително го отежнува унапредувањето на правата и статусот на самите ЛГБТИ лица.

Всушност, отсуството на дијалог и доверба помеѓу ЛГБТИ организациите и државните органи, како и помеѓу ЛГБТИ лицата и ЛГБТИ организациите е еден од најсериозните предизвици на ЛГБТИ организациите и активистите во изминатите повеќе од 10 години ЛГБТИ активизам во Македонија.

На пример, од гледиште на активист за ЛГБТИ права, незамисливо тешко е да се размислува на соработка со институции, дури и со оние кои се самите креирани со усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како што е Комисијата за заштита од дискриминација.

Оваа Комисија неодамна не утврди дискриминација во универзитетски учебник каде се патологизира хомосексуалноста, каде се промовира хомосексуалноста како закана за опстанокот на човековиот вид и човештвото, и каде поддршката на хомосексуалноста води кон одобрување на зоофилија, педофилија и инцест.

Минатогодишното истражување на јавното мислење за ЛГБТИ во Западен Балкан покажува дека трите области каде ЛГБТИ лицата сметаат дека се најдискриминирани се работното место, полициската заштита и социјалната заштита, области каде државата има мандат и надлежност пропишани со Уставот и законите на РМ. Годинашното истражување пак, на дискриминацијата, насилството и вознемирувањето засновани на сексуална ориентација и родов идентитет, укажува дека младите ЛГБТИ лица, за разлика од нивните хетеро врсници/чки, се почесто склони на депресија, почесто чувствуваат анксиозност во социјална интеракција, и почесто прикриваат важни информации за себе, информации кои се сметаат за несоодветни и срамни.

Јас лично сум уморен правата на ЛГБТИ лицата во Македонија континуирано да се дискутираат единствено и само на ниво на некои од темелните човекови права — право на еднаков третман и недискриминација, право на слобода на изразување, право на слобода на јавен собир и здружување, право на слобода на говор, право на слобода од насилство…

Зарем нашата егзистенција е редуцирана само на (не)уживањето и (не)остварувањето на овие права? Кога ќе дискутираме за нашите социјални и економски права?

Каде е нашата гласност?

Веројатно некаде изгубена низ коридорите на карикатурирањето демократија сиве овие години.

Антонио Михајлов, Субверзивен фронт