[Став] Конфликтите и неправдите кои произлегуваат од Источно медитеранскиот гасовод

Пишува: Џеј Ди Фаруџиа

Гасоводот Истмед-Посејдон ќе пренесува гас од Израел до Европа преку Кипар, Грција и Италија. Ова е проект кој сè уште е во рана фаза на развој, но и покрај тоа добива значителна политичка и финансиска поддршка од неколку влади, големи мултинационални корпорации, Европската Унија како и Соединетите Американски Држави. Освен еколошките последици од фосилниот гас, овој гасовод има сериозни геополитички и социјални импликации, што веќе разгоруваат конфликти и угнетување.

Фосилниот гас (или природен гас, како што го нарекуваат некои негови приврзаници) е фосилно гориво одговорно за шокантно голема количина на емисии на стакленички гасови, особено метан, кој е 21 пати помоќен од CO2. Гасот е екстрахиран преку процес наречен хидраулично фрактурирање или фракирање, за кој е познато дека уништува природни живеалишта и цели заедници. Понатаму, гасот е сè поскап извор на енергија што го прави лоша инвестиција, особено затоа што неговата побарувачка опаѓа брзо и ќе продолжи да го прави тоа и во наредните години, бидејќи обновливите извори на енергија стануваат поисплатливи и за зачувување на животната средина, борбата против климатската криза, но и за економијата.

Гасоводот Истмед-Посејдон

Илустрација: Марина Софиа Флевотомас / Гастивисти

Истмед-Посејдон е „мега-гасовод“ (би бил еден од најголемите во Европа ако се изгради) кој е поделен на два дела. Истмед ќе превезува гас од сливот Левантин до Грција преку Кипар низ политички спорни води. Посејдон потоа ќе го транспортира гасот преку Грција до Италија од каде што ќе биде дистрибуиран низ останатиот дел на Европскиот континент.

Покривајќи 2.100 км и на места, длабочина од 3 км под морската површина, гасоводот Истмед-Посејдон е проект вреден 6 милијарди евра промовиран од ИГИПосејдон, заедничко вложување помеѓу ДЕПА (Грција) и Едисон (Италија). Едисон е всушност сопственост на француската групација ЕДФ. Другите компании вклучени во проектот вклучуваат Delek и Ratio (Израел), Chevron и Exxon (САД), ENI (Италија), TOTAL (Франција), Royal Dutch Shell (Холандија), Qatar Petroleum и Kogas и BG (Кипар).

Новиот извештај на „Гастивисти“ ги потенцира геополитичките последици и неправдите кои се поврзани со гасоводот со посебен акцент на гасоводот Истмед.

Голем притисок од ЕУ

И покрај „ставањето акцент“ на декарбонизација и справување со климатската криза преку мерки како што е Европскиот зелен договор, ЕУ продолжува силно да ги поддржува новите проекти за гас како овој. Од ноември 2020 година, Европската Унија има потрошено скоро 36,5 милиони евра јавни пари на гасоводот Истмед-Посејдон и го вклучи проектот во списокот на Проекти од заеднички интерес. Ова означува дека ЕУ го оценува овој гасовод како „врвен приоритетен енергетски проект,“ давајќи му преференцијален третман и дозволувајќи му да заобиколи одредени регулаторни процеси.

Ова е затоа што ЕУ наводно смета дека тоа е проект што ќе промовира и создава „Енергетска безбедност“ и мир во регионот.

Вклучување на САД

Гасоводот исто така доби значителна поддршка од другата страна на Атлантикот. Минатиот септември, Конгресот на САД усвои предлог-закон за поддршка на проекти за гас во Источен Медитеран преку милитаризација и значително финансирање.

Веројатно не е изненадувачки што американскиот гигант „Ексон мобил“ има пристап до области за истражување на гас крај бреговите на Кипар и силно го лобираше донесениот закон претходно во годината.

