[Став] Кратка приказна за потрагата по здравствен систем за полициски викенд

Калиа Димитрова, главна уредничка на фиминистичката платформа „Медуза“, раскажува за своето лично патешествие при барањето лекарска помош за време на велигденскиот полициски викенд, среде пандемијата на новиот коронавирус.

Текстот е првично објавен на „Медуза“, а потоа интегрално споделен на Радио МОФ.

Kако личност со покрив над глава, ОК здравствена состојба и можност за работа од дома, освен повремените промени во расположение и блага клаустрофобија, овој период на изолација го поднесував сосем во ред. Отседување на месец или два дома не ми изгледаше како многу страшна работа и во поголемиот дел од времето бев фасцинирана од начинот на кој нашиот здравствен систем се соочува со кризата. Да речеме, очекував многу полошо, но минатиот месец добив привид дека системот функционира. Сега не сум толку сигурна.

Пред 10тина дена започна најдолгиот полициски час во историјата на нашата земја. Во петок наутро, после многу натегање, конечно се одлучив во која боја ќе ги фарбам ѕидовите и купив боја, ваљак и други тракатанци за занимавање по дома во недела и понеделник. Во сабота имав договор да се слушнам со Лилика за нејзиниот проект за портретна фотографија во време на изолација од кој требаше да бидам дел и имав доволно храна и алкохол за да го преживеам полицискиот Велигден.

Не сум сигурна дали се урочив правејќи планови за кречење на Велигден (а сум слушнала дека тоа е голем грев) или едноставно немам среќа, но саботата наутро се разбудив со најстрашната болка која ја имам почувствувано во животот, во долниот дел од грбот. Не бев способна да зборувам, рацете и нозете почнаа да ми се грчат, главата ќе ми експлодираше од болка, а во десниот дел од кичмата можам да се заколнам дека некој ме бодеше со ножеви. На кратко, добив бубрежен напад.

Откако еден Кетонал форте малку ми ја нормализираше состојбата, почна мојата сага која сè уште трае, односно потрагата по здравствен систем во време на пандемија. Влегов во кола и со помош на мајка ми и дечко ми, стигнав до болница „8 септември“ каде примаа случаи единствено со симтоми за КОВИД-19. Следно отидовме до Градска болница. Беше 8 часот наутро и ни кажаа да се вратиме во 10 часот – тогаш ќе стигнел дежурниот доктор. Се вративме во 10 часот. Болницата работеше само со ургентни случаи. Имаше 1 дежурен доктор. Во редот пред болницата имаше луѓе со скршени раце и нозе, трудници со компликации, стари лица во колички, луѓе со бубрежни напади како мене, човек со повредено око, мајка со повредено дете и можам да продолжам да набројувам. Сите групно стоевме пред болницата и офкавме. Медицинскиот брат пушташе по еден пациент. По 1 час чекање успеав да влезам внатре, само за да начекам уште еден ред пред амбулантата. Откако го исчекав и тој ред, ми беше кажано дека најверојатно имам камен во бубрегот, но морам да направам испитувања кои веднаш ги направив и излегов надвор да чекам резултати. Надвор имаше луѓе кои сè уште не беа влегле од 10 часот наутро.

Овој пат атмосферата беше поинаква. Луѓето во редот беа гневни, пробуваа насилно да влезат и воопшто не ги обвинувам – сите бевме во страшни болки и немавме како да стигнеме до било каква здравствена грижа. Од друга страна, не го обвинувам ниту медицинскиот персонал кој се снаоѓаше како знае и умее. Ќе повторам, на смена имаше еден доктор, една, две медициски сестри и еден медицински брат кој одржуваше ред. Сите беа исцрпени и избезумени.

Заштитни мерки од вирусот?! Мисловна именка.

Немаше никаква раздалечност меѓу луѓето надвор во редот, а во амбулантата влегувавме еден веднаш после друг. Едноставно немаше време за дезинфекција, менување на постели на креветите за прегледи, чистење на раце и било што друго. Уште час и повеќе чекав во редот надвор и откако едвај влегов заедно со резултатите, докторот повторно ме прими. Повеќето од реагенсите кои се потребни за да се направи точна дијагноза ги немаат во моментот, не може да се направи ехо, ниту ренген, но тој-и-тој антибиотик би требало да помогне. Следен пациент.

Навистина не разбирам како можев да добијам бубрежен напад за време на пандемија, на најдолгиот полициски час, на Велигден. Но исто така, не можам да разберам како е можно и прифатливо да не постои еден клинички центар за итни случаи кој би функционирал и во вакви услови?!

Следниот ден, поради огромните болки, бев приморна да примам две инфузии во приватна болница каде потрошив пари кои реално ги немам. Попладнето кога повторно бев способна да одам, успеав да стигнам до дежурениот уролог на Клиника, каде мислев конечно ќе добијам дијагноза. Испаѓа, на Клиника ехото не им работело два месеци. Чекав да дојде вторник за конечно да направам ехо, па потоа среда за рентген и така натака. За сето тоа време, постојано ме прегледуваа различни доктори, интернисти, дежурни, и добивам различна дијагноза и лекарства буквално од сите страни. Бев во сите болници во градот и иако месец дена строго се придржував кон мерките на Владата за спречување на ширење на вирусот, сега се чувствувам под реална опасност и од вирусот.

Едно нешто што знам со сигурност е дека 10 дена живеам со неподнослива болка, која почнува да има ефект и на моето ментално здравје, особено кога се соочив со фактот дека живеам во земја каде нема кој да ти дијагностицира камен во бубрег, проблем со кој се соочува секој трет човек во Скопје! Секако, не ми беа потребни камењата во бубрегот за да сфатам колку ни е кревок здравствениот систем, но дефинитно ми беа потребни за да сфатам дека нашиот здравствен систем во време на ваква криза едноставно не функционира.

Им симнувам капа на сите здравствени работници со кои бев во контакт (а бев во контакт со многу) кои во моментов работат во субстандардни услови и навистинаа даваат сè од себе за да ја дадат потребната грижа на пациентите. Но тоа не го менува фактот дека немаат услови за да дадат базична грижа: персонал доволно нема, болниците се прљави, многу услуги се недостапни, а болеста не знае да чека. Им симнувам капа и на сите болни во овој период (особено во време на полициски час) кој очајно одат од болница до болница во потрага по помош, а помош често нема.

Заклучокот кон кој целам е дека домашна изолацијата и полицискиот час, иако се логична мерка во моментов, прават мал милион проблеми во и онака слабиот здравствен систем, кој со корона криза или без, пука по сите шавови. Немам никакво познавање од медицина ниту справување со здравствени кризи, па последното нешто што сакам да правам е да солам памет за тоа како треба здравствениот систем да реагира во моментов. Но она што сакам да го посочам е дека и најмал здравствен проблем во вакво време-невреме може да се претвори во многу посериозен проблем. Затоа, да не се лажеме дека нашето здравство функционира. Да се придржуваме до мерките за спречување од ширење на вирусот до максимум, за да избегнеме комплетен крах на здравствениот систем, бидејќи не секој ургетен случај може да чека 3 часа пред да види доктор.