[Став] Леона Јариќ: Реформирање на образовниот систем е проект кој сакам да се реализира веднаш!

Пишува: Леона Јариќ

Ни треба освежување на наставата со нови предмети, како и осовременување на изгледот на училницата во која минуваме половина живот.

Зарем вака сте си го замислувале 21 век?!! Наместо да населуваме колонии во вселената, ние размислуваме дали Земјата е плоча?!! Освен неколку места на планетава, се чини како сите да живееме во некој ретро свет. Или можеби затоа што различно го броиме времето па доживуваме судир на цивилизации. Не знам. Можеби еден ден ќе го проучувам токму тоа. Но, она што денес ми треба се реформи во образованието кои ќе ми овозможат живот во 21 век, онаков каков што сакам да биде.

Како прво, не разбирам зошто се уште не се развива критичко мислење токму во училниците. Зошто нашите часови не се борби на мислења меѓу професорите и учениците, туку сувопарно и неинтересно пренесување на материја на која често и самите предавачи гледаат со скепса. Да. Затоа што се притиснати од неинвентивни наставни програми, проследени со крајно неинтересни и неапдејтирани учебници (науката е живо ткиво, таа не застанала во 2000 или некоја постара година, податоците се менливи и минливи), често учебниците се предмет на исмејување и шокирање поради бесмисленоста на напишаното и слично. Изгледот на учебникот од секој аспект, вклучтелно уметничкиот, е многу битна компонента за да се сака предметот. Да не го занемаруваме визуелниот ефект и пораката што ни ја дава.

Зошто монолог на часовите?

Следно и можеби најбитно, би сакала можност сами да ги бираме предметите кои сакаме да ги посетуваме, бидејќи вака учиме предмети кои немаат големо влијание во нашите понатамошни избори, и трошиме огромна енергија на нешто што не е наш интерес, наместо да го учиме она што сакаме. На пр. јас би сакала да учам и филозофија, и логика, и уметност ( во најширока можна смисла на зборот – историја на уметност, современа уметност, дизајн, мода, 3Д моделирање и сл.), книжевност, можеби и латински и тн, но овие предмети се чудно распоредени во групите А и Б, со што остануваме осакатени за едно цело искуство. Од друга страна учам хемија, физика или математика (зборуваме за 3 и 4 – та година кога се делиме на смерови) кои не влегуваат во рамките на моите интереси за пишување и филм. Ова го зборувам од мој аспект, но сигурно во него ќе се најдат сите ученици кога ги насочуваат своите интереси кон иднината. На ваков начин, секој се насочува кон она што е негов избор за студирање.

Покрај ова, сметам дека треба да се воведат нови предмети кои ќе ни овозможат полесно да ги следиме општествените промени, како: екологија (бидејќи потребата од вакво образование станува алармантна), родови студии (зашто дури и терминологијата на обраќање станува се покомплицирана), роботика или иновации (зошто да не?! Да им дадеме простор на младите иноватори да се искажат), дури и некогашната прва помош би можела да биде од корист прилагодена на денешните потреби и слично.

Исто така сакам професорите да не бидат обврзани да ги водат часовите стриктно по наставниот план и да бидат во училница туку доколку професорот/ката да постапува во интерес на успешен час, час од кој ниту еден ученик не би сакал да отсуствува. На пр. Потребно е да се посети музеј – одиме во музеј, учиме техники на пливање – сите во базен! или пак едноставно на воздух во школскиот двор или во природа. Секој професор да има своја лабораторија во која ќе се изведуваат експерименти, зашто така многу полесно се сфаќа и запамтува некоја содржина, или пак замислете да имаме ВР алаткии пред нас да гледаме цепење на атоми, да создаваме ковалентни врски, само замислете како да сме лабораторијата во Церн?

Очилата за виртуелна реалност како алатка за практична и интересна настава. Нема лимит за пронаоѓање корист од оваа направа.

За ова да стане реалност, треба прво училиштата да имаат основни услови за работа. Сите училишта и во основно и во средно.

Зарем нема ова да биде интересно? И за нас и за професорите? Ова е промената која ни е потребна за да бидеме во тек со времето. За да може да прераснеме во модерни индивидуи спремни да се соочат со светов. Затоа што додека ние овде се бориме за неколку промени во нашиот образовен систем, децата во Кина и Јапонија склопуваат компјутери на наша возраст. Мислам дека е крајно време да се даде внимание на најважната институција во државата, училиштето.

Некои од предметите ги имаме но, не можеме да ги посетуваме зашто не се во нашиот смер?!!
Некои ги посетуваме но, со минимум број на часови кој не се доволни ни за запознавање со материјата (пр. Уметност).

Во некои приватни училишта и кај нас предмети кои се невообичаени во јавните училишта како: политика(компаративна политика, медиумска политика) и дебата, шах, дигитална уметност, новинарство, роботика, книжевност;

“Bauhaus” 1919-1933 се пронаѓа како центар за иновативни и алтернативни начини за изучување на уметност и архитектура- учениците по архитектура учеле современ балет за да се наоѓаат во просторот.

На пример при мојата посета на едно јавно основно училиште во Финска преку проектот Еразмус, приметив дека не само што училиштето имаше лабаратории, модернизирани училници, училници со компјутери, аудиториум и џиновски сали за вежбање, пристапот и начинот на кој ја водеа наставата беше нереален. Распоредот на часови им се менува секоја недела. Останавме во контакт со децата па често ни кажуваат дека се случува да имаат еден предмет цел ден или пак два, или едноставно еден час во училница и потоа настава во природа. Имаат 2 автобуси и комбе кои им се секогаш на располагање доколку е потребно да се оди некаде. Притоа на часовите се случува и да нема многу деца па наместо класичен пристап има дискусија. Памтам налетавме кога правеа тест математика.

Училницата беше тивка и опуштена и тие всушност си зборуваа со професорот и решаваа. На сите ни беше чудно но делува многу убаво. Бев сведок на ова и бев сведок дека децата се задоволни од ваквиот модел кој е рангиран најдобар во светот а сепак не толку комплициран. Вакви модели постојат во светот, не барам да се измисли топла вода туку само вакви мали финеси кои би не поттикнале и мотивирале да учиме повеќе и потемелно, страсно. Зошто да ни е тешко одењето на училиште, а не место каде би нашле азил? И затоа, за овој проект предлагам СУГС Никола Карев да биде преземено како експериментално училиште со овој модел и доколку во рок од минимум полугодие се покаже зголемување на просекот, задоволни ученици и професори тогаш не гледам зошто да не биде вметнат секаде. А јас лично би помогнала во организирањето и текот на овој експериментален период.

Леона Јариќ