Агресија и угнетување

Источниот Медитеран е жариште на геополитички конфликт и угнетување. Чудно е што политичарите во регионот, како и ЕУ и САД ги користат ваквите ситуации за да го оправдаат гасоводот, инсистирајќи дека тој ќе донесе мир, стабилност и безбедност. Но реалноста е дека гасоводот веќе предизвикува зголемени тензии и покрај неговата рана фаза на развој.

Во летото на 2020 година, „Кипарското прашање“ повторно се појави во глобалните вести кога се судрија турските и грчките воени бродови во источен Медитеран. Во 1974 година, турската војска го нападна Кипар и се судри со кипарските и грчките трупи. Оттогаш, Турција го окупираше Северниот дел на островот, нарекувајќи го Северен Кипар, територија што ја признава само Турција и водачите на територијата. Во 2011 година, Турција и Северен Кипар ги преструктуираа морските граници околу земјата и дозволија на Турција да дупчи во потрага по гас во областа која инаку припаѓа на Република Кипар. Конфликтите ескалираа со настаните минатото лето и најверојатно ќе се повторат, па дури и ќе ескалираат уште повеќе.

И покрај ова, и кипарските и турските влади го поддржуваат гасоводот „во име на безбедноста.“ За Кипар, ова означува безбедност од понатамошно турско насилство. Од друга страна, турската влада го користи за дополнително оправдување на своето воено присуство со цел да ги заштити своите претензии кон полињата на гас.

Поисточно, гасоводот продолжува да ги влошува крајно непостојаните ситуации во Левантскиот регион. И покрај тоа што и припаѓа на Палестина, израелската влада продолжува да го блокира извозот на гас од морското поле крај Газа со цел да ја ослабе економската и политичката моќ на Палестина. Дури и Шел ги повлече своите операции на ова поле на гас по израелскиот притисок.

Повеќе конфликти може да се набројат меѓу Израел и Либан околу полињата на гас лоцирани помеѓу двете завојувани земји.

Митот за мир и безбедност

И покрај сето ова, гасоводот Истмед-Посејдон се движи напред проголтувајќи ги парите на даночните обврзници и уништувајќи животи како последица на тоа, сето тоа под маската на мирот, стабилноста и енергетската безбедност. Како што истакнува извештајот на „Гастивистите“, бесмислено е да се применува наративот за енергетска безбедност на ЕУ во оваа ситуација од три причини:

  • Гасната инфраструктура наоколу континентот е сè уште недоволно искористена, а снабдувањето е исто така доволно безбедно дури и ако има нарушувања од страна на Русија.
  • Побарувачката за гас се намалува и ќе продолжи да го прави тоа со многу брз интензитет. Долгорочната визија на ЕУ забележува пад од 90% до 2050 година.
  • Голем дел од стравот околу „безбедноста“ произлегува од желбата на ЕУ да се ослободи од зависноста од руските резерви на гас. Новиот гасовод, сепак, веројатно ќе заврши пренесувајќи ефтин руски гас во секој случај.

Гасификацијата на Северна Македонија

Северна Македонија исто така ги заштитува своите ‘обложувања’ на гас бидејќи планира да инвестира над 400 милиони евра за гасифицирање на својата енергетска инфраструктура. Ова вклучува гасовод за интерконектор со Грција што ќе минува низ Неа Месимврија и Евзони во Грција преку Гевгелија и Неготино во Северна Македонија.

Гледаме многу од истите наративи од ЕУ и САД овде како и со гасоводот Истмед-Посејдон. Неодамна објавената Зелена агенда: Поддршката на ЕУ во декарбонизацијата на Западен Балкан дури го смета гасот како одржлив „отскочен камен“ кон декарбонизација.

Во ноември 2020 година, американската амбасадорка во Скопје, Кејт Бирнс, ги предупреди“ присутните на македонскиот енергетски форум дека земјата сè уште е во голема мера зависна од руски гас и дека треба да му даде приоритет на гасниот интерконектор со Грција, повикувајќи ги „двете земји да се движат брзо за да ги надминат сите бариери на оваа зделка“.

– – – – – – – – – –

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.