[Став] Крајно време да се уважат барањата на младите

Како млади и прогресивни луѓе бараме подобро здравствено осигурување и воведување на нов предмет сеопфатно сексуално образование, но исто така бараме посветено да се работи со младите и на локално ниво и да се преземат сите неопходни мерки да се спречи иселувањето и одливот на мозоци од земјава, пишува Симона Сарделиќ, член на Управен одбор на Национален младински совет на Македонија, во младинска онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

На 28 март годинава, Националниот младински совет на Македонија(НМСМ) потпиша Декларација за промовирање на ефективни политики за млади во Македонија со 12 подмладоци на политички партии (СДСМ, ДПА, ВМРО – Народна партија, ДОМ, ДУИ, ЛДП, ДС, ГРОМ, НСДП, Обединети за Македонија, Обединета партија за еманципација на Ромите и Демократска партија на Турците). Оваа Декларација се состои од 16 заложби, барања на младите, на кои заеднички се согласија НМСМ и подмладоците на политичките партии. По официјалното најавување на датумот за избори, 11 декември и по распуштањето на Собранието на РМ, НМСМ потсети на овој документ и укажа на важноста од реализирање на сите наведени 16 барања.

Барањата кои Национален младински совет на Македонија ги испрати до кандидатите за пратеници се производ на моменталните состојби и третманот на младите во државата.

Ние немаме Закон за млади, немаме ниту Министерство за млади, во Собранието на РМ освен за образование и студентски стандард не се говори за ниту еден друг проблем со кој се соочуваат младите луѓе. Сведоци сме дека и при носењето на веќе споменатите закони, ние како младински организации и најзасегнати во случајов не сме консултирани. Во земјава единствено постои Агенција за млади спорт. Со причина во претходната реченица е употребен глаголот „постои“, бидејќи оваа Агенција не ги задоволува потребите на младите, ниту пак располага со буџетски средства за Секторот млади, а нашите барања и заложби да обезбедиме средства во нејзино име, не беа земени предвид при изготвување на Буџетот за 2017 година.

Подмладоците во име на нивните партии, а со тоа во име на кандидатите за пратеници се обврзаа дека младите вистински ќе бидат во фокусот на новата влада. Од идните пратеници бараме да основаат лоби група за потребите на младите и преку неа да ги вмрежат сите институции кои се во допир со младинските прашања. Идните пратеници бараме да бидат во контакт со сите засегнати институции, организации и поединци кои работат во сферата на младите и заеднички да ги ислушаат проблемите на младите и да креираме политики кои ќе бидат соодветни на нашите барања.

Избраните пратеници бараме да не консултираат при носењето закони и одлуки кои се однесуваат на нас, младите. Како млади и прогресивни луѓе бараме подобро здравствено осигурување и воведување на нов предмет сеопфатно сексуално образование, но исто така бараме посветено да се работи со младите и на локално ниво и да се превземат сите неопходни мерки за да се спречи иселувањето и одливот на мозоци од земјава. Идните пратеници треба да сфатат дека студентите се една од најважните категории и да посветат посебно внимание на измени на целиот пакет закони за образование, но и да поддржат силни и независни студентски организации, кои ќе ги застапуваат студентите и ќе лобираат за нив.

Единствен документ кој се однесува на младите и младинските организации во моментов е Стратегијата за млади и бараме да не се повтори досегашното искуство и нејзиното донесување без соодветен буџет и рокови за нејзина имплементација. Сметаме дека овој документ треба да се разгледува и во Собранието на РМ и преку јавна расправа со учество на сите институции и младински организации надлежни за нејзината имплементација за да се гарантира квалитет и сеопфатност. Исто така сметаме дека НМСМ треба да врши мониторинг на нејзината имплементација и еднаш годишно сите засегнати страни да поднесуваат извештај за сработеното, кој повторно ќе треба да ги помине истите процедури на разгледување и усвојување во Владата и Собранието на РМ.

Не можеме, а да не нагласиме дека НМСМ е најголемо претставничко тело на младите во земјава, кандидат за членство во Европскиот младински форум, два пати дел од резолуцијата на Европскиот парламент преку препорака упатена до Агенцијата за млади и спорт за воспоставување на траен механизам за соработка, препорака која е игнорирана од Агенцијата. Оттука неминовно беше, едно од нашите барања да биде посветено токму на признавање и градење партнерство со НМСМ.

Процентот на младинската невработеност во земјава е поразителен, земјава не им нуди на младите луѓе никаква гаранција по завршувањето на образованието. Се форсира високото образование, се отвараат дисперзирани студии, а не се истражуваат потребите на пазарот на трудот и не се советуваат младите во однос на изборот на подобра иднина и поквалитетен живот. Бараме вработување на квалификувани млади луѓе согласно стекнатите вештини и знаење, нормално без партиска книшка, а токму департизацијата на младинското вработување е еден од предусловите за намалувањето на иселувањето, но и предуслов за создавање правна и демократска држава. Партиите мора да изнајдат друг начин преку кој ќе регрутираат млади луѓе, како на пример креирање политики по идеолошка основа, вклучување на младите во пишување на програмите, поголема застапеност на младите во партиските тела, но и овозможување поголема независност во работата на подмладоците, како финансиска, така и програмска.

На крајот останува после 11 декември да се бориме да ги искорениме погоре споменатите проблеми и појави. НМСМ ќе ги достави овие барања до избраните пратеници, по формирање на новата Влада ќе ги доставиме и до членовите на Владата, ќе побараме средби на кои ќе понудиме наши решенија и партнерство во процесите на исполнување на нашите барања. Ова се само мал дел од потребите на младите луѓе, но ние сметавме дека се едни од најважните и им дадовме приоритет. Се разбира продолжуваме да работиме за младите и да ги мониторираме процесите во земјава. Остануваме отворени за соработка со сите, ги повикуваме младите да ни се обратат за сите отворени прашања, но исто така ги повикуваме и институциите на соработка и уште еднаш им ја нудиме на новоизбраните функционери експертизата, искуството и контактите на НМСМ, како и на нашите органзации членки